Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ако има мнозинство за „102“ за јавните кампањи, тогаш секако треба да има и за Советите на НРТ и ААВМУ

Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Најавата за иницијативата во Собрание за укинување на членот 102 од Законот за аудио и аудио-визуелни услуги за да се се овозможи медиумска афирмација на кампањите од јавен интерес, го  отвори прашањето дали, ако за бришење на „102“ веќе има договорено двотретинско мнозинство, зошто тоа обезбедено мнозинство не се искористи и да се направи конечно избор на новите состави на Програмскиот совет на Националната радио-телевизија (НРТ) и на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги (ААВМУ).

На 21 ноември светот го одбележа Светскиот ден на телевизиите. Не дека нешто одбележувањето на овие „светски денови“ многу ги потресува луѓето, но често пати се повод да ги провериме податоците и трендовите за темите што се определени како „светски“ и дали уште го имаат значењето кое го стекнале со оваа „титула“.

Во пораката на ОН за оваа година се вели дека „телевизијата продолжува да биде најголем дистрибутер на видео содржини“, но дека „создавањето, објавувањето и пренесувањето овие содржини на интернет и социјалните мрежи налага интеракцијата помеѓу новите и традиционалните форми на емитување создава одлична можност да се подигне свеста за важните прашања со кои се соочуваат нашите заедници и нашата планета“.

Ете така изгледа тоа од таа глобална перспектива. Но, на локално ниво, односно во реалноста, особено во нашата земја е малку повеќе различна, а во некои трендови може да се каже дека се случуваат многу индикативни процеси кои заслужуваат внимателно читање и толкување.

Еден таков пристап бара трендот на опаѓањето на гледаноста на телевизиите кај нас. Не се најпрецизни податоците дека 7 од 10 граѓани гледаат телевизија како што беше кажано во еден тв прилог на Светскиот ден на телевизијата. Годишниот просек за 2022 година претстои да се допрецизира, но од показателите во првите три квартали според Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги овој просек ќе биде некаде околу 66%, што е неверојатни 12 процентни поени понизок од 2021 година, или за 11 понизок од 2020 година.

Тое е единствениот и вистински начин да се читаат и интерпретираат статистичките движења – споредбено.

И не е само гледаноста. Според истражувањето на Фондацијата Метаморфозис од април оваа година, само 50% од публиката им верува на телевизиите, што е уште поиндикативен показател кој треба најсериозно да се земе предвид. За утеха, ако воопшто може така да се каже за катастрофалниот пад на довербата во медиумите воопшто, е што многу помала е довербата во социјалните мрежи и на интернет порталите.

Но, истражувањето покажува и еден друг важен тренд: На прашањето кои се каналите од кои најчесто се информирате, телевизиите како средство за иинформирање го посочиле 66,3% од испитаниците, додека социјалните мрежи се избор на 60,5%, а интернет порталите како медиуми за информирање ги избираат 35,5% од граѓаните. Комбинацијата од скорот на граѓани што ги користат социјалните мрежи и интернет порталите, веќе убедливо говори дека телевизиите го губат приматот.

Ова е значајно да се има предвид во однос на демографијата на публиката, каде што младите, особено оние од 18-25 години, како и оние од 25-45 се најбројната популација за која нема никакво сомневање дека е целосно преселена на интернет платформите и на социјалните комуникациски канали.

Микроподатоците дури покажуваат и огромни разлики помеѓу различните категории меѓу помладите генерации. Според истражувањата, оние на возраст од 25 до 40 години, поминуваат околу 2 часа и 44 минути дневно на социјални мрежи, додека припадниците на така неречената Генерација Z, odnono оние до 24 години дневно поминуваат по 8 часа онлајн, од кои 2 часа и 58 минути на социјалните медиуми.

Оваа подолга експликација на гледаноста и довербата во телевизиите, како и неопходната споредба со трендовите што произлегуваат од брзорастечката дигитална сфера, говори колку е важно да се спроведе конечно изборот на раководните тела на двете клучни медиумски институции, со гаранција за нивната независност и непристрасност, за да дефинира одговори на предизвиците пред коишто се исправени телевизиите.

Сегашните „улежани“ совети и директори, со функции со изминат мандат од две или три години, ниту имаат волја ниту смелост да се впуштат во решавање на горливите и егзистенцијални прашања кога станува збор за Националната радио-телевизија на пример. Програмскиот совет има надлежност да осигури дека содржините што ги објавува јавниот сервис се од јавен интерес, како и да ја спроведе реформата на јавниот радиодифузен сервис и да обезбеди негова независност, професионални стандарди и финансиска одржливост.

Додека тоа не се случи, ќе останат да се провлекуваат програмските слабости и ризици, како што се и упадите во уредувачките содржини што доаѓаат од безначајни политички фракции меѓу Републиканците во САД кои се флагрантно анти-НАТО и анти-ЕУ, како Северна Македонија да е „Швајцарија на Балканите“, а не земја членка на Северно-атлантската алијанса и со отворени преговори за членство во ЕУ.

Во идентична таква ситуација е и раководството на ААВМУ, и директорот и Советот заедно – за да имаат многу поголема и проактивна улога во темите како што унапредувањето на медиумската писменост, родовата еднаквост во медиумските програми, во осудувањето на притисокот и заканите врз новинарите и медиумите, како и во надзорот на транспарентноста на медиумската сопственост како законска обврска за аудиовизуелните и печатените медиуми.

Извор: ИМА

Зачлени се на нашиот е-билтен