Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Дали сме пред новиот налет на фашизам што треба да го „сотре“ сето „несотрено“, или денацификацијата ќе го „издави“ сè она кое e „најсвето“ во нашето националистичко битие? Знаете што, таму каде има антифашизам, таму најчесто се и интелектуалците, сите облечени во одушевување, да дадат мајка придонес на големата историска тема во борбата над фашизмот.
Утрово го гледав видеото на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Тоа што го видов ми се допадна: има добра емоција, има во себе страст, јасен е во своите заложби и правци за Европската перспектива на земјата. На крајот на краиштата, сите знаеме каде беше Бојан Маричиќ во нашето блиско минато кога не газеа најголемите фашизирани „суклати“ под патронажа на оној непрокопсаник Груевски. И оттука немам никаков сомнеж што Маричиќ ќе проповеда и за што ќе се залага. Добро, што е тоа кое ми се допадна во изговорените реченици на Маричиќ?
Да речеме ова: „9 мај е денот кога Франција и Германија го направија невозможното: заеднички се договорија да го раководат производството на челик и јаглен со можност да им се приклучат и другите земји. Така, на економска основа се создаде економски мир, а потоа се создаде Унија од држави кои заедно до ден денешен одат по патот на солидарност, соработка и економски раст“.
Од друга страна, Маричиќ отсликува една резонанса која не е помалку легитимна од онаа другата: антифашизмот, да речеме. Антифашизмот е темелот на Европската унија. За овие работи, по примерот и надоврзувањето на Маричиќ, секој еден човек, на кој му е важна оваа земја, а уште повеќе му се важни граѓаните кои тука живеат, мора да има недвосмислени и јасни ставови за денешниот ден. Оти чуму ви е земја на лоши и фашизоидини луѓе, нели?
Одгледан сум „антифашистички“: во моето семејство немаше поделби на луѓе по ниедна основа. На таа вредносна компонента живеев и денес живеам меѓу луѓето. На таа вредносна компонента се движам меѓу луѓето. Сакам да ви кажам дека антифашизмот не е тема од некое далечно минато. Кога ќе ја детектирате омразата денес во земјава према оној другиот заради друга вера или друга нација, кога ќе се појават антисемитски заговори или напади на Роми, мигранти, кога „скинхедси“ ќе претепаат или убијат деца (како на пример во Белград пред некоја ден), мора да разбереме дека борбата против фашизмот сè уште трае. Мора да излеземе од помодните, протоколарните и стерилни блебетања на Академиите на науки.
Ајде вака: што е политика? За мене најкратка дефиниција за политика е онаа на Ален Бадју: „јавниот суд за јавните работи се вика политика“. А во малограѓанската свест политиката се нарекува „роспија“. Што значи тоа? Во малограѓанската (квази)мудрост „чесниот“ свет со „роспии“ си нема работа, па дури и кога тоа не е особено „хигиенски“. Меѓутоа, зошто политиката е „роспија“ а не е, да речеме, „светица“? Најчесто тоа значи дека луѓето се занимаваат со политика заради „неполитички“ причини и мотиви, односно, нивните вистински мотиви, скриени позади фасадите на „убавите зборови“, генерално служат за лична корист. Без разлика што оваа дефиниција во најголем број на случаеви е точна, сепак се работи за страшно банално и страшно плитко поимање на политиката.
Луѓето мора да разберат дека политиката е на сите, а не е политиката само на тамu некои чичковци и тетки, а за нас останатите тоа не треба да претставува некаква особена грижа. И зошто мене политиката ми е страшно важна, се поставува логично прашање. Мене политиката и антифашизмот ми е важен прво, затоа што откако ги освестив овие работи – автодидактички/самоуко – почнав да се грижам за луѓе и да ја детектирам неправдата. На крајот на краиштата јас сум писател. За уметноста во пишувањето нема училиште. За уметноста во пишувањето (коментар, есеј, прозно дело) секој човек е автодидакт.
Од друга страна, денешната политика е и моја политика, нејзините вредности се и мои вредности, попатно, во едни луди времиња, јас со овие луѓе кои денес се залагаат за Европа се борев, страдав, марширав… Марширав за овие денешни вредности.
Имено, што е политиката денес, и какви се тие луѓе кои денес придонесуваат дополнително да се фашизира политика од, да речеме, да се направи емпатична, инклузивна и чувствителна? Ако нема таква политика – фашизацијата ќе тропне и на твојата врата.
Што значи тоа конкретно: политичкиот ангажман не може да биде и етички ангажман, туку политичкиот ангажман мора да биде и спознание на злото и неправдата, тоа значи дека конкретни луѓе прават нешто сосема конкретно на некои други конкретни луѓе, во времето и просторот, а таквото време и простор и тебе те дефинира или одредува; и за чиј живот, овде и сега, токму ти си одговорен, односно, одговорен си со активна борба против нив. Попросто речено: активна политика и борба против сите расисти, ксенофоби, хомофоби и националисти, затоа што, по ѓаволите со мене, тоа е едно те исто – фашизам.
Значи, не е политиката „роспија“, ниту таквите се копилиња на политиката: фашистите мајка не ги родила, туку испаднале од задникот, без идеја и свест за другите, па се размачкале со светот.
Извор: Frontline