Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бајден да му се јавел на шефот на вмро-не

Бајден треба да знае дека, ако му се јави на првиот вмровец, не значи дека ќе го разубеди. Но треба да му се јави.

Џабир ДЕРАЛА

Според добро информирани кругови блиски до шефот на вмро-не, тој во една прилика рекол дека можеби ќе размисли да ги деблокира ЕУ интеграциските процеси, само ако лично му се јави американскиот претседател Бајден.

Ако е точна оваа инсајдерска информација, ова значи дека на вмровскиот главешина ништо не му значат сите овие силни посети од министри во владите на ЕУ, високи претставници на американската администрација, а за неговите колеги во неговата и другите партии и да не зборуваме. Не ги регистрира.

Тоа е тоа. Бајден и шефот на вмро-не. Тоа се врвните светски авторитети кои можат да го решат светскиот проблем – внесување на бугарското и неколку други етнички заедници во македонскиот устав. Руска агресија во Украина? Климатски промени? Политички и воени кризи низ светот? Економска нестабилност? Болести, глад и немаштина?

Ништо од тоа не е важно за американскиот претседател како што е идејата за одбрана на македонскиот идентитет од „бугарскиот диктат“, а единствениот човек на светот кој се грижи за тие прашања е токму шефот на VMRO-NO. А Бајден. Шефот, пак, на најмоќната држава на светот, треба да знае дека ниту едно прашање во САД, во светот или во вселената, не може да се спореди со тоа што вмровскиот шеф мисли дека е најважно. Ма какви амбасадори, министри, премиери, државни секретари и потсекретари!? Сето тоа е ситна боранија.

Притоа, Бајден треба да знае дека, ако му се јави на првиот вмровец, не значи дека ќе го разубеди. Но треба да му се јави.

Иако ова звучи како козерија, навистина се случило. Барем според информациите од внатрешните кругови на доверба во вмровската „шампита“. Ако ова е точно, значи суетата на еден човек е поважна од сите „патриотизми“ и национални интереси.

Ако ова не е точно, тогаш домаќинот на „шампитата“ има уште поголем проблем, затоа што во своето најблиско опкружување има луѓе што се шегачат со него.

Во меѓувреме, македонската иднина во ЕУ е на летен распуст. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен