Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека во 33 општини изборите за градоначалник се завршени во првиот круг, откако до истекот на законскиот рок не биле поднесени приговори за постапката на гласање или за сумирањето на резултатите.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на денешната 149-та седница изјави дека од вкупно 44 општини за кои во понеделникот беа објавени првични официјални резултати, во 11 општини се поднесени приговори. Комисијата ќе ги разгледа приговорите денес или најдоцна утре, а по донесените одлуки подносителите ќе имаат право на тужба до Управниот суд.
„Во 33 општини нема поднесено приговори и таму изборите за градоначалник се сметаат за завршени со конечни резултати во прв круг,“ изјави Кондарко.
Општините во кои изборите се завршени се: Берово, Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Крива Паланка, Липково, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласница, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Теарце и Штип.
Во 11 општини резултатите сè уште не се конечни поради поднесени приговори: Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.
Во однос на изборите за советници, ДИК објави дека во 64 општини нема приговори, па таму гласањето е завршено и резултатите се конечни. Меѓу нив се и Град Скопје, Куманово, Битола, Охрид, Струмица, Тетово, Центар, Карпош, Штип и други општини.
Во тек е разгледување на 17 приговори за изборите за советници во општините Шуто Оризари, Босилово, Прилеп, Гази Баба, Чашка, Аеродром, Долнени, Ресен, Бутел, Гостивар, Кривогаштани, Богданци, Чаир, Велес, Виница, Карпош и Кичево.
Кондарко соопшти дека пет приговори поврзани со лично избирачко право биле едногласно одбиени како неосновани. Приговорите ги поднеле лица од општините Гази Баба, Сарај, Желино, Валандово, Карпош и Аеродром.
Вкупно, до ДИК се поднесени 57 приговори, од кои 37 се однесуваат на утврдување и сумирање на резултатите, а 20 на самата постапка на гласање.