Така е тоа кога имате договор за Стратешки дијалог и кога дијалогот понекогаш, ако така налагаат околностите, треба да се прифати и како бесплатна лекција по реална и прагматична политика, колку и да се непријатни пораките во тие лекции. Или – дијалог.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Се разбира дека „не е соодветно да коментираат изјави на нашиот стратешки партнер со кој државата гради соработка веќе изминатите три децении“, како што велат од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако, како што декларираа за време на изборната кампања, од ваква партија којашто „ја враќа гордоста на Македонија“, би се очекувало остра реакција на вакви пораки на еден дипломат. Ама „трт, Милојко“, не им држи чепурот.
Инаку, за ваква изјава каква што презентираше американската амбасадорка, во најмала рака би била повикана на разговор во Министерството за надворешни работи. Но, бидејќи за нас САД се стратешки партнер и билатералните односи со Вашингтон пред две години беа и формализирани со договор за Стратешки дијалог, со што беше отворено ново поглавје во пријателството меѓу двете земји.
Оттаму, ставовите на амбасадорката Агелер во интервјуто за Радио Слободна Европа, со кои таа рече дека „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ. Тие договори се веќе направени, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ“.
Агелер уште рече: „Да бидам многу јасна, Договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но тоа беше меѓународен договор, со кој тогашната влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Ние секако бевме дел од тој процес и ние аплаудиравме. Тоа е нешто што и помогна на Северна Македонија, сега да влезе во НАТО, и доби многу можности за да напредува во Европската Унија“.
Ете така е тоа кога имате договор за Стратешки дијалог и кога дијалогот понекогаш, ако така налагаат околностите, треба да се прифати и како бесплатна лекција по реална и прагматична политика, колку и да се непријатни пораките во тие лекции. Или – дијалог.
Башка што амбасадорката е целосно во право, па затоа им вели уште „има многу поважни приоритети“ за кои се очекуваат резултати, наместо „да се одвлекува вниманието на собирање поени од тоа кој и што и кога кажал“.
Можеби е добро тука да се потсетиме и на уште една изјава на змбасадорката Агелер, по повод првата година од договорот за Стратешки дијалог со САД, кога, реафирмирајќи ја силната поддршка за нашиот евроинтегративен процес, порача “Соединетите Американски Држави отсекогаш биле и секогаш ќе бидат, ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамки на европската заедница.”
Се разбира, договорот за Стратешки дијалог не е само за бесплатни лекции. Тој подразбира висока посветеност и обврски во реализацијата на предвиденото со дијалогот. Во рамки на Стратешкиот дијалог, Министерството за надворешни работи како координатор на целокупниот процес, во соработка со надлежните институции подготви Акциски план за реализација на проекти во различни области. Со неговото усвојување на владина седница, сите активности во рамки на дијалогот станаа дел од владината програма за работа. Со цел успешна практична имплементација на донесениот Акциски план, сите министерства, институции и агенции од земјава кои имаат надлежности во неговото спроведување номинираа лица кои ја следат реализацијата на активностите од нивна надлежност и квартално доставуваат информација за нивниот статус и динамика на реализација до Министерството за надворешни работи.
Добро е што на чело на МНР е поставен човек кој малку повеќе ги разбира овие работи, па наместо политичкиот маркетинг на Мицкоски во врска со почитувањето на меѓународните договори, на Муцунски му многу јасно како стојат работите кога вели дека „како членка на НАТО мораме да бидеме одговорна земја посебно во период на навистина сложен геополитички контекст на континентот на којшто ние живееме“.
Тоа е дел од изјавата од неговата прва посета на НАТО после неговата средба со, сега веќе поранешниот ген-сек на НАТО Јенс Столтенберг.
Муцунски беше уште подециден и рече дека „не е прашање дали треба, туку мораме да ги продолжиме таквите инвестиции. Тоа е во интерес на Алијансата на која што сме член, но сметаме дека тоа е и во наш национален интерес“, потврдувајќи ја посветеноста на земјата на исполнување на обврската за издвојување на средства до Буџетот за одбраната на ниво најмалку два проценти од националниот БДП.
И ако за НАТО е многу повеќе од јасно како стојат работите, во делот на реформите и интеграцијата на земјата во Европската Унија, Муцунски на Дубровник форумот изјави дека новата влада е цврсто фокусирана на процесот на европска интеграција, преку обезбедување на европските стандарди дома, односно борба со криминалот и корупцијата, владеење на правото и економски развој.
Запрашан за концептот за членство во Единствениот пазар пред целосна интеграција во ЕУ, Муцунски, напишаа во соопштението од МНР, истакнал дека независно како ЕУ го предвидува овој процес, вклучително и концептот за постепена интеграција, нема да има двоумење од наша страна доколку крајниот резултат е полноправно членство во ЕУ.
И сега, кога полека почнуваат да се склопуваат коцките, станува јасно зошто во јануари оваа година високи претставници на САД во неколку наврати инсистираа Мицкоски да го презентира планот за приклучување на земјата кон ЕУ кој недостасуваше во неговата изборна програма.
Сега се чини дека дојде време работите да бидат изнесени на виделина, зашто, како што порача амбасадорката Агелер, „приоритетот за нас во Скопје, во Американската амбасада и за Вашингтон, е да се премине на многу од тие многу важни приоритети за кои треба да се зборува оваа земја. Чувствувам дека има одредено количество на одвлекување на вниманието и собирање поени од тоа кој и што и кога кажал. Но важно е да се почитуваат меѓународните договори, за кои премиерот кажа дека ќе го стори и да одиме напред и да ги имаме многу важните разговори“, секако мислејќи на разговорите за спроведување на обврските предвидени во Преговарачката рамка, затоа што „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ“.
Тик-так, тик-так, отчукува часовникот.