Не е проблем што сме сиромашни. Проблем е што сме неорганизирани. Проблем е што имаме алатки, а избираме да се правиме глуви и слепи. Секоја количина биоотпад што се депонира без третман е не само изгубена можност, тоа е еколошко и економско злосторство.
Дина АРНАУТ*
Секој ден, Северна Македонија генерира милиони килограми органски отпад: вински остатоци, прехранбени суровини, остатоци од роба на супермаркети, ресторани, фарми, месна индустрија. А знаеме точно каде завршува: во околу педесетина несоодветни депонии или на илјадници диви депонии. Без третман. Без надзор. Без срам.
Иако Законот за управување со отпадот (член 36) не го споменува експлицитно терминот “предтретман” на биоотпадот, неговата суштина е недвосмислена: секоја форма на отстранување мора да обезбеди максимална заштита на животната средина и јавното здравје. А депонирањето на свеж, непреработен органски отпад – без компостирање, без анаеробна дигестија, без каква било форма на контролирана преработка – не е ништо друго освен институционализирана еколошка небрежност. Додека Европа гради биоекономија, ние закопуваме и палиме богатство.
Во Франција, од 2024 секое домаќинство ќе мора да сортира биоотпад, во спротивно – казна. Словенија селектира 70% од својот отпад и значително го користи за енергија и компост. Германија индустрискиот биоотпад го претвора во биогориво. Ова не се визии, ова се реални политики. Спроведени, финансирани, контролирани.
Кај нас? Иста апатија, различен ден. Ниту една винарница нема обврска да го преработи својот органски отпад. Ниту еден супермаркет не е одговорен за несортираните остатоци. Ниту една институција нема план, мапа, анализа. Само декларации и конференции за Зелената Агенда.
Наместо да го користиме биоотпадот како ресурс за компост, биогас, енергија, ние го третираме како срамна тајна што треба да се затрупа, како и самиот отпад. Ова не е само еколошки хаос, туку и економски идиотизам. Од овој отпад може да се создаде пазар, индустрија, работни места.
Имаме закон. Имаме отпад. Немаме имплементација.
Не е проблем што сме сиромашни. Проблем е што сме неорганизирани. Проблем е што имаме алатки, а избираме да се правиме глуви и слепи. Секоја количина биоотпад што се депонира без третман е не само изгубена можност, тоа е еколошко и економско злосторство.
Имаме избор: Или ќе почнеме да го третираме биоотпадот како енергија, суровина, шанса, или ќе продолжиме да се закопуваме во сопствениот смет.
Ова не е статија. Ова е последен повик.
*Дина Арнаут е извршна директоркна на РЕДИ