Порталот „Плусинфо“е во целосна функција на пропагандата на ДПМНЕ, и наместо да информира објективно, шири неточни интерпретации и со манипулативни наслови се обидува да извртува вистината од изјавата на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, реагираат во допис до медиумите од опозициската партија.
„На прес-конференцијата, претседателот Филипче јасно и прецизно истакна дека станува збор за „резултати од преброени близу 70% од гласовите“, што е проверлив факт, јавно достапен. Наместо објективно, непристрасно и вистинито да ја информира јавноста, Плусинфо тенденциозно манипулира, етаблирајќи се како мегафон на ДПМНЕ“, се истакнува во реакцијата.
Од СДСМ велат дека „мегафоните на ДПМНЕ не може да го докажат „огроменнот триумф“ на ДПМНЕ затоа што бројките покажуваат спротивно, пад од над 140.000 гласа во однос на минатогодишните избори. Тоа е факт што ниту еден пропаганден наслов не може да го сокрие“, посочуваат од партијата.
Во реакцијата на СДСМ се вели дека граѓаните заслужуваат точни информации, а не дезинформации во служба на власта и дека „Плусинфо“ треба јавно да му се извини на д-р Венко Филипче и да ги исправи неточните наводи.