Црвени знаменца, односно мините во психолошката војна врз граѓанството

Извршната власт дефинитивно има вина, но става мини на патот од вид на неформална недоследна логика, недоследни етос и патос и така, за трагедијата во Кочани, дури и трие сол на раната со дополнителни удари врз емоциите.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Ова е математичко-философска задача: Дали сте во системот? И дали системот се менува од надвор или од внатре?

Психолошката војна што сега се одвива не е ограничена на нашето тло. Суштински, секој ја разбрал досега: Ова е војна која олигархијата (оној 1% кој воглавно си го собира буџетот на државата), ја има отворено кон граѓанството, под изговор дека му прави услуга: Се кандидира на избори за да му ги средува на граѓанството работите од социјална, економска и инфраструктурна природа и да има заштитувачка улога. Да го средува системот да биде солидарен, правичен, со институции по устав, закон и пропис. Системот е во ред, но кој се турка да го спроведува може да е во ред, може и да не е во ред, а системот е чувствителен на тоа. Значи, сите луѓе, сакале или не, гласале или не – се внатре во системот. Управата на тој систем, може да биде, очигледно, составена од мафиовидна супстанца или поединечни лигавци што се движат кон оној 1% олигархија.

Во конкретниот трагичен момент, власта, со цел да се задржи односно да продолжи дебело да навлегува во тој 1% олигархија, има потреба да си го олесни товарот на вината. Вината произлегува од таму што сите алатки на присила за почитување на законот, контрола, инспекција, постапување – се во раце на извршната власт. Најомразениот и најигнорираниот опаш на олигархиските аздиси е одговорноста, оти институциите на системот наместо за својата пропишана намена, очигледно може да служат како завеса зад која се одвива аздис. Аздисот, пак, си ја брка мувата кога си ја перчи институционалната титула, при што не пропушта на голем глас да рече „јас“. „Јас, институцијата“. Немојте ни да помислите дека некогаш ќе признае „јас, аздисот“.

Извршната власт дефинитивно има вина, но става мини на патот од вид на неформална недоследна логика, недоследни етос и патос и така, за трагедијата во Кочани, дури и трие сол на раната со дополнителни удари врз емоциите.

Првата емоција која ја злоупотребува е природниот човечки душевен процес на неприфаќање дека оваа трагедија воопшто има некаква смисла. Имено, врз основа на човечкото неприфаќање смисла на трагедија, го мами граѓанството дека конкретнава извршна  власт е некако надвор од системот, па така ќе се борела со системот, како тоа да е туѓ некој систем, кадешто оваа власт бајковито не припаѓа. Немањето смисла на трагедијата, ја претвара во барање кон граѓаните да ја игнорираат причинско- последичната врска на трагедијата со нивните извршни одговорности! Притоа, за чудење е и снижувањето на нивото што тоа и претставниците на владата експлицитно го презентираат – како баш тие да се најнадвор од системот! Тоа е, се разбира, измама (освен што е глупаво), затоа што сите сме внатре во системот, и уште повеќе, сите влијаеме на системот, бидејќи и покрај добро пропишаниот „софтвер“, тој е чувствителен на  своите елементи од „хардверот“.

Во случај некој да успее да ја прозре стапицата, односно не згазне на оваа мина, за него владиниот идеолог подготвил следна мина: Кој прифаќа дека сите сме мозаик од системот, тогаш тој нека преземе од грбот на извршната власт дел од товарот на вината за трагедијата! Оваа нечовечна мина има јасна цел: Да го растовари јавно од одговорност институционално одговорниот. Тоа му треба за да остане на власт, поточно да му остане на располагање буџетот, инаку нема да влезе доволно длабоко во оној 1% олигархија од сојот берач на буџетот за прехрамбени задоволства, залудни патувања и држење блиску на своите (обесени на буџетот, јасно) уживатели без компетенции и сертификат.  

Ако има граѓанство кое ќе ја избегне и оваа мина, за него има спремна следна мина: Социјален булинг преку асоцирање со именување виновници од претходни трагедии, или од партии, здруженија, дури и етнички групи. Ова е минско поле од божемни неутралци, при што основаноста на својата неутрала ја вадат од  практично сѐ! Ако е медиум – сентиментот на неутралноста го вади од најопштoто демаркирање на „независно новинарство“, без оглед што конкретниот перформанс е тотално владино пристрасен. Ако е функционер – сентиментот на неутралноста го вади од најопштата интерпретација на институционалноста како најнепристрасно вршење работа во интерес на граѓаните, без оглед што тотално ги злоупотребил или игнорирал пропишаните институционални одговорности. Ако е професор, сентиментот на неутралноста го вади од професијата врз основа на универзалната етика за објективност, добронамерност и критичка мисла (затоа не ми верувајте ни мене, туку испитајте го сами секој збор овде) без оглед што не презентирал надвор од струката ниедно од овие својства. Дури и ако се претставува како обичен граѓанин, неутралноста ја извлекува од перформансот дека нема функција во системот, ја тргнува професијата на страна, едноставно се претставува како некакво идеално, бајковидно општествено бланко!

Сите вакви „неутрални“ по своја најпроизволна дефиниција за што и да е, ги оспоруваат сите што не се од нивната лична „неутрална бранша“, се колнат од петни жили дека се излезени надвор од системот, но…  Промовираат насилие или разочарување. Во секој случај промовираат ниска, трошачка енергија, долна во споредба со реалната енергија на општеството. Ова минско поле е типично за историското ВМРО: Солидарниот патриотизам како идеја и традиција (дури и на други гранки на ВМРО!) се злоупотребува како силиконска матка за котење на општествени атомизатори кои потоа лажно се маскираат во солидарни – всушност во својата идентитетска спротивност, ако може да се каже „спротивност“ за имање и немање на општествено идентитетско спознание кое задолжително мора да ја вклучува солидарноста, емпатијата и добронамерноста. И се самопромовира како про-народно, про-граѓанско, но не е, затоа што се самопроизведува во „квалитети“ на газда и пес на газда.

Доколку некои успеат да ги прозрат и овие измамници, за него има спремно – користење на алатките за присила од власта. Оној 1% сака да малтретира, пимпла, дави, доколку имате доволно мисла и енергија да ги избегнете сите други мини. Се разбира, бидејќи пимплањето е неосновано, тој 1% кој аздисал нарекувајќи си се извршна власт, иако бил мрзлив да ги избегнува институционалните одговорности, за возврат многу се мачи да внимава да нема многу луѓе кои разбираат, кои не се измамиле со ниедна од фалшливите измами. Инаку – како ќе апси масовно, тоа може да биде крајот на рајот од управувањето без одговорности!

Така, драги луѓе, со душа, со срце и мозок – бидете многу.

Да резимираме, ова се црвените знаменца на измама од виновниците на врхушката во периодот после трагедијата во Кочани:

Мина 1 (или прво црвено знаменце за измама): Асоцирање на молчењето заради сочувствителен етос – со молчење кон претставници на власта. Извршната и локалната власт ги имала сите алатки за контрола, но спротивно на законот не ги употребила или ги злоупотребила. Значи, молчењето не е аморфно, туку има насока КОН КОГО/КОН ШТО СЕ МОЛЧИ. Молк кон одговорните власти е не само различно, туку и спротивно со молк од почит кон трагично починатите. Гласност за одговорноста на власта е во конгруенција со молкот од почит кон трагично загинатите. Се оддава почит на собир со молк, но на владин прес единствено етичка е гласноста, не молкот! Гласни се новинарите, за и власта да даде гласна отчетност. Ако власта не дава пристоен отчет, неетички е да се извлекува барајќи од сите молк со манипулациско поврзување на своето неотчетно криење под клупа со молкот од почит кон загинатите!

Мина 2 (или второ црвено знаменце за измама): Распостелување на вина на сите, а и на други настани од минатото, особено – ограничено на само десетина години. Дисперзија на вината на граѓани кои немале контрола и законски алатки за присила за постапување според законот, со цел одговорните што ги имале сите алатки за контрола да излезат почисти. Ова не само што е навредливо за жртвите од оваа конкретна трагедија и нивните блиски, туку и прифаќањето на ваков фалш, го фрла прифаќачот во когнитивна дисонанца, така што по асоцијација на себе-простување да му прости на оној кој бил одговорен да не се случи трагедијата. Но, ако и малку му простите, му давате можност да направи нова трагедија.

Мина 3 (или трето црвено знаменце за измама): Неутронство во маска на граѓанство или професија/функција, кое се самопромовира дека е надвор од системот и божем ќе го руши за арно. Ова е варијанта на 2, со инвентивни начини на дисперзија на вина кон други лица или други трагедии, или дури и ширење омраза кон граѓани и субјекти кои немале за овој случај алатки за присила и контрола. Овие од петни жили се докажуваат за вистински граѓани преку антиграѓански, насилни, незаконски, неуставни, античовечки дејства, за да ја освојат довербата како антисистемски одметници – божемни вендети. Се разбира, не се тоа, туку само прават фалш логики за тоа кој од внатре е благородниот променувач на системот. Најподмолните мини од овој вид се наменети за младите, а главата на МОН „се покажа“ во спроведување на таа агенда за поделба на студентското движење.

Мина 4 (или четврто знаменце за измама): Разочарани од недобивање функција после паѓањето на режимот на ВМРО ДПМНЕ – ДУИ во 2017. Со бапски „совети“ за запирање на активности и замолчувачки промоции на недејство под изговор на „внимавање“ , оти од лошите „сороси“ во минатото не добиле ќар. Но, ја забораваат аксиомата: Младите не се стари луѓе! Колкава ентропија и да прават овие елементи со труење за „системот“, за минатото, со дисперзија на вина на сѐ и сите освен на конкретната трагедија, младата енергија е поинтелигентна, идентитетски и солидарно е подефинирана и затоа во секој случај, ако посака, со сигурност ја надминува ентропијата наменета да декапацитира  со ваквите наменски општествени мини и труења.

Значи, тукушто се оформи простор во системот во кој за огромен број граѓани важи – она што не ги онеспособи – ги направи пожилави. Штом оној 1% претенденти за олигархија е само толку – 1%, тогаш истиот автоматски нема колективен капацитет да сфати дека веќе е отповикан.

Зачлени се на нашиот е-билтен