Иако ова не е посакуваниот резултат за СДСМ, но бележиме стабилизација и раст во повеќе општини. Вкупниот број гласови покажува дека СДСМ ја намлува разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, а ја заголемува во однос на ЗНАМ и држи стабилна предност пред Левица. Ова јасно укажува дека вкупниот амбиент се менува, пишува во соопштението на СДСМ до медиумите.
„ВМРО-ДПМНЕ попусто се обидува да прикаже огромен триумф, кога реалноста е дека бројките покажуваат голем пад во довербата во владините партнери“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ истакнуваат дека и покрај сите притисоци, уцени, поткуп и злоупотреба на сите полуги на власта, ВМРО-ДПМНЕ изгуби речиси 140.000 гласа од минатогодишните избори. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ падна дури и под резултатот од 2021 година. Заедно со ЗНАМ, владејачките партии изгубија над 155.000 гласови информираат од опизициската партија.
„СДСМ ќе продолжи да работи на консолидација на партијата и победа во повеќе општини во вториот круг. Имаме солидни резултати во повеќе општини, но и места каде што во иднина мора да се работи за зголемување на поддршката. Со оглед на фактот што на овие избори имаше низа независни кандидати и листи кои, пред сè, одземаа гласови од опозицијата“, се нагласува во соопштението.
Во вториот круг СДСМ го зголемува својот коалиционен капацитет, коалицијата на СДСМ со граѓаните и со другите партии од опозицијата допрва ќе расте, твдрат од оваа партија.
„На ВМРО-ДПМНЕ им порачуваме, наместо да се бават со СДСМ и бараат оставки, да се соочат со фактот дека нивните политики во изминатата година се катастрофални а падот на гласови се должи токму на тоа“, порачуваат од Бихаќка.
СДСМ најави дека продолжува веќе од утре со кампањата.
„Ги повикуваме сите наши членови и граѓаните кои гласаа за други кандидати што не влегоа во вториот круг, масовно да ја дадат поддршката за нашите кандидати“, апелираат од СДСМ.