Во објава на социјалните мрежи, кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ Каја Шукова од посетата на Калето – најстариот симбол на Скопје, кој со години е оставен на милост и немилост, порача дека Скопското Кале не е смет – тоа е нашата историја и богатство.
„Неразбирливо е како ДПМНЕ и Арсовска имаа време за кичот „Скопје 2014“, за стиропор и врби во Вардар или за враќање на Ќосето пред судот, но не најдоа волја за ревитализација и одржување на Калето – најголемиот културен и археолошки споменик на градот“, напиша Шукова.
Таа дополни дека како експерт за животна средина, на Кале не треба да се гледа само како на „туристичка дестинација“, туку како на жива меморија што заслужува почит, инвестиции и континуирана грижа.
„Ова не е само прашање на косење трева – ова е прашање на почит кон историјата, одговорност кон иднината и грижа за просторот што нè дефинира“, дополни Шукова.
Таа го цитира и Андреј Жерновски со кога заедно го посетија симболот на Скопје, кој вели: „Ова не е периферија на градот, туку срцето на Скопје. Место што треба да биде пример, не срам.“
Од оваа посета на Скопското Кале кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ Каја Шукова, вели дека „заедно ќе се избориме за град кој не го крие срамот, туку го претвора во шанса – каде што секој јавен простор има смисла, вредност и живот. Кале ќе го вратиме во полно светло, како гордост на Скопје“.