Љуан ИМЕРИ
Сега, откако помина 8 Март и им го честитавме овој ден на нашите мајки, сопруги, колешки, наставнички, пријателки… малку да се вратиме на бројките односно статистичките податоци. Да се вратиме во нашата реалност, реалност во која за жал насилството врз жените е дел од улогата “да се биде жена“, каде што насилството се толерира, каде што жените секојдневно се мета на сексистички изјави и дискриминација.
За да го прочитате овој текст ќе ви бидат потреби неколку минути, а за тоа време една жена ќе биде убиена од својот партнер или член од семејството. Да, на секои 11 минути се убива по една жена. Така барем велат податоците кои укажуваат дека над 47.000 жени и девојки ширум светот биле убиени од нивните интимни партнери или други членови на семејството во 2020 година.
Убиствата на жени и девојчиња се една од главните причини за прерана смртност на жените на глобално ниво и претставуваат најекстремна форма на насилство врз жени. Над половина од нив се убиени од интимен партер или друг член на семејството, односно секој ден 137 жени се убиени од некој близок, од некого кому му верувале. Според една студија направенa во нашата земја за период од 2017 -2019 година, најголем број од убиствата на жени (околу 50%) се случиле во семејниот дом, додека 25% од убиствата се случиле во домот во кој живеела жртвата.
Значи, жените секојдневно се убиваат, тие се најнебезбедни во својот дом и се убиени од лица на кои им веруваат.
Податоците од различни студии и анализи спроведени во светот покажуваат дека во речиси сите земји во светот без оглед дали станува збор за развиени или неразвиени земји, без разлика на тоа во кој дел од светот се следи состојбата, жената е повеќе или помалку изложена на некој облик на насилство било да е физичко, психичко или економско. Ако се гледаат трендовите, тие покажуваат дека бројот на убиства поврзани со полот останува во голема мера непроменет низ годините.
Насилството е најчест облик на кршење на човековите права во Европа. Жените насекаде низ светот биле и се предмет на насилство. Според јавно достапни статистички податоци, секоја трета жена во светот е жртва на насилство од страна на својот партнер, а секоја петта е подложна на закана од сексуално насилство. За жал, жените и девојчињата не секогаш пријавуваат прекршување на нивните права. Причините се најразлични, од благите казни во случаи на насилство врз жените до тоа дека често насилството врз жените се смета за легитимно и социјално прифатливо.
Кога сме кај бројките, еве уште некои податоци: 1 од 3 жени ширум светот доживеале физичко и/или сексуално насилство во текот на својот живот. Над 200 милиони жени и девојки доживеале осакатување/сечење на женски генитални органи. Секоја година, 15 милиони девојки се мажат пред да наполнат 18 години. Дури 1 од 4 жени доживуваат физичко и/или сексуално насилство за време на бременоста. Околу 150 милиони девојчиња ширум светот се силувани или подложни на сексуално насилство секоја година, обично од некој во нивниот семеен круг. Секоја година ширум светот се пријавуваат 5.000 таканаречени убиства за чест. 30% од жените на глобално ниво изјавиле дека нивното прво сексуално искуство било принудно.
Државите можат да имплементираат различни видови политички интервенции за да се спречат убиствата поврзани со пол и, пошироко, родовото насилство врз жените и девојчињата. Насилството негативно влијае на физичкото, менталното, сексуалното и репродуктивното здравје на жените. Насилството врз жените мора да се спречи. „Човековите права на жените и девојчињата се неотуѓив, составен и неразделив дел од универзалните човекови права. Еднаквото учество на жените во политичкиот, граѓанскиот, економскиот, социјалниот и културниот живот на национално, регионално и меѓународно ниво и искоренувањето на сите форми на дискриминација врз основа на пол се приоритетни цели на меѓународната заедница“, се посочува и во Виенската декларација и во Програмата за акција во врска со Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.
Иако е направен голем напредок во насока на унапредување и почитување на правата на жените, сепак жените и мажите и во денешно време не се еднакви. Секако дека низ годините има прогрес, сите знаеме дека на пример, во минатото жените немало право на глас, но исто така забораваме дека за многу “нормални“ работи од денешна перспектива жените морале да се изборат и да платат висока цена. Така, жените некогаш немале право ниту да користат пилули за контрацепција, имало ограничувања во изборот на облекување, имало и родови разлики во платите за иста работа, жените работеле и за време на бременоста и веднаш по породувањето, не смееле да пушат во јавност, не можеле да тужат за сексуално вознемирување, па дури и имале забрана за користење на кредитна картичка. Многу од овие права многу жени не можат и денес да ги уживаат. Денес можеби жената има право да работи и да заработува, но при вработување сеуште ја прашуваат дали има деца, дали планира да роди и кога. Сеуште платата на жената за исто работно место е помала и до 30% од таа на мажите. Жената има право на образование но многу е веројатно дека во текот на образованието ќе се соочи со повеќе ситуации на сексуално вознемирување. Има право на имот но тоа право најверојатно нема да го оствари. Можеби жената денес има право да се облекува како што сака, но доколку биде вознемирена или силувана таа сеуште ќе биде обвинета дека сама провоцирала..
Експертите препорачуваат низа мерки кои мора да се превземаат ако сакаме да ги ја подобриме положбата на жената во општеството, од собирање на сеопфатни податоци за убиствата основани на пол, преку зголемување на јавната свест, обезбедување на соодветни услуги па се до политики за зајакнување на жените. Поновите анализи укажуваат на тоа дека економско и социјално зајакнување на жените и девојчињата е многу значајно. Во комбинација со останатите мерки може да даде добри резултати. Сиромашните жени и девојчиња е повеќе веројатно да бидат зависни од нивните партнери, ситуација може да доведе до злоупотреба и насилство.
Покрај другите форми на насилство, жените секојдневно се соочуваат и со економско насилство, односно финансиската злоупотреба која вклучува насилно контролирање на пари или други средства од друго лице. Економското насилство се фокусира на создавање економска зависност. Насилникот има целосна контрола врз финансиските средства на жртвата. Често се ограничува, контролира или одзема на заработката на жените. Ова е особено често во патријахалните и традиционални општества како нашето. Традиционално, жените се најпогодени од родовите норми и стереотипи а предизвикувањето на „традиционалните“ родови норми не е секогаш лесно. Сепак, работата за создавање свест и запирање на штетните стереотипи може да помогне да се изгради поинклузивно општество, каде што секој има пристап до можности и услуги.
Нашето однесување е такво што често ја повредува жената а ретко кога е препознаено како неприфатливо од заедницита. Најчесто не сме свесни за нашите стереотипите па дури и ги негираме. Но тие влијаат врз перцепцијата и нашето однесување. Влијанието на стереотипите врз перцепцијата е автоматско – треба свесен напор за да се спречи и може да се контролира само во ситуации кога на тоа се обрнува внимание.
Борбата на жените за рамноправност мора да продолжи. Ова борба не е само на жените, ова е заедничка борба на сите нас.