Шукова најави 100 мурали за поубаво и инспиративно Скопје

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска го претстави проектот „Скопје – град на мурали“, кој предвидува изработка на 100 нови мурали низ градот во текот на првата година од нејзиниот мандат.

„Скопје е наш дом и сите сакаме да го гледаме чист, убав и инспиративен,“ истакна Шукова. Таа посочи дека денешните јавни простори често се запуштени, а ѕидовите уништени со хаотични графити кои ја нарушуваат сликата на градот.

Проектот не само што има за цел естетско разубавување на градот, туку и промовирање културни и општествени вредности преку современа уметност. „Овие мурали ќе носат пораки за надеж, култура, заедништво и љубов кон нашиот град,“ додаде Шукова.

Во реализацијата ќе бидат вклучени локални уметници и млади креативци, со што се поддржува домашната уметничка сцена и активно граѓанско учество во разубавувањето на Скопје.

„Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење – град со кој секој ќе се гордее,“ заклучи Шукова.

Зачлени се на нашиот е-билтен