Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Со лицето Ивица Боцевски, нам („нам“ се мисли на јавноста) претставен како „интелектуалец по општа пракса“, невозможно е сериозно да полемизирате. Невозможно е да разговарате со лик кој вака доследно и гротескно си го „фура својот филм“. Кога ќе го предупредиш, на пример, дека се работи за некреативно и тупаво текстулче – насобрал купишта навреди најпрво за Зоран Заев (каде може нешто без него?), а потоа и за Димитар Ковачевски – очигледно дека авторот не го бара лекот, туку само ја појачува дозата. Типично за сите откачени националисти.
Пишувањето на Боцевски И. е прилично анално, дури има и доза на порнографија, а тоа умее да наштети на умот и духот на авторот; лекот, може, како за почеток, да се консумира преку лесни напитоци и топла бања.
Но, ајде да одиме со ред. Да видиме што Ивица Боцевски сонувал и што му се случува.
Во текстот за „Нова Македонија“ (‘Денот потоа – тешкиот мамурлак по падот на Зоран Заев’, објавен на 19. 08. 2023 година) Ивица Боцевски – настрана навредите на двата главни ликови во текстот – се сведува на фасцинантни призори од безнадежно задоцнетата „детска радост“ (Заев и Ковачевски се раскринкани, ла, ла, ла, ама нема да признаат, ла, ла, ла!) или „методолошки галиматијас“ во кој непокретноста и незнаењето меѓусебно се потхрануваат додека не нараснат до кинг-конг димензии. А кога ќе ги прочиташ оние реченици од типот, „Ивица Б. може да разговара дури и со Бог и нацијата“ лично, дефинитивно читателот (во случајот мојата маленкост!) после овој текст треба да прибегне кон лесни напитоци и топла бања.
Погледајте го тоа кукање, тој душевен амок, тоа кокетирање со историјата, погледајте ја таа грандоманија на Ивица Боцевски. Од сите негови зборови избива потреба за опортунистичко оплакување, за лична кариера и бенефиции за себе. Оти, комшија, така ја гледаат нацијата, историјата и Бог: што имам јас од сето тоа!
Боцевски ја спасува историјата и нацијата од Заев? Па, ви се молам, може ли поголема зловолја од ова? Заев обликувал договори, вели Боцевски, што довеле до преврат во 2017 година. Па, мислам, кој е овде луд а кој е овде (не)нормален? Значи не беше превратот заради монструозното владеење на Груевски, не беше превратот заради тортурите, тепањата, тефтерчињата, прислушувањата, наместените сообраќајки, Скопје 2014 – тој фрик-шоу за идиоти од кој почна идентитетскиот инженеринг на македонскиот народ во антички – не, не беше ништо од сето тоа, туку превратот се случил затоа што Заев им ветил на странците дека ќе го смени името? Вакво бладање не им доликува ниту на пивски биртијаши од пред коперација, а камо ли на некаков „бивш амбасадор“. А тоа што Боцевски во огрооомееен дел го премолчи владеењето на Груевски, поточно ги премолчи неговите партијаши за кои денес „дува ли дува“, тоа е некоја сосема друга приказна за која овде нема да стане збор.
Па, добро, луѓе драги – јас сум видел безобразни типови, лажови, релативизатори, битанги и бараби – ама на такви луѓе најчесто не им се дава vox populi. Овде, на оваа „персона драматис“, гледаме, не само што му се нудат мејнстрим медиуми, туку му се нуди и „најстарата хартија во земјата“ (уште наречена и „гутембергова“?) за своите „интелектуални“ релативизирања.
Ивица Боцевски вели дека Заев погрешил во тоа што не ја измислил „својата национална приказна“? Која е приказната на нацијата на епигонот на Мицкоски, Боцевски? Тоа што своето незнаење за македонската нација ќе ја црпи од бабските приказни, ќе зборува дека ние сме биле стари од 7. век. (барем според зборувањата на госпоѓа Ќулавкова, небаре сите сведочат од лично име!), потоа нацијата ќе ја конструираат преку дедовските ловечки приказни, или кога Боцевски посебно ќе ја дефинира преку медиумите на кои излегува само како би успеал дополнително да ја до-идиотизира нацијата на ангро.
Нема поголема национална приказна на Македонија од приказната и патот за Европа. Нема. За Боцевски, знам, нема поголема приказна за нацијата од удирањето кон Заев и, удирањето денес кон Ковачевски. Преку таквите удари тие (читај, националистите!) се обидуваат да го запрат развојот и прогресот на оваа држава и овој народ. Исто како што паметиме и во историјата кога се работи за ВМРО. Кажете ми еден светол пример во кој неговите „конзервативни гуланфери“ направиле нешто добро за оваа земја и овие граѓани? Нема такво нешто. Освен ако не мислиме на нивните пари, нивниот популизам и нивната лична корист, а не мислиме.
И дури кога би биле и креативни – па да измислат национална приказна – ама не умеат ни тоа да го направат, бидејќи луѓе кои се тврди на уши, а меки на умот, нема што многу од нив да се очекува. Тие имаат гласачко тело кое е субординирано и во основа репресирано. Тоа тело денес е отпуштено од своите ланци, кине, гризе и дефамира. А, што да се прави, така кутрото мисли дека се гради „националната приказна“ – со кинење!
А националната приказна е многу поголема и поширока од нивниот партикуларен свет. Националната приказна е поширока од нивниот личен папок. Нема нација која може да се дефинира себе за нација, а главниот проблем да биде исклучување на малцински народи. Таквата нација е слаба, племенска и трибална. Во таква нација може да постои само еден врач и сурија од „суперануси“. Последниве нема да живеат како луѓе, туку ќе живеат како робови кои зависат од волјата на еден човек. Е, за таква нација сонува Боцевски И, и сака да ја врати земјата на „фабричко подесување“. А дури и во тоа фабричко подесување на нацијата, Боцевски може да биде обичен „консиерж“ и измеќар, а не слободен граѓанин кој може да мисли, зборува, пишува, сонува и ја развива својата емпатија пред сè кон послабите и поранливите граѓани. Со емпатија кон другите народи, ти ја јакнеш својата земја и својот народ.
Во спротивно, ти си тиранин пред сè на својот народ, a потоа и на сите останати народи.
Извор: Frontline