После три години ветувања и манипулации, граѓаните на Ѓорче Петров се сведоци на истата слика – „Мега Паркот“ врз затрупаната депонија во Ново Село на градоначалникот Александар Стојкоски е ништо друго освен најголемата еколошка бомба во општината, прикриена под тенок слој почва и трева, предупреди денеска Маја Стојкоска, советник во Општина Ѓорче Петров.
„Ова е еколошка бомба, закопана под тенок слој земја и трева. Денес дрвата се болни, се сушат и паѓаат, сведочејќи дека почвата е контаминирана. А децата од околните училишта се носат тука на екскурзии. Градоначалнику Стојкоски, кажете ја вистината – дали ја исчистивте депонијата, каде е отпадот и дали ова место е безбедно за нашите деца?“, прашува Маја Стојкоска.
Депонијата во Волково со години беше извор на загадување на почвата и водата во близина на реката Лепенец. Таму се фрлале кабаст отпад, градежен шут, мрши од животни и индустриски остатоци. Во неколку наврати граѓаните ги фотографираа и камионите на Општината како исфрлаат отпад на истиот простор.
Стојкоски пред да стане градоначалник најавуваше темелно чистење и анализа на почвата. Но во практика, наместо илјадници тони отпад, во Дрисла завршија само 8 камиони, и тоа во количина што не одговара на површината на депонијата. Дел од отпадот остана затрупан под земја – токму таму каде што денес е изграден парк за деца.
Иако денес истиот локалитет се претставува како парк за семејства, со затрупување на депонијата и поставување на тенок слој почва и тревник, проблемот не е решен. Напротив, создаден е ризик за идните генерации, кои на оваа токсична почва треба да се рекреираат и играат, а градоначалникот Стојкоски треба да одговори на клучните прашања: Дали е исчистена депонијата? Каде е ѓубрето? И дали е безбедно ова место за нашите деца?