Првични резултати: Ѓорѓиевски пред Мециновиќ, Герасимовски води во Центар

Според првичните резултати од вториот круг на локалните избори 2025 година, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, води во трката за градоначалник на Скопје со над 65.000 гласови, наспроти кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кој има околу 35.700 гласови. Пребројани се околу 70 отсто од избирачките места.

Најголемата предност Ѓорѓиевски ја остварил во општина Сарај, каде што според податоците од 86 отсто обработени избирачки места, има 3.257 гласови, додека Мециновиќ освоил 408.

Во општина Центар, кандидатот на СДСМ Горан Герасимовски е во водство со 6.400 гласови, пред кандидатот на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, кој има 4.820 гласови, од досега обработени 58 отсто од избирачките места.

Најнеизвесната трка, според моменталните резултати, се води во општина Карпош, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, има 6.139 гласови, а Стевчо Јакимовски од коалицијата Искуство за успех 5.612 гласови. Таму се обработени околу 46 отсто од избирачките места.

Резултатите се од првичниот пресек на Државната изборна комисија и можат да се менуваат како што продолжува пребројувањето на гласовите.

Зачлени се на нашиот е-билтен