Балада за една амбасада

Амбасада
embassy, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Амбасадата – стан. Доволно голем за студент и половина, и уреден во истиот непретенциозен манир. Важно е да врши работа, какво е – такво е.

Божидар БАРЛАКОСКИ*

Невообичаен зимски ден. Како опседнат со биполарно растројство. Букет во рака, се Стојам на улицата каде се наоѓа амбасадата. Но не знам точно каде беше, иако не ми е прв пат да одам таму. Еднотипни згради, соц-реализам архитектура, еднолично, збунувачки.

Чувството е како да одиш на посета на нешто како дома далеку од дома. И тоа предизвивкува определeна интересна еуфорија. Секогаш.

Ја најдовме зградата. Зграда ко зграда. Бетон издигнат на 10-тина ката. Тука живеат и дипломати и обични граѓани. Нелогично на прв поглед, но што е логично тука на нашите простори, па некако пак се чувствуваш како на свој терен. Уште не влезени, помеѓу неколкуте прашања на случајни резиденти во барањето на правилниот влез во својата амбасада, ме залива како пролетен развигор, тоа познато чувство од дома дека веќе си сосема блиску до своето кога ќе те удри инстинктот за снаоѓање.

Влезот најден. Погледнувам за некакви обележја, само една избледена табела, која не би се ни гледала ако се отворени двете крила на влезот на зградата. Погледнувам за знаме… некаде на третиот кат, помеѓу габаритот на надворешните тела на климите, потпрено на ѕидот на терасата, исто толку избледено македонско знаме. Повторно истото чувство на блискост до своето овојпат поттикнато од практичноста. Не е важно како изгледа, важно е да си ја врши работата.

Обезбедување нема, само еден скромен господин, портир на зграддата назначен од фирма за обезбедување, назначена, најверојатно од совет на станари. Пак прашање. На каде да се упатиме? Само право вели скромниот господин и го затвори прозорчето.

А бе убаво само право, ама само право има една врата на која пишува конзуларно претставништво, кое се разликува од другите врати по тоа што има тешка метална решетка којашто служи наместо блиндирана врата.

На ѕвонењето одговара госпоѓа, службеник во конзулатот, вика „а не, не сте за тука. Качете се на трети кат“. Веќе сосема човек може да се опушти навистина е на свое „тло“. Сѐ е на место. Секој детаљ од сликата потсетува на местото кое сепак те влече, не можеш без него. И дезориентираноста, и соц зграддата, и необврзаноста со протоколи, и црешата на тортата – поделбата. Конзулатот на прв кат, амбасадата на трет кат. Помеѓу обични станари. Некојпат, можеби од чиста човечка љубопитност би отишол да ги запознаам, да ги прашам како е да се биде сосед на конзулатот и амбасадата. Но, тоа во некои подобри времиња.

На третиот кат си посакуваме добро утро, насмеани лица, топол пречек, слушаш свој јазик, и наспроти манирите кои ги наложува посетата на таква институција, срдечноста е повеќе од формалност.  Па и средбата не е. Обична, искрена посета. Ете така како на гости кај свои луѓе. Домаќините прекрасни. Без ни доза иронија или двосмисла, навистина прекрасни луѓе. Работат со полн ентузијазам и пробуваат да направат чуда од храброст во условите во кои се наоѓаат. Амбасадата – стан. Доволно голем за студент и половина, и уреден во истиот непретенциозен манир. Важно е да врши работа, какво е – такво е. Освен главниот кабинет е како глич во таа матрица. Барем има пристојна кожна гарнитура каде да седнат домашни и странски гости. Единствено професионалноста и широката насмевка на тие прекрасни луѓе кои работат таму, успева за момент да го ублажи визуелниот впечаток.

Сѐ одново ме враќа на тоа чувство на дома кога се успокојуваш со мислата, „ќути -може и полошо“. (Сепак тука сме со добра мисла)

Разговорот за секојдневниот живот се развива по нашински. За убаво, за лошо, за времето, за вестите, за настаните…. и тука некаде не си верувам на ушите. Човек нема како да е подготвен за највоспитана реакција на таква историја.

Историјата, имено се одвива во станот-амбасада. Најавена посета на амбасадор од друга држава. Да ја наречеме најголемиот стратешки партнер. Претходницата, како што си е по правило, доаѓа и прави преглед на  станот, предвидува движење и … сѐ како што им е во опис и попис на службата. Ами каде е тоалетот – прашал еден од нив. Ами…. ете го тука. Му било одговорено – зошто прашувате? За ако има потреба амбасадорот да го искористи. Затоа. Следува жолта минута… со половина уста која пресушува од едно такво непријатно, та потребни се неколку оближувања со јазикот за да протече следниот збор (но нели сме наши луѓе и си ја споделуваме маката). А може ли да не го користи тоалетот – контра прашање кон човекот од обезбедувањето? Учтив некој господин, само низ скромна насмевка успокоил дека не верува дека ќе го направи, но сепак треба да се провери.

Завесата се спушта, крај на првиот чин. Толку сме напишале тука, со оваа амбасада, еден чин. За сите години самостојност. Еден чин. Вториот е заглавен некаде во лавиринтите помеѓу креативните дилеми и борбата за (политичка) егзистенција на авторот на стратегијата за надворешната политика на Македонија.

Но барем имаме нацрт-епилог. Тоа нема како да се смени, поради тоа што амбасадата е под кирија во тој стан за студент и половина, од памтивек. Државата нема(ла) буџет за да купи имот за пристојна и попретставителна амбасада, како што нема(ла) ни буџет за реновирање и ред други логистички потреби за функционирањето на амбасадата. Демек, како е така е. Наше е, за подобро не знаеме. Или не можеме. Или не сакаме. Или не не интересира. Кој знае кое е коректното оправдување.

Но реалноста е таа. Можеби не би било многу надвор од контекстот ако цитирам еден мој близок пријател: Хаосот и неизвесноста – тоа е нашата комфорт зона.  

Колку ли делегации и обични гости стискале да не одат во тоалетот на амбасадата? Што ли си раскажуваат помеѓу себе после секоја посета? Сѐ некако наликува на сцена од надреалистичниот ум на Кафка.

Но како е, така е. Горди сме и на тоа што го имаме, ако некому не му се бендисува да си направи поарно. Скромно како државата, забаталено како приоритетите, покриено со добродушна насмевка како најсилното оружје на нашата дипломатија.

За подобро не знаеме, (ама гледаме да се научиме). Или не можеме (но барем се трудиме). Или не сакаме (имаме приоритети). Или не не интересира (не е сега моментот, понатаму…). Кој знае кое е политичко коректното оправдување.

*Божидар Барлакоски е новинар и фотограф, основач на онлајн медиум. Веќе неколку години живее во Бугарија, членка на ЕУ

Зачлени се на нашиот е-билтен