Почна дистрибуцијата на гласачките ливчиња за локалните избори

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги презеде гласачките ливчиња од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола и започна со нивната дистрибуција низ целата држава, со што официјално започнува финалната фаза од подготовките за локалните избори 2025, кои ќе се одржат за три дена.

Вкупно се испечатени 4.613.438 гласачки ливчиња за избор на градоначалници и советници. Најдолгото ливче е со должина од 50 сантиметри, а сите се изработени со високи безбедносни стандарди и заштитни елементи, со цел да се обезбеди тајност и интегритет на гласањето.

„Печатењето на изборните ливчиња е најсложената операција што се спроведува во нашата печатница и вклучува строги контроли на секој чекор. Секој учесник на изборите мора правилно да биде наведен, а оваа година дополнително беше усложнето поради различните коалициски состави на партиите по општини,“ изјави Вангел Талевски, генерален директор на „Киро Дандаро“.

Дистрибуцијата ја спроведуваат 17 тимови на ДИК, а транспортот на доверливиот материјал се одвива под засилено обезбедување со присуство на полициски службеници од Министерството за внатрешни работи (МВР), поради високото ниво на безбедносен ризик што го носи овој процес.

Во единствениот избирачки список се запишани 1.832.415 гласачи, кои ќе гласаат на 3.480 избирачки места. Од нив, шест нема да бидат отворени, бидејќи во тие општини нема жители со право на глас.

Покрај гласачките ливчиња, до општинските изборни комисии се доставува и останатиот изборен материјал – паравани, уреди за отчитување на биометриски податоци и други потребни материјали. Процесот го следат набљудувачи од политичките партии, граѓански организации и меѓународни институции, со цел да се гарантира транспарентност и регуларност на изборниот процес.

Со денешната операција, изборниот процес влегува во завршна фаза, а државата ги заокружува подготовките за изборниот ден.

Зачлени се на нашиот е-билтен