На денешната пленарна седница пратениците изгласаа Декларација за фер, слободни и демократски избори – прв ваков документ во историјата на Собранието, предложен по иницијатива на пратеници и со широка поддршка од речиси сите парламентарни групи.
Со декларацијата се испраќа јасна порака на единство и политичка одговорност пред локалните избори закажани за 19 октомври. Документот има за цел изборниот процес да биде натпревар на идеи и програми, а не поле на поделби и тензии.
Во текстот се повикува на политичка култура, почит и мирна кампања, без говор на омраза, корупција или обиди за манипулација. Посебен акцент е ставен и на улогата на медиумите – да обезбедат фер простор за промоција на кандидатите и нивните програми, со што ќе се создаде позитивна и достоинствена атмосфера.
„Само ако настапиме обединети и посветени на демократските вредности, ќе победиме сите – и граѓаните и државата,“ истакна предлагачот на декларацијата.