Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бугар на Бугара му е ВМРО-вец, или како ВМРО-ДПМНЕ се врати на бугарашките позиции

Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

Старо правило е дека не се Бугарите проблем во Македонија, туку бугарашите. А такавите, освен заблудени поединци, се создаваат во Македонија по потреба или по нарачка. Прашањето е само кој е инспираторот или нарачателот на овие групи и во кој даден момент прераснуваат во здруженија или отвораат клубови со провокативни имиња.

Нивната цел очигледно не е само да провоцираат, туку прераснуваат и во акции што имаат субверзивен карактер, што значи имаат за цел да предизвикаат и дестабилизирачки ефекти во државата.

„Последната тепачка во Охрид во која настрада 21 годишниот Христијан Пендиков, може да стане камен на сопнување во и онака нарушените односи меѓу Бугарија и Македонија“ е општо прифатена медиумска па и политичка синтагма.

Вистинското прашање е кој има корист од тоа и какви последици може да има за Македонија на евроинтегративниот пат што го започна.

Последниот „немил“ настан во кој беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков, инаку член на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и главна фаца на митинзите на ВМРО ДПМНЕ, како и тепачот Илија Спасески професор по фискултура од скоро вработен од страна на градоначалникот Пецаковски, покажува дека Бугар на Бугара во Македонија му е ВМРО-вец.

Ако се докаже дека  матицата и изворот на сите овие провокации и ширење омраза на Македонска територија е токму ВМРО-ДПМНЕ и никој друг, тогаш тоа не само што треба јасно да се соопшти, туку за тоа ќе треба да се позанимава и Советот за безбедност за да се преземат соодветни активности за нивно понатамошно спречување.

Се разбира дека ниту една партија не може да ги контролира активностите на секој свој член, па ниту ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа не го амнестира сегашното раководство на партијата од одговорност, затоа што можеби станува збор за „испостави“ на странски служби кои директно ја инволвираат и ВМРО-ДПМНЕ во „замешателство“ на отворање-затворање клубови и здруженија, на насилство и тепачки без оглед што се обидуваат за тоа да ја обвинат сегашната власт.

Ваквите ексцеси кореспондираат случајно или не со сите други „легитимни“ активности на партијата против зачленувањето на Македонија во ЕУ, во подигнување на говорот на омраза што може дополнително да ги влоши и онака кревките односи на Бугарија и Македонија.

Секоја наредна слична активност го засилува сомнежот дека можеби зад целата оваа негативна кампања свесно стои ВМРО-ДПМНЕ, со или без влијание од надвор.

Затоа АНБ треба да истражи дали овие инциденти се исценирани одвнатре или од некаде од надвор. И во едниот и во другиот случај вистината мора да поттикне акција за обелоденување на мастермајндот на активностите што Македонија ја ставаат во незавидна меѓународна позиција, а македонскиот народ го трујаат одвнатре како црвот јаболкото.

Еднаш претседателот Пендаровски на прашањето дали зад целиот овој отпор на спречување на европскиот пат на Македонија стојат и странски сили кои дејствуваат преку домашни извршители, одговори дека нема доволно сознанија за да може тоа да го потврди. Но, се чини дека таквата можност генерално не се исклучува, ако се земе предвид дека земјава извесен период е под силни хибридни закани за поставени бомби во училишта и витални објекти, дека Парламентот е блокиран од страна на опозицијата, ако се има предвид дека постојано се шират дезинформации и се шири недоверба во институциите, постојано се повикува на предвремени избори без особена причина, тогаш и лаик може да заклучи дека станува збор за „усогласен пакет на активности“ насочени против државата.

Тогаш не само отворањето, туку и нападите на „наводно“ бугарските клубови очигледно се само дел од агендата за дестабилизирање на македонското општествено ткиво.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.

Извор: фронтлајн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен