Османи од Чаир: Мојата сила е интегритетот

Во емотивно обраќање пред повеќе од 600 членови и поддржувачи, кандидатот за градоначалник Бујар Османи истакна дека изборната трка има пошироко значење од стандардна политичка кампања.

„Овде се создава народно-општествено движење на отпор и надеж,“ порача Османи пред полната сала во Чаир.

Тој нагласи дека ова движење е реакција на исклучувањето, дискриминацијата и политичката ароганција која трае повеќе од 20 години. „Граѓаните не сакаат само замена на еден функционер со друг, туку промена на културата на владеење – крај на узурпацијата, корупцијата и мрзеливоста.“

Османи го истакна интегритетот како своја најсилна политичка вредност: „Ако имам политички капитал, тоа е интегритетот. Ниту како хирург, ниту како политичар, не сум дозволил некој да покаже прст кон мене. Тоа е моето најголемо богатство кое го нудам на граѓаните.“

На крајот, тој ги повика поддржувачите на активна мобилизација: „Не застанувајте. Тропањето на врати, разговорите, поддршката – сето тоа е дел од нашата заедничка кауза. Правдата е на наша страна.“

Зачлени се на нашиот е-билтен