Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ако го ставиме Мицкоски во временска машина можеби ќе ги научи лекциите на историјата

ВМРО-ДПМНЕ може да „понавља“ по историја колку што сака, ама последиците ќе бидат на грбот на граѓаните и на Македонија.

Зоран Бојаровски

Пред нашите очи ни се случува уште едно брутално повторување на историјата заради ВМРО-ДПМНЕ. Пред 15 години, после Самитот на НАТО во Букурешт кога од јатото на Балканот Албанија и Хрватска беа примени во НАТО, а Македонија беше оставена во чекалната.

Заради политичките партиски калкулации и опструкции на нашиот евроинтеграциски процес пред нашата земја сега се исправа исто таква ситуација како во 2008 година: Албанија ќе ги продолжи преговорите, а Македонија ќе биде во ЕУ чекалната.

За да биде „проклетството“ на опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ уште поапсурдно, Хрватска стана членка на ЕУ во 2013 година, иако кандидатскиот статус го доби истата година кога го доби и Македонија – во 2005 година.

До членството во НАТО чекавме дополнителни 12 години (27 март 2020 година), од кандидатскиот статус во ЕУ поминаа 18 години, а доколку сега ја пропуштиме шансата за која велат дека е можно членство во 2030 година, можеби ќе разговараме за наше учество во новото проширување со Украина и Молдавија. Земји коишто сега се само со кандидатски статус, а ние со почнати преговори и речиси финиширан скрининг процес.

И тогаш, како и сега, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, спинуваат и креираат погрешна реалност во јавноста за вистинските причини и опструкции на патот за остварување на втората од двете стратешки цели на нашата држава.

Тогаш, во 2008 година, Груевски, а денес Мицкоски истото го повторува, дека решавањето на спорот со Грција не бил проблемот за нашето членство во НАТО, и беа најбрутално демантирани од фактот дека со Договорот од Преспа, земјата само за две години, на 27 март 2020 година, стана полноправна членка на НАТО. Се разбира, во годините што претходеа, односно до 2008 година, Македонија ги спроведе сите реформи што ги налагаше процесот за нашата интеграција во Северно-Атлантската Алијанса.

Сега повторно спинуваат и создаваат лажна реалност дека заради недокрај спроведените реформи нема да ги продолжиме преговорите, а не заради опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ да ги спроведеме уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот.

Заинатени да го докажат тоа што не се докажува, ги спинуваат и изјавите на претставниците на ЕУ и на лидерите на највлијателните земји членки (обраќањето на Шолц на прес конференцијата со Ковачевски во Берлин), како и на шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје Дејвид Гир од чие интервју на ТВ Телма извлекуваат наслов: „Гир порача дека уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ“.

Каков безобразлук.

Тоа, се разбира, не е точно во таа смисла во која ја пакуваат. Еве што рече Гир. На прашањето што доколку уставните измени не бидат донесени, Гир вели дека тоа е суверена одлука, но, тоа не значи дека ЕУ ќе исчезне.

Гир вели „во оваа фаза, процесот кој досега го гледавме, скринингот, напредокот, преземањето на следниот чекор со меѓувладината конференција, тоа ќе запре.“

Следното што го кажува ептен мириса на Букурешт од 2008 година. Еве зошто според зборовите на Гир: „Вие сте, како што ве нарекуваме, сте партнер во преговорите заедно со Србија, Црна Гора, Албанија. За вас тој процес ќе запре, за другите ќе видиме, ќе зависи од нивниот напредок во реформите“.

Гир нагласува дека „тоа не значи дека ЕУ ќе исчезне“ и дополнува: „Ќе продолжиме да бидеме присутни, ќе продолжиме да ја поддржуваме државата, ќе продолжиме да инвестираме. Тоа не значи дека не треба да продолжите со реформите бидејќи тоа е сѐ уште најбрзиот пат до ЕУ“.

„Но“ вели Гир, и во тоа „Но“ се состои тоа што медиумите блиски до опозицијата не го нагласуваат, го прикриваат.

Гир вели: „Но, мислам дека тој начин е многу потежок и се враќаме на тоа што зборував за моментумот, тоа од што ние стравуваме е дека тој моментум може да се изгуби, оваа можност да се постигне одлучен напредок може да биде изгубена“.

Ете тоа е суштината: „моментумот може да се изгуби“, „можноста да се постигне одлучен напредок“. На англиски тоа е многу силен и јасен збор –  breakthrough кој референтниот речник „Меријам&Вебстер“ го толкува како „sudden advance especially in knowledge or technique“, односно – „ненадеен напредок особено во знаењето или техниката“.

И така доаѓаме до поентата и од поднасловот на оваа колумна, дека тој што не знае како да постигне „ненадеен напредок особено во знаењето или техниката“, ќе биде „кецарош“ и ќе „понавља“ по историја и тоа не на фарсичен начин, туку на трагичен, а последиците освен „кецарошите“, најмногу и дефинитивно ќе се однесуваат на народот и на државата.

Последното е: „Сега нема ништо на масата“, вели Мицкоски, без да биде свесен дека со тоа што нема нема ништо на масата како понуда од ВМРО-ДПМНЕ, практично потврдува дека тој нема проблем да нема ништо и продолжувањето на преговорите со ЕУ во блиската иднина на Македонија.

Којзнае, ако го ставиме Мицкоски во временската машина „Делореан“ за да патува низ времето, можеби ќе ги научи лекциите на историјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен