Мицкоски го руши дијалогот со Софија за да има алиби за личните рововски позиции

Мицкоски

Премиерот ја прифати иницијативата на Фон дер Лајен, го испрати својот министер на разговор со Софија, а потоа однапред порача дека од разговорот не очекува „ништо“. Ако навистина е така, зошто воопшто се оди на средба?

Зоран БОЈАРОВСКИ

Нема никаква логика во постапките на Мицкоски после средбата со Урсула фон дер Лајен: прво прифати иницијатива, потоа да ја спроведе, а непосредно пред нејзината реализација вели дека од неа не очекува никаков резултат.

Токму тоа сега се случува со најновиот македонско-бугарски обид за разговор.

По средбата со Урсула фон дер Лајен, Христијан Мицкоски кажа дека го прифатил нејзиниот совет за директен разговор со Софија и дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ќе побара средба со бугарската страна.

Тоа беше, да речеме – разумен чекор.

Но потоа дојде изјавата на премиерот: „Не очекувам потврда, не очекувам ништо.“

И уште: очекува само разговор „на коњопој“ и „отприлика тоа да биде тоа“.

Тука веќе не е проблемот во Софија.

Туку во политичката логика на Мицкоски.

Ако не очекуваш ништо, што бараш од разговорот?

Никој не очекува една средба на двајца министри да го реши македонско-бугарскиот спор.

Но дипломатијата не служи само за потпишување договори.

Служи за тестирање позиции, отворање канали, создавање доверба и барање простор таму каде што во моментот изгледа дека го нема.

Ако Македонија сака да ја промени ситуацијата со Бугарија, разговорот е неопходен токму затоа што двете страни не се согласуваат.

Затоа изјавата „не очекувам ништо“ отвора непријатно прашање: Дали средбата е вистинска дипломатска иницијатива или само исполнување на европска сугестија?

Зашто ако целта е само да може да се каже „разговаравме со Софија“, тогаш тоа не е стратегија. Тоа е форма. Па и зафрканција со предлогот, иницијативата на претседателката на Европската Комисија

Алиби за однапред очекуваниот неуспех?

Мицкоски има право да биде скептичен кон Софија.

Но има една разлика која е важна.

Скептицизмот е политичка позиција. Однапред прогласениот неуспех е алиби.

Ако средбата не успее, премиерот веќе има подготвено објаснување: од Софија и онака ништо не се очекувало.

Ако, пак, се постигне нешто, може да се каже дека тоа било само неформален разговор.

Во двата случаи политичкиот ризик е минимален. Типично за Мицкоски.

Но Македонија ризикува да остане на истото место.

„Ќе чекаме и со децении“

Оваа изјава не може да се одвои од пошироката политика на Мицкоски.

Премиерот веќе порача дека Македонија, ако е потребно, може да чека и со децении, наместо да прифати решение без гаранција дека тоа ќе води кон членство во ЕУ.

Ако така сака тој, тоа е легитимна политичка позиција. За него.

Но тогаш треба да се прашаме што значи таа позиција за Македонија.

Ако стратегијата е да не се направи чекор додека не се добијат гаранции, тогаш дипломатијата треба да биде насочена токму кон добивање на тие гаранции.

Да се разговара со Софија.

Да се разговара со Брисел.

Да се постават конкретни барања.

Да се бара механизам кој ќе спречи нови билатерални условувања.

И ако другата страна го одбие тоа – тогаш Македонија има јасен дипломатски аргумент.

Но ако однапред се каже дека од разговорот не се очекува ништо, тогаш се губи и можноста да се тестира дали нешто навистина може да се добие.

Не мора да попушти. Мора да знае што сака.

Ова е суштината.

Мицкоски може да води и многу тврда политика.

Но тврда политика не значи да не разговараш.

Тврда политика значи да влезеш во разговорот со јасни услови, конкретни цели и план што правиш ако другата страна ги одбие.

Ако Мицкоски навистина сака да ја промени позицијата на Софија, оваа почетна средба е можност.

Ако сака само да покаже дека Македонија „се обидела“, тогаш неговата изјава однапред ја објаснува целата операција.

Затоа најважното прашање е: Дали Мицкоски навистина сака од оваа средба нешто да произлезе?

Зашто ако сака – тогаш „не очекувам ништо“ е лоша порака.

Ако, пак, не сака – тогаш треба отворено да каже дека неговата политика е статус-кво и дека Македонија е подготвена да чека.

Тоа е легитимен избор, ама негов и на неговата партија.

Но тогаш граѓаните треба да знаат дека статус-квото не е резултат на неуспешна дипломатија, туку свесно избрана политика кој не остава да си тапкаме во место.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?