СДСМ: Во секоја општинска организација имаме подобар резултат во споредба со лани

СДСМ

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција по завршувањето на локалните избори истакна дека во секоја општинска организација имааат подобар резултат во споредба со лани и дека очекуваат победа во осум општини, а во пет општини се води тесна битка.

Од СДСМ оценуваат дека изборниот ден генерално се одвивал мирно, но биле констатирани бројни неправилности и прекршувања на изборниот процес.

„Имаше злоупотреба на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, кршење на изборниот молк преку агитирање, како и нерегуларности при самото гласање“, рече Димитријевиќ.

Тој посочи конкретни случаи: во Лозово бил спречен обид за поткуп, а во Куманово и Ѓорче Петров имало случаи кога на еден гласач му биле дадени повеќе ливчиња, вклучително пет ливчиња од претседателката на избирачко место на својот сопруг. Во Студеничани, членови на избирачко место истовремено биле и на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ, а во Прилеп и Крива Паланка биле регистрирани закани и притисоци кон активисти и кандидати на СДСМ.

Димитријевиќ истакна и други нерегуларности: користење на општински објекти за кампањи на ДПМНЕ во Неготино, агитирање од страна на лица со службени возила во Богданци, присуство на командири и началници на полиција во кампањата на терен, назначување роднини на кандидати во општинските изборни комисии и закани од кандидати во Гратско. Исто така, имало злоупотреба на лични податоци за гласање на болни и немоќни лица во Јагуновце, како и попречување на работа на новинарски екипи во Карпош, Охрид и Тетово.

„Овие настани бараат итна реакција од ДИК, Јавното обвинителство и МВР за да се обезбеди одговорност и да се заштити слободната волја на граѓаните“, нагласи Димитријевиќ.

Тој додаде дека правниот тим на СДСМ подготвува поднесување соодветни пријави до надлежните институции.

Според досега пристигнатите резултати, СДСМ води и очекува победа во Центар, Кривопаланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново, Блешово, Кривогаште и Богданци, додека во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковци и Лозово се води тесна битка. Во Дојран водат, но најверојатно ќе има втор круг.

„Со задоволство констатираме дека во секоја општинска организација имаме подобар резултат во споредба со минатата година“, заклучи Димитријевиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен