Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Автономијата е мртва – да живее автономијата

Грешката која треба да се поправи е во разбирањето на автономијата од страна на оние кои сакаат да го водат УКИМ. Тој, како државен универзитет, и треба да е финансиран од државата, (чудно е претежно да се самофинансира – тогаш зошто не би бил приватен), но не да се однесува како куче на кратко јаженце кон владите кои доаѓаат и си одат, ниту како принцеза што не милува да си ги извалка рацете со тековната политика во државата.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Интересни четива се програмите на кандидатите за ректор на УКИМ за мандатот 2023-2026 година. Особено интересен е начинот на избегнувањето (од сите кандидати) на спрегата меѓу рангирањето и автономијата на УКИМ (претежно финансиската: нема пари – нема рејтинг – нема пари – …). Но, сите ги споменале двете работи и, се разбира, уште некои инфраструктурни и софтструктурни, на кој им е редот – толку e крајно време, дури, да се остварат, што речиси и се подразбираат. Сепак, и покрај тоа што и двете се прилично силни фокални точки на секоја од програмите, можеме само да мериме колку не се одговорени овие две прашања. Камоли од каде да се почне да се решава негативната спрега меѓу овие две. Додуша, ветувањата за подобра комуникација, децентрализираност и поврзување со европските можности можат малку ги залечат двата проблема посебно, кои ја формираат гореспоменатата негативна спрега, па би било добро конечно и да започнат.

Во изминатата деценија, кај мене, а веројатно и кај други остана разочарувањето дека потешко се комуницираше со Ректоратот отколку со министерството. На пример, во 2018 г. МОН се покажа добро што го испрати новиот, тогаш – Предлог закон за високо образование до целиот кадар и навистина вклучи некои забелешки од нас „смртните“. Но, за правилниците, се сеќавам, УКИМ се однесуваше како да не постојат забелешки од кадарот. Потоа, теркот за статутите на единиците содржеше грешки кои доведуваа, потенцијално, до ќорсокаци, но Ректоратот беше незгоден да прифати нешто друго. Незаборавна ми е ситуацијата со предлог – правилникот во врска со изборите во звања, кога со игнорирање на забелешките се усвои дека новите правила влегуваат во сила за 7 дена, а еден пристоен труд за списание во импакт фактор се објавува (работа + сериозна странска рецензија) минимум за неколку месеци, а најчесто околу една година. Така помина и правилото ставено во фуснота, замислете, според кое на кандидатите за избор во звање не им се бодуваа трудовите од општите услови. За оваа ситуација, на донесен правилник подоцна реагираа деканите на единиците.

Се разбира, нема да ја заборавам ни мојата „иницијација“ во читањето закони, кога ми се крена косата на главата од членот во ЗВО според измените (од 2011 г. ми се чини), каде што имаше услов дека секој кандидат за избор во звање треба да покаже поединечна позитивна оценка од анкетата за самоевалуација. УКИМ само го зеде топтан тој член од ЗВО и буквално го „шлапна“ во правилникот за избори во звања, небаре секој од нас работи на шалтер опремен со смајлиевци (ги памети ли некој и тие чуда пред шалтерите?). На таа студентска сондажа наречена „анкета“ ѝ се даде толку многу преувеличено место во самоевалуацијата на единиците (наместо на стандардната SWOT анализа), што беше на пат да се претвори во алатка за манипулација со кадарот, поединечно! До денес не знам колкумина беа свесни дека тие ливчиња – потврди од комисиите за самоевалуација кои ги бркавме како дел од нашата документација, беа бесправни. Да не зборувам за нарушувањето на континуитетот на звањата во ЗВО-2015 и непризнавањата на научни конференции – сето тоа на ист начин „шлапнато“ топтан во правилникот. Потег на самодеструкција од послушност кон режимот, фрлање на централизираната универзитетска моќ под нозете на државната централизирана моќ.

Почитувањето на автономијата од државата кон УКИМ тогаш беше нула. Дури и самите кандидати за ректор во 2016 г. избегнуваа да зборуваат за автономијата ( https://www.brif.mk/video-chetvoritsa-od-kandidatite-za-rektor-na-ukim-ne-sakaa-da-komentiraat-za-univerzitetskata-avtonomija/ ). Од ЗВО 2018 г. (поточно од падот на режимот!) почитта кон таа нежна билка – автономијата, од надвор кон УКИМ стана доста подобра, но од внатре тргна автократското однесување. Други подобро знаат за финансирањето, но овде зборувам за потребите, одлуките и стратегиите во научната и наставната дејност, преточени во правилниците и Статутот, точно оние кои и треба да формираат посилен „клеточен ѕид“ на нашава измрцварена автономија.

Всушност, шлепувањето на кадарот на силата на студентите во 2015 г. (сосе членовите на контрапленумот, дури), може да се собере во „така е“-то на тогашниот Ректор на УКИМ (тоа му беше „одговорот“ на карањето на Груевски, небаре Ректорот е мало детенце). Замислете, Владата ќе прифаќала или немало да прифаќа аргументи од Универзитетот откако веќе сѐ му смислила! Владата го канела УКИМ на дебата (во која нема да фаќа друга страна од сѐ она што смислиле груевци)! Автономијата на УКИМ беше чергичка за нозе тогаш, затоа што целата моќ на УКИМ беше кај Ректорот, а тој ја фрли под нозете на малиот диктатор. И покрај законот од 2018 г., до ден-денес, остана далеку идејата за распределена самоуправност. Многу далеку. Сенатот не е зајакна доволно, бидејќи некој упорно сака да се вратиме пак на 2015 г.

Дури и смешно-тажни се членовите во Законот и Статутот (па и Етичкиот кодекс) каде што „имаме право“ да работиме наука. Па токму УКИМ е местото каде што поединци чуда прават од тоа, практично, волонтерство на „имање право“ да се работи наука! Затоа, некако звучи надуено од сите кандидати за ректорска позиција што инсистираат на „повеќе наука“ со механизми на грбот на најтивките – помладите, најмалубројните и најмалку платените, на кои им претстојат избори во звања! Ако навистина мислат да чепкаат пак во критериумите за избори во звања, веднаш конкретните кандидати за ректор да си се тргнат од кандидатура, бидејќи тие млади генерации трпеле промени во законот и правилниците на секои 3 месеци или на 6 месеци, не знаејќи што ќе биде со нивниот статус! Точно е дека тие се влечната сила за наука, но ни овие кандидати за ректор ништо не можат да ветат за нивното валоризирање (освен „мелемите“ во конкретните идеи за европските поврзувања и, евентуално, ако некој привремено се најде на страната на „претприемништвото“). Меѓутоа, токму заради краткото државно финансиско јаженце, едноставно не се осмелуваат да го решат прашањето за „подобрување на рангирањето“ на УКИМ без да ги товарат младите кадри како магариња! Тоа е стратешки лошо и неправедно.

Исто така, ја гледам како непретпазлив сон идејата за „претприемачка“ ориентација на УКИМ. Секако дека како придружна дејност апликацијата е одлична работа. Обуките за претприемништво не се лоша идеја. Но, првенственост на апликативна дејност и насоченост кон претприемништво на кои би биле подредени научната и наставната дејност на Универзитетот, може да е само опело за постоењето на еден универзитет, симнување на ниво на школа. Еден државен универзитет по својата структурна дефиниција треба да навлегува во длабокоста на работите, а не да се стреми да биде полуфабричка предработилница во која и така не сите единици на Универзитетот може да учествуваат. Ако треба да се распадне УКИМ на два или три универзитети од кои некои заради поинтензивната научна дејност имаат повисок апликативен потенцијал (не обратно!), тогаш подобро експлицитно да се направат тие политики. Веднаш би скокнал рангот на универзитетот кој интензивно работи наука. Но, ако денес не знаеме да се справиме со оваа, дословно дадена од државата „автономија“, како би се справиле со кратки јаженца од страна на бизнис секторот. Не му треба на УКИМ неолиберална зараза во која би станал и самиот претприемачка институција во која студентите се клиенти.

Значи, еден ректор не може ниту со постојано молење на една влада, ниту со избегнување на молење (тежнеење кон финансиска независност преку претприемништво и апликација) да ја реши автономијата на универзитетот. Ниту, пак, рангирањето може да се подобри со правење прекаријат од дел од кадарот преку уште построги критериуми – оној кој има избори во звања. За што, добога, овие млади луѓе би останале на УКИМ, тогаш? Да ги чекаат световите зад виножитата низ рангот на универзитетот – како распределување на нивната работа низ претежно постариот кадар на УКИМ? Тоа е „стратегија“ на умирање на магарето до зелена трева.

Мислам дека грешката која треба да се поправи е во разбирањето на автономијата од страна на оние кои сакаат да го водат УКИМ. Тој, како државен универзитет, и треба да е финансиран од државата, (чудно е претежно да се самофинансира – тогаш зошто не би бил приватен), но не да се однесува како куче на кратко јаженце кон владите кои доаѓаат и си одат, ниту како принцеза што не милува да си ги извалка рацете со тековната политика во државата. Автономијата „дадена“ од државата се решава така што државата нема да може да управува без универзитетот, со што давањето на автономијата ќе биде – самодавање. Тоа е автономија – апсолутно е потребно „валкање“ со политика. Секако – не на начин како што се направи со „синдикатот на ниво на работодавач“ – со трикчињата да ги пополниме формуларите за членство „испратени од Ректоратот“ и смешните предлози за колективен договор од една точка. Административните службеници веќе имаат свој синдикат и практично се дуплираат со овој „на ниво на работодавач“. Релевантен синдикат за академскиот кадар е само академски синдикат на ниво на цела држава.

За другиот аспект на автономијата, оној во кој Ректоратот ја приграбува и не ја распределува понатаму, односно владее преку идејата „автономијата – тоа сум јас“, лекот е повеќе комуникација и откажување од претензиите за централизација на ректорот. Не само што на тој начин тмурната, очајна атмосфера ќе се поправи, туку и ќе се постигнат поправедни правилници кои кореспондираат со секого на УКИМ. За рангирањето, пак, жалам што сите кандидати не навлегле подобро во методологиите на разните ранг листи. Не се освојува сѐ со brute force – во случајов со неправда кон младите кадри.

Но, за жал, факт е дека УКИМ е тапа за саморекламирање во научниот свет и не е добро што не поттикнува и не партиципира во научно новинарство. На пример, секој што објавил труд во Springer, Elsevier, Willey, Taylor&Francis или AAAS (веројатно и во други одлични издавачки куќи), ќе каже дека е принуден, од недостиг на финансии, да одбива вакви понуди: Издавачката куќа да им направи видео-реклама или статија за објавениот труд во влијателно научно списание – во елитен научен магазин! Наместо да влече од рејтингот на издавачите и научните магазини, УКИМ го преспива тоа од сите аспекти. Измислува некаква инфериорна ризница на трудови и одвај се грижи за неа со несоодветна платформа наменета за поднесување на трудови во списание. Па уште и применува механизам на уцена во правилникот за избор во звања, за пријавување на сите трудови во неа, наместо битно да се поврзе со релевантниот светски ResearchGate и ORCID. Рецензијата исто така мора да се зајакне, промовирајќи го Publons и за редовните професори. Верувале или не – овие „инженеринзи“ не се без врска, ниту минорни во методологиите за рангирање. Се надевам дека нема да останеме само со „радостите“ за попристојна веб страна.

Зачлени се на нашиот е-билтен