(Видео) Д-р Трајановски: Аеродром заслужува живот без канцери

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од коалицијата СДСМ, д-р Александар Трајановски, одржа подкаст со Мерима Митевски од движењето Skopje Smog Alarm за загадувањето, урбаната хигиена и здравствените ризици, со јасна изборна порака: Аеродром заслужува живот без канцери и да добие системско управување со отпад и чистота. Во дискусијата се вклучи и Гордана Перовиќ, дипломиран инженер по технологија и консултант за екологија во Србија, која сподели искуство од санацијата на депонијата „Прелиќ“ во Чачак – пример што, според учесниците, може да се примени и кај нас.

Клучната тема: „Вардариште“ и здравјето на жителите

Разговорот ја стави под лупа дивата депонија „Вардариште“, чест извор на чад и непријатна миризба што ги погодува населбите во Аеродром и Гази Баба. Активистите потенцираа дека проблемот не е само комунален, туку јавно-здравствен, бидејќи неконтролираното согорување и складирање отпад можат да испуштат фини честички и токсини опасни за респираторниот систем, особено кај деца и постари лица. Паралелно, беше отворено прашањето за транспортот на отпад до „Дрисла“, селекцијата и следливоста на тековите на отпад – од контејнер до постројка.

Во подкастот беа издвоени неколку јасни насоки што, според учесниците, треба да станат обврска на локалната власт:

  • Ограничување и физичко обезбедување на „Вардариште“ (оградa, 24/7 надзор, контролиран пристап), со брз план за инженерска санација и транзиција кон центар за управување со отпад наместо „сиво“ депонирање.
  • Траса и режим за чист транспорт до „Дрисла“, со редовна дезинфекција на возилата/контејнерите и јавна евиденција за турите – за доверба и транспарентност.
  • Еко-патроли и засилени инспекции за диви депонии, во координација со граѓани и Здруженија (апликација/телефонска линија за брза пријава, рокови и јавно објавени решенија).
  • Селекција на извор – пилот-зони со „сува/мокра“ фракција и зелени острови, со договори со рециклатори и стимули за домаќинства/колективни влезови.
  • Мерење и објавување податоци: редовен мониторинг на воздух/мириси на критични точки и месечни извештаи – здравството и екологијата во ист кадар.

Перовиќ инсистираше на технички дисциплиниран пристап – проектантска документација, динамика, буџет и јавни набавки според еко-стандарди – посочувајќи дека решението за „Прелиќ“ во Чачак тргнало токму од оградување, контрола, насочено покривање и обработка за да се спречи ширење прашина и пожари, а потоа следувале фазите за трајна санација.

Трајановски веќе ја отвори темата со мерки за урбана хигиена и редовност на чистењето, зајакнати инспекции и дежурна линија за диви депонии. Во оваа дебата тој ја прошири рамката со здраствен фокус – идеја за меѓуопштинска координација (Аеродром–Гази Баба–Град Скопје) и јавен „еко-табло“ на кој граѓаните ќе гледаат каков отпад, кога и каде е подигнат/пренесен и со кој превозник. Од активистите дојде јасно очекување: расклопување на „вечните“ изговори (тендери, надлежности, „не е наша работа“) и замена со рокови, одговорни лица и проверливи резултати – мерено во помал мирис, помал чад и почисти улици.

„Дрисла“ и кругот на одговорност

Разговорот ја допре и „Дрисла“ – не само како крајна дестинација, туку како дел од логистички синџир што мора да е предвидлив и транспарентен. Перката од разговорот е дека општината има легитимно право (и обврска) да постави стандард за квалитет на услугата што ја плаќа – од празнење контејнери, преку перење и дезинфекција, до следливост на рутите. Без тоа, жителите го плаќаат најскапиот „скриен данок“: загаден воздух и нарушено здравје.

Хигиената и загадувањето се видливи и мерливи. Секоја недела без систем значи нова дива депонија, ново палење, нови поплаки. Пораката од дебатата е дека „уредувањето“ не е козметика: тоа е инфраструктура + контрола + транспарентност. Во изборен превод: механизација на терен + инспекција со заби + јавни податоци. Доколку Аеродром ја „намести машината“, ефектот ќе се види за неколку месеци, а ќе се почувствува со години.

Зачлени се на нашиот е-билтен