Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Чие е востанието во кое помалку од 30.000 души со едно црешово кинжалче тргнале да се тепаат со 300.000 османска војска!?
Во дејствија во кои настрадале 16 околии со 201 населено место, биле изгорени 12.400 куќи, а без покрив останале 70.836 лица, биле убиени 8.816 мажи, жени и деца, 3.000 жени и девојки биле обесчестени, а 30.000 души ги напуштиле своите родни места и избегале во Бугарија.
Бугарско, според инспирацијата и организацијата и целите, и македонско, според жртвите кои, меѓутоа, се чувствувале Бугари.
И затоа избегале во Бугарија.
Всушност, кај оние кои биле одговорни за нивната драма.
Идејата била со голем број на жртви да се возбуди совеста на Европа и да се принуди Цариград на реформи во Македонија, односно да ѝ даде автономија на провинцијата.
Која Бугарија ја сметала за своја.
Без формално мешање на Софија.
Идејата не била ослободување затоа што освен на некои револуционерни манекени, на сите им било јасно дека таа работа не ја бива.
Организирана трагедија.
Нема тука ништо славно.
Современата македонска позиција е идиотска затоа што ја обвинува Бугарија за актуелната антимакедонска агресија, а Софија ја одредува како центар во кој пред сто и дваесет години, малку пред тоа и многу време потоа, е организирано движењето за македонско национално ослободување!?
Чекајте, малку, па како тоа?
Македонската емиграција во Бугарија навистина преземала многу акции во Софија и во цела Бугарија, но тоа само покажува дека емиграцијата била македонска по територијата, додека етнички и национално била бугарска.
Ркулците на македонската национална свест биле ликвидирани според денешните принципи на Путин, само со куршуми, немало доволно високи прозорци.
Време е да се поместиме од мртвата точка, затоа што ако продолжиме да стоиме на неа, ќе умреме.
Друга работа е што во конституцијата на македонската нација и во имагинариумот на народот, таа трагедија е прогласена за славна основа на посебноста.
Не без основа.
Драмата се одвивала тука, луѓето биле Македонци, чија бугарска етничка припадност била дел од геополитичката епика на просторот во тоа време, повеќе отколку на некаква изградена свест и култура (Пере Тошев се тепал на страната на Бугарите во победата над Србите на Сливница, Даме Груев преговарал во Белград за некаква стипендија да се врати и да работи за српската кауза во Македонија итн. итн.).
Немало ниту свест ниту култура.
Сме можеле да избереме и нешто друго, но тоа е тоа и во тоа јас гледам – не причина за кавга со Бугарите, туку причина за зближување и разбирање.
Знам дека сега тоа не изгледа така, но колку побргу ја разбереме потребата од тоа, толку подобро.
За нас.
За Бугарите исто така, но за Македонците посебно.