78% ПАПАГАЛИ

Преговорите со ЕУ за фундаменталните вредности се шеќер за забите на лавчето. А новиот закон за јавниот сектор, му е шишање – нуларица на гривата, сосе опашот.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Во јануари годинава се случиле две поврзани работи. Првата, на 5 јануари, е јавна, а тоа е извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација за прифаќање на препораките за воедначена методологија за пресметка платите во јавниот сектор, заедно со објавувањето на ЕНЕР на самиот Нацрт-закон за системот на плати во јавниот сектор.

Втората работа се случила на 25 јануари, но за неа можело јавно да се дознае дури на 21 март од Уставниот суд, а тоа е дека адвокатот Бојан Стојевски поднел иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на две одредби од законите за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица – едната во Службен весник бр. 97 од 2010 г. и другата во бр. 139 од 2014 г. Уставниот суд бил многу детален и ги анализирал сите промени што се однесуваат на конкретните членчиња од тој закон за плати, од сите години по ред, во Одлуката 113/2022: https://ustavensud.mk/?p=23879

Така, дознаваме дека овој закон бил наследен од СФРЈ, односно Социјалистичка Република Македонија и дека основицата по која платата се пресметувала била просечната плата на државно ниво – од секоја претходна година. Првата интервенција во насока на хаотизирање била направена од владата во 2008 г. (ВМРО-ДПМНЕ) кога зборот НЕТО е избришан. Според мене, за ова би требало некој да побара толкување од Законодавно-правната комисија на Собранието – што, всушност, би требало да подразбира бришењето на ова зборче: Дека конкретната сума за основица ќе се смета за бруто? Или дека сепак е нето? Исто така, треба конкретно во пракса да се каже колку е таа сума и зошто така се смета како што се смета. И кој е тој што протолкувал (и кога) дека таа сума се смета како нето или бруто (или на друг начин) во ситуација кога во законот не пишува што е.

Токму поради ова, ги толкувам како злонамерни и овонеделните „жалопојки“ на претседателот на синдикатот на УПОЗ (Управата, Правосудните Органи и Здруженија на граѓани!) на ТВ Сител, кога нафрла само проценти или апсолутни разлики („од 600 до 1000 евра“), а избегнува да ги каже целосните податоци, односно од која основна сума пресметува, па да можеме да ја споредиме со основиците на платите на оние кои ги застапува, а и други вработени. Недостигот на зборчето „нето“ сигурно не ја направило пресметката да биде бруто, па оттука е моето уверување дека Деаноски греши кога зборува за 78% (и од око, дури, со целобројните основи 26 и 31 илјади, односот не може да биде ни блиску до 78%!). Лично мислам дека ништо не пресметал самиот бидејќи никогаш не ја спомна почетната сума (основицата). Само во „Независен“ беше споменат негов (на Трпе Деаноски) пример за „покачување“ од 80 на 94 илјади, од кадешто повторно од око се гледа дека не е ни блиску до некакви 78%! Борбата за подобрување на платите во дејностите што Синдикатот на УПОЗ  ги застапува, ја врши токму преку несоодветно издвојување на 14-15 илјади вработени  – со прикривање на целосната информација за нив, земајќи ги на тапет на нефер начин, со селективни податоци пред јавноста.

Овие два датуми, 5 и 25 јануари се, значи, и тоа како поврзани. Прво што може да се забележи во новиот Нацрт-закон за системот на плати во јавниот сектор, е дека за сите дејности, основниот репер ќе биде минималната плата, а не просечната плата. Колку недозволиво како за претседател на синдикат за управа, правосудни органи итн., го игнорирал објавениот Нацрт закон за системот на плати во јавниот сектор од 5 јануари, се гледа и од страната на УПОЗ, каде на 6 март, кај Министерот за информатичко општество и администрација барал „…нов начин за пресметка на платите во администрацијата и правосудството преку поврзување со просечната плата“! Но, на стариот Закон за плати и надоместоци за избрани или именувани лица му доаѓа крај, укинување, заради оваа нова, ЕУ-стандардизирана методологија во новиот закон, моментално во Нацрт.

Затоа и тајмингот на адвокатот Бојан Стојевски е урнебесно комичен. Зарем адвокатот не бил свесен дека 20 дена пред да ја даде иницијативата, бил објавен нов Нацрт-закон кој би го заменил стариот закон? Зарем не сфатил дека законот за кој дава иницијатива до Уставниот суд, набрзо ќе биде тргнат во некое депо, како застарена минатовековна работа? Или баш – знаел? Бидејќи, внимавајте, иницијативата му е за закон од 2010 г. (од пред 13 години!), а другата – за од 2014 година! И сега, кога е позната новата методологија и преточена во Нацрт закон на 5.01.2023 г, (да се донесе како Закон до јуни, како што се смета) – адвокатов, баш на 25.01.2023 г. ја поднесува иницијативата до Уставен суд за промени на стариот закон – кој до јуни ќе биде во канта! Не поднел иницијатива до Уставниот суд во 2015 г., не ни во 2020 г., туку баш 20 дена откако јавно е објавен Нацрт-законот за системот на плати во јавниот сектор! Кога е извесно дека ќе стане Закон! Кога е 100% јасно дека стариот закон за кој бара интервенција од Уставниот суд – веќе нема да постои за некој месец од тој ден!

Според мене, вакви „случајни случајности“ не постојат, тоа се чисти намерности. Затоа, сметам дека неговата иницијатива е со намера да предизвика штета. Се разбира, мора да има некој кој ќе ја рашири веста, а прв излезе претседателот на УПОЗ кој селективно изнесуваше податоци. Потоа и медиумите кои ништо не анализираа, во ништо не навлегоа, дури и не го дадоа ни линкот на Одлуката на Уставниот суд (освен „Независен“ и мал број други, кои дадоа линк до Соопштението на Уставниот суд од тој датум). И до ден денес, цел месец потоа, ништо не отворија да видат, туку само на еден нискоинтелигентен начин на граница на говор на омраза – срамно за новинари и медиумски куќи, папагалски повторуваат  „78% покачени плати“. Тврдам, дури, дека со неписмените одредби кои ВМРО-ДПМНЕ ги инсталирало во 2010 и 2014 г., ова е безобразно да се нарече „покачување“, туку самиот збор е намерно пропагандно трикче. Треба да се гледа од обратната страна – Зошто платата не останала како што уставно било правилно, туку ВМРО-ДПМНЕ ставило неуставни одредби? Бројот на неуставности во законите кога ВМРО-ДПМНЕ било власт – е запрепастувачка!

Сите овие локални кочења доаѓаат од желбата на неколкумина во предните ешалони на ВМРО-ДПМНЕ да им остане што подолго опцијата да работат во матно. Имено, да се сетиме, дека со продолжувањето на преговорите со ЕУ после скринингот, прво и основно е поглавјето за Фундаменталните вредности – правосудство, обвинителство, јавна администрација, јавни набавки и економските критериуми! Затоа и не им се допаѓа продолжувањето на преговорите со ЕУ (ич ќе нема „мед“), па си ангажираат дронови кои ќе врескаат де за Бугарите, де вакви чудаци – со „страшни“ тајминзи и селектирани податоци (а и тие „на штаки“) за закон кој неминовно ќе престане да постои. А Владата, точно поради тоа што следното поглавје е за фундаменталните вредности, во текот на 2022 година ги ангажирало Министерствата – за информатичко општество и администрација, за финансии, за труд и социјална политика, Генералниот секретаријат на Владата и експертите од СИГМА иницијативата на ОЕЦД и ЕУ. Одржале 11 состаноци со многу детални анализи за системската регулатива за пресметка на плати и други надоместоци во јавниот сектор (1346 институции со 132088 вработени до 31.12.2021, а за 2022 министерот завчера ги објави на прес: 129374 вработени). Бидејќи, моментално, „системот“ (ако така може да се нарече) е каша-попара – платите и надоместоците се уредуваат некаде со посебни закони, некаде со општите прописи од работните односи, некаде со колективни договори, а некаде дури и со подзаконски акти!

СИГМА на ОЕЦД и ЕУ, со нас е во многу конкретна фаза на регулативата – методологијата е создадена со модерен и супериорен алгоритам во однос на тековниов. Всушност, тешко дека воопшто може тековнава салата од актчиња и подактчиња да се нарече „алгоритам“, просто се распаѓа од сите страни и има дупки како швајцарско сирење.  Остануваат само висечките синдикатски гранки и кантите од правилници по здруженијата да се приберат низ усогласување преку застапниците.

Сите овие податоци што ги објавувам се јавно достапни на ЕНЕР: https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=77498&fbclid=IwAR3Tf4sQGd5Q9mTvzdSYRNFrmMYydl7h0kpPMD_QM9zeTLwlMMEGMHUSQRQ и, посебно, на СИГМА, за какво консултативно тело се работи и какви „терапии“ применуваат: https://www.sigmaweb.org/countries/north-macedonia-sigma.htm

За конкретно да се види каков робустен „ортопедски“ зафат е тоа, доволно е да се отвори објавениот Нацрт закон за системот на плати во јавниот сектор на самиот сајт на ЕНЕР. Краток закон, како што и треба, а не ферманите од изминатата деценија, во кои само уште што не пишуваше каква боја облека во кој ден од неделата да носиме. Платите (и надоместоците) на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет, членовите на Советот на јавните обвинители, се тековно, пак, регулирани со 4 закони за плати на секоја од овие 4 бранши. Посебен закон за плати и надоместоци за избрани или именувани лица има за: Претседателот на државата, пратениците, функционерите кои ги избира или именува Собранието и носители на правосудни функции, заедно со раководните работници назначени од надлежните тела на Собранието. Овој закон за плати и надоместоци за избрани или именувани лица е оној истиот за кој Уставниот суд одлучувал по иницијативата на адвокатот. Инаку, за останатите дејности во јавниот сектор има уште закони за плати, а згора на нив е и Законот за административни службеници, колективни договори, и по гранка, и по работодавач, а и дополнителни правилници, од кои сите се во тотален конфликт и хаос. Значи, Владата уште лани сериозно се зафатила да го среди овој расфрлан шифоњер и да го исправи ‘рбетот на јавниот административен систем, односно да се воспостави јасна и воедначена методологија за пресметка на плати во јавниот сектор, усогласени со ЕУ-стандардите.

Ајде сега да ја расчистиме идејата зад „молскавичната“ реакција на адвокатот Стојевски од 25 јануари  2023 г. за одредби од 2010 и 2014 г. и да го повикаме Трпе Деаноски да се изрази како човек, а не папагал. Како што споменав погоре, во актуелниот закон за плати и надоместоци за избрани или именувани лица, платата, уште од СФРЈ им била поврзана со просечната плата.  Владите на ВМРО-ДПМНЕ, освен она смутливо бришење на зборчето „нето“ во 2008 г., од 2009 г. почнале да додаваат членови со кој платата ја поврзале со некоја фиксна сума (со конкретна бројка запишана во закон – катастрофа!), а членот што ја поврзува со просечната плата го оставиле да постои паралелно. Во 2009 г. ја смислиле бројката 26.229 денари, во 2010 г. – 25726 денари, за 2011 г. – 23.153 денари, па следната година пак 25.726 денари, по што им текнало да стават еднократно процентуално зголемување од 4% (не по врат – по шија), па судот пресметува 26.755 денари за 2014 г. Судот уште и утврдува дека истата оваа сума 26.755 денари до сега била основата со која овие плати биле поврзани, а не просечната нето плата од претходната година. Нормално, како 1+1=2 му е јасно на Уставниот суд дека мора да се укине одредбата со конкретната сума, која на никој начин не личи на репер и е неуставна, недозволива паралелна одредба (читај: неписмена). Затоа, ја остава старата СФРЈ/СРМ – одредба (која ВМРО-ДПМНЕ, 2010-2014, во сета неписменост заборавило  да ја укине, очигледно), дека платата може да е врзана исклучиво со репер од Државниот завод за статистика, а тоа е просечната плата од претходната година.

Да забележиме дека Државниот завод за статистика за 2010 г. бележи просечна нето плата од 20.420 денари, а споредете колку е тоа помалку од 25.726 денари што ВМРО-ДПМНЕ го нафрлило тогаш. Во 2014 г. да ја споредиме просечната нето плата според ДЗС од отприлика 21.233 денари, со нивнава 26.755 денари! Е, па сега, за 180 степени е обратна ситуацијата во 2021 и 2022: Неписменава сума од 26.755 денари (што до 21 март сѐ уште им била врзана со платите во стариов закон), во 2021 станала помала од просечната нето плата 29.943 денари! За 2022 г., 26.755 денари е уште помала од просечната нето плата – 31.525 денари! Што значи во цела 2022 г. и овие месеци од 2023 година вработените извадени јавно на тапет земале помали плати отколку што им следувало според „писмениот“ член од законот за плати, ама новинарите го зашлакаа тоа по телевизиите и порталите како – „функционерите си ги зголемиле платите“. Потоа, „анкетираа“ кутри луѓе на улица и на тоа му ставија безобразен поттекст „власта си ги зголемила платите“. Со ваква сума, никако не излегува 78% туку 17.8% колку што дава (31.525 – 26.755)/26.755 ако се гледа како „покачување“. Но, фактот стои дека тоа не е покачување, туку дека платите неуставно им биле помали за 15.1% колку што дава (31.525 – 26.755)/31.525.

Ајде, сега, да претпоставиме дека оние 26.755 денари се бруто. Со кое било калкулаторче за пресметка од бруто во нето плата, нетото излегува 18.240 денари. Значи, неуставно, овие вработени примаат за (31.525 – 18.240)/31.525 пати помалку, најмногу до 42% помала плата отколку што им следувало по Устав и (нормален, писмен) закон! Лани, со просечна нето плата од претходната година од 29.943, значи, примале 39% пониска плата. Па, не може да викаме „покачување“, ако прво неуставно била снижена! Со ваква бројка за основица, 18.240, со најнискиот коефициент 2.2 излегува дека некои „функционерски“ плати се 40.128 денари. Ако се отвори еден целосен извештај за нето плати по вработен во категориите дејности, ваква плата е од ранг на правните, сметководствените, информативните и личните услужни дејности. А највисоката, на Претседателот на Македонија, со коефициент 4.5 е 82.080 денари (додаток за работен стаж од 30+ години на Пендаровски би ја дал бројката од околу 90 и нешто илјади што тој ја спомена во медиумите) е од ранг на воздухопловството, лизинг услугите и од информатичко-комуникациските технологии. Што толку викање, тогаш, па не им се толку драстично различни платите од другото вработено население. Мислам дека и затоа се изоставува овој почетен податок, со цел примената на Уставот за нивните плати сега да изгледа стравотно зло, откако веќе неуставно примале пониски плати. И пак не излегува баш 78% разликата – тоа е некоја митска, дошепнувачка бројка, како кога лош ученик одговара пред наставникот, а од трета редица назад му дошепнуваат. Туку од таа, пак да нагласам, несоодветна страна на пресметување – оние 39% неуставно снижување, се само „преведени“ на овој неписмен јазик во 78%. Всушност, снижувањето од 39% кореспондира со 64% „покачување“, па за појако да личи, ја „дувале“ нето просечната плата – наместо ланска просечна ја зеле веројатно сегашната нето просечна од 32-33.000 денари, па така си „нашкрабале“ уште 15-тина проценти плус, отприлика до кај нивните папагалски 78%. Додека да дојде месецот да примат плата, што вели Трпе „за 600 до 1000 евра покачена“ (од снижената!), ќе престане да важи законот по кој се пресметува таа плата и ќе почне да важи европскиот Закон за системот на плати во јавниот сектор кој Владата го подготвувала уште од лани со ЕУ и ОЕЦД. Со тој закон, во потсистемот, нивните плати ќе бидат „непокачени“ и ќе се врзани со минималната плата, како и на сите други.

Најпосле, и да не е новиот закон, зар е проблем да се снижат коефициентите 2.2 – 4.5 за 78% или колку % и да се, во членот 12 од истиот стар закон? Па се разбира дека не е, ама Владата и Собранието да го прават тоа на 0-1 месец до престанокот на важење на тој закон?! Па, ако ни е важно помалку пари да се трошат на управувањето – а да се добие поголема ефикасност, зошто не се согласиме сите, еве, на пример – Собранието нека брои 72 пратеника (деливо со 2, 3 и 4, како што е и 120), колку што е пристојно за големина на Македонија? Малку да навлеземе во тоа против што, всушност, некој нѐ с’ска, па наместо како членови на секта да се придружуваме на папагалско „појање“ на некоја глупост, да видиме каде може и да заштедиме, и да напреднеме, можеме ли?

Како и да е, мене ме интересираше како стојат работите, бидејќи ова долготрајно папагалско „појание“ ми заличе на нечесна предизборна кампања за измотавање со умот на граѓанинот, што и ми се потврди откако навлегов во неписмената, а гледам, потоа, и злонамерна плетканица. Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ со отворена уста сѐ уште го хука овој кромид. На 3-ти и 4-ти април даде и уште побезобразни изјави, небаре за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не би важеле нивниве измислени 78%. Медиумите си ги пренесуваат тие, онака, ладно. А имаше 1 (ЕДЕН) новинар вкупно на пресот на министерот за информатичко општество и администрација на 26.03.2023! Завчера! Мукла, од срамови или незнаење! Ах, новинари, новинари!

Донекаде и ја разбирам Владата што не реагира на овие глупандерии – затоа што работела лани за добро среден систем за плати, сето спроведено со споредливи потсистеми. Кучињата лаат, карванот си врви накај ЕУ. Пристојниот, писмен ЕУ-закон ќе биде во собраниска процедура набрзо и со тоа ги спречува можностите за матни зделки и уцени кон и меѓу буџетските вработени. Преговорите со ЕУ за фундаменталните вредности се шеќер за забите на лавчето. А новиот закон за јавниот сектор, му е шишање – нуларица на гривата, сосе опашот.

Треба да знаете
Moже да ве интересира