Во сенката на повеќедневните протести на жителите од Аеродром, Кисела Вода, Лисиче и Ново Лисиче, Вардариште повторно стана тест за сериозноста на градските политики. Каја Шукова, инженер и кандидатка за градоначалничка на Скопје, во мега интервјуто за Рацин.мк ја сече дилемата без шпекулирање: „Парк не може да има и не треба на тој начин да ги манипулираме граѓаните.“ ‘Рѓосаните ветувања за „брзо зеленило“ врз старо градско ѓубриште, вели таа, се опасна илузија, по здравјето на граѓаните.
Шукова потсетува на фактите што досега ретко се кажуваат јавно: локацијата била градска депонија до изградбата на „Дрисла“, со околу два милиони метри кубни ѓубре, наталожено 10–12 метри во длабочина. Скопје лежи на води; во утробата на Вардариште има метан и други гасови со ризик од запалување, а контаминацијата ја зафаќа и почвата и подземните води. „Илузорно е да кажете дека за една година ќе го порамните земјиштето, ќе засадите трева и ќе направите патики. Тоа се долги процеси,“ вели таа, нагласувајќи дека пуштање деца да играат таму значи изложување на „контаминирана и канцерогена површина“.
Во таа рамка, Вардариште е „хотспот“ – жешка точка која бара стручна деконтаминација и трпение. Шукова се повикува и на постара студија која „укажава што треба да се направи“, иако „не го нуди финалното оптимално решение“: од вкупно четириесет и неколку хектари, околу дваесетина се контаминирани со отпад. Планот што го предлага е прагматичен: лоцирање и затворање на загадениот дел, системи за зафаќање на гасови (метан), изолација кон подземните води и постепена ревитализација според познати европски и светски техники, без импровизации и козметика.
Клучниот, често премолчуван дел од приказната е претоварната станица. „Кога ќе кажете ‘го затворам Вардариште и правам парк’, им должите одговор: каде ќе се претовара отпадот?“ – прашува Шукова.
Нејзината позиција е недвосмислена: мора да има современа претоварна станица, и тоа во поширокиот опфат на Вардариште, но на чиста локација и по европски методи. Само така може да се затвори контаминираниот дел, а градот паралелно да функционира без колапс во собирањето и транспортот на отпадот кон „Дрисла“.
Вториот столб на планот е намалување на количината отпад што воопшто стигнува до претовар. Тука, вели Шукова, Скопје мора да престане со „лажна селекција“. „Едно возило на Комунална хигиена ги собира сите три канти. Тоа не е процес на селекција,“ сведочи таа. Краткорочно, во 1–2 години, треба да се воведат нови услуги и распоред: на пример, понеделник – комунален отпад, вторник – пластика, среда – хартија/алуминиум/стакло. Но тој распоред има смисла само ако градот обезбеди реални пунктови за прибирање и сортирање, и ако системски се вклучат колективните постапувачи (за пластика, хартија, масла и др.) – партнери кои со години градат капацитети за рециклирање.
Третиот, често заборавен елемент е циркуларната економија. „Отпадот е ресурс,“ вели Шукова, предлагајќи и градска дробилка за градежен шут – практика позната во развиени градови – со чиишто фракции потоа се санирaат улици и патишта. Наместо да плаќаме за да закопуваме, градот може да заштеди и истовремено да скрати количини што завршуваат на депонија.
Вардариште вели таа е стрплив инженерски зафат, а не маркетинг проект: затворање и санација на контаминираниот појас, метан-каптија и хидроизолација, нова, чиста и стандардизирана претоварна станица во истиот опфат, плус реална селекција со неделен календар, партнерство со колективните постапувачи и циркуларни решенија што го третираат отпадот како ресурс. Нема пречици или „брзи паркови“, туку план кој ја става безбедноста на граѓаните и долгорочната екологија пред кампањските флоскули.