Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дефект при имитација на благороден систем

Само поединци од ВМРО-ДПМНЕ се спас за самата структура, а воедно и спас за она што постојано партијата се колне дека го спасува (а всушност, постојано ѝ забива нож в грб) – Македонија. Ако некои имале благородна идеја, тогаш време е да ја издејствуваат, бидејќи таа е во согласност со благородната идеја за Македонија во ЕУ, која е и самата благородна идеја.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

При занимавките со математиката на информациската теорија на интеграција, налетав и на теоријата на професорот по економија Гарет Џонс, дека коефициентот на интелигенција на државата во која живееме далеку посилно влијае на нашиот живот отколку нашата сопствена интелигенција. Секако дека индивидуалниот коефициент е показател на процесната моќ на индивидуалниот ум и тој, несомнено, „ѝ врши работа“ на личноста, но државниот коефициент многу претежнува за степенот на квалитетот на животот. Џонс детално го изложува овој парадокс во книга издадена од Станфордскиот универзитетски печат кадешто, во основа, се повикува на „умот на кошницата“ (hive mind) како својство кое еден колектив го има, а секоја единка посебно – го нема. Тоа својство е посебен квалитет на колективите интегрирани низ соработка. Кога колективот е воспоставен, секоја единка има само малечко влијание врз него, но колективот, за возврат, има големо влијание врз неа. Секако, Џонс не изоставува да даде препораки како да се качи државниот коефициент на интелигенција, иако истражувачите кои ги следат државните коефициенти, наведуваат сѐ поголеми бројки низ годините, на глобално ниво.

Во принцип, препораките можат да се сведат на способноста за соработка за цели во кои колективот добива, што е вин-вин ситуација за сите индивидуи, со оглед дека колективот силно влијае врз нив. Џонс претпоставува дека способноста за соработка потекнува од способноста за „флуидно“ учење, односно слободно поставување суштински прашања, особено за сличности и разлики на работите, колку и будалесто да изгледаат таквите прашања. Државите во кои флуидното учење е значајно вклучено во образованието, подобро успеваат да соработуваат. Полесно наоѓаат мостови меѓу фините слоеви од специјализации на индивидуите и со тоа му го даваат „магичниот“ квалитет на колективот – оној кој секоја индивидуа, па и секој посебен специјализиран слој, го нема. Во пракса, државите во кои владее висока соработка се побогати, попродуктивни, котираат подобро во индексот на перцепција за корупцијата и владее автентично поголема доверба во нивните влади и политичкиот систем.

Способноста за соработка е карактеристична и на индивидуално ниво, во мали групи од поинтелигентни луѓе. Затоа, Џонс ја смета за основно врзно ткиво од кое произлегува новиот квалитет на колективот, квалитет кој не може на ниеден начин да се „смести“ во драстично помалку индивидуи отколку што колективот брои. Доколку ја има во изобилство, таа се чита во пристоен колективен коефициент на интелигенција, додека пак доста пониски вредности од стандардниот просечен коефициент 100, укажуваат дека колективот не соработува добро. Досега не е најден пример со кој корелацијата во насоката „повисока колективна интелигенција => повисок социоекономски развој“ е побиена. Напротив: Државните резултати од математика, науките и читањето со разбирање секогаш се правопропорционални со коефициентот на интелигенција на популацијата, а сите заедно се робустен предиктор (иден показател) за индексите од Светска банка. Значи, прво колективна интелигентност, па после развој.

Она што ми правеше нестрпливост во разгледувањата, воглавно се состои во прашањето дали во едно општество јавните личности можеби имаат поголемо влијание врз квалитетот на тој „ум на кошницата“. Односно, бидејќи дејствата на јавните личности повеќе се пропагираат низ колективот, дали може да настане грешката со обиди за  „сместување“ на новите квалитети на колективот во драстично помала група, подгрупа (можеби и специјализирана „каста“) од колективот? Затоа, ми изгледаше корисно да се видат разгледувања од невробиолози кои се занимаваат со – што е тоа што ја прави интелигенцијата на еден колектив. Во основа, идејата ми беше да видам разлики меѓу претежно егалитарни и прилично авторитарни колективи во однос на начинот на кој би се појавил новиот квалитет на колективот. Прифатливо ми е дека тоталната егалитарност и тоталната авторитарност се нестабилни состојби, токму заради природата на поимот соработка. Тоталната егалитарност со сигурност е неефикасна, бидејќи – на кого ќе падне носењето одлуки? Тоталната авторитарност, пак, јасно, ги губи информациите заради тоталната определеност на единка од која зависат одлуките, што води до погрешни одлуки: флуидното учење е сопрено, а групното мислење не е мислење.

Невроните во мозокот, изгледа, се однесуваат прилично егалитарно. Одлуките што еден индивидуален ум ги прави е, практично, со „комитет“ од неврони кои прават консензус меѓу милиони опции. Но, невроните со „глупави“ опции брзо се замолчуваат. Ние си замислуваме дека еден индивидуален ум, на пример, зема чешел (да ја исчешла косата на личноста која го носи) како единствено точно дејство, но не е така. Треба да знаеме дека „комитетот“ неврони разгледувал и земање чекан, на пример (и тоа почнува со ч, се зема в рака, итн). Како била инхибирана таа опција?

Професорот по невробиологија Томас Сили од Корнел го согледал овој процес на замолчување на опции користејќи прво вистинска кошница од пчели. Набљудувал специфичен „танц“ на пчелите при кој се замолчуваат една со друга при преносот на информација за некоја опција. Вкрстувањето на инхибиторните сигнали едни против други создало систем со повратна спрега: Малечка почетна предност на една група се претворила во поголема предност со текот на времето. Тоа редовно се преточувало во одлука на целиот рој, и тоа таква, што ја максимизира добробитта на ројот! Се смета дека и невроните, и пчелите се несвесни на кој начин нивните сигнали воопшто се подлога за една интелигенција со квалитет различен од  секој нивен поединечно. Од пчелите се формира „умот на кошницата“, поинаков од умот на секоја поединечна пчела, а од невроните – нашата свест за самите себе.

Но, дали државите (па и човештвото) како целина можат да достигнат „ум на кошницата“ и дали е тоа препорачливо? Некои веднаш помислуваат на авторитарен колектив, или, вљубениците во научна фантастика неизбежно ќе помислат на Борг. Скоро веднаш доаѓа идејата дека личниот идентитет би бил изгубен во колектив – кошница. Одвратноста кон Борг-кралицата како највисок одлучувач, авторите на овој измислен колектив ни ја сугерираат како гадливост кон диктаторски, па и фашистички систем, а Борг колективот е смислен и како предатор за индивидуалниот идентитет на не-Боргите, низ задолжителната асимилација. Но, високата специјализираност по единка, ефикасната поделба на работата и интегрираноста низ соработка, авторите не им ја одземаат, бидејќи тие мора да бидат прикажани како успешна раса! Борг – колективот вака претставен е невозможност (или само краткотрајна возможност), дури и без човек да ги земе предвид разгледувањата од информациската теорија на интеграција, бидејќи очигледно е дека квалитетот на соработка е неспојлив со анти-квалитетот на асимилаторство. Ако не е очигледно, можеби ќе помогне теоријата на интеграција кон крајот, подолу. Ова ме наведува да ја испитам причината за појава на авторитарноста.

Откако сфаќам дека авторитарен колектив кој не е човечки тешко ќе најдам и дека авторитарноста изгледа е својствена само за нас, комплексните, кои веќе самите сме невронски консензуални структури, морам да видам дали авторитарноста е аномалија, грешка при имитација на природните егалитарни структури или, пак, е инхерентно својство на вложени невронски структури една во друга. Бидејќи, ова е важно за прашањето дали едно општество може да има својства на повисок суперорганизам? Дали можеби државите со повисока интелигенција се поблиску до таква општа самосвест, или, пак, независно од колективната интелигенција – можеби авторитарните се поблиску? Тогаш, дали самосвеста на тој суперорганизам ја јакне или ја слабее самосвеста (идентитетот) на индивидуалните членови на својата структура – луѓето? Конечно – дали е препорачлива, или, пак, можеби е незбежна постојаната интеграција во нов и нов организам?

Нормално дека „коцките“ ми се споија на вакви прашања во период на големи верски празници кога многу пати се спомна Бог. Просто, не може да се избегне дека Бог е идеја за супериорен организам составен од нас самите. Дополнително влијае и упорното прашање за нашата интеграција во ЕУ, со спротивставувањето низ поимот идентитет. Исто така, дејствата на медиумите од „маслиновиот“ унгарски дијаграм (и плус), како и изместеноста на ЗНМ, ми личат на аномална имитација на информационо-инхибирачкиот танц на пчелите на Томас Сили. Разликата е што кошницата е природен систем кој е докажано интелигентен – секогаш за добробит на сите пчели, а медиумскиот „танц“ од лаги е наменет за цензура на вистината, неприродност што води во штетни општествени одлуки. Токму како недискриминирање на неразумна опција од „комитетот“ на неврони, за чешлање со чекан. Купот погрешни информации, неприродните нелогичности во медиумите и злонамерни изместувања на вистината даваат резултат на „пресадување“ на ниска интелигенција кај конзументите. Тоа не може да води во повисока општа интелигенција, соработка, па развој. Дури и повеќе изгледа како обид за формирање на зол „ум на кошницата“ на штета на своите единки (освен за една помала каста), отколку што е само пречка за појава на нов позитивен квалитет на колективот.

Две вмрежени општествени структури, од кои една поегалитарна (демократска, социјалдемократска), а другата авторитарна (ВМРО-ДПМНЕ – со докажано авторитарно заробување на државата, да се потсетиме дека заедно со Фидес се предмет на научно проучување како заробувачи на држави, на пример [“How do political parties capture new democracies? Hungary and North Macedonia in comparison”, K.R. Auerbach, J. Kartner], итн.), се разминуваат во борбата за „кошницата“: Поегалитарната е во потрага по природниот консензус и соработка, за добробит на сите низ вин-вин ефектот за секого, на истиот начин како и природните егалитарни структури, додека авторитарната структура бара пак да го зароби општеството, пак да исштанца неправедни закони, да ги игнорира правата, да дискриминира што не се дискриминира, да востоличи општа неинтелигентност, да го претвори поимот за соработка во трговија или јарем, да го изолира македонското општество од ЕУ општествата кои се со докажано високи стандарди и развој, да ги држи сите индивидуи в рака, да им ја земе личната идентитетска слобода, заменувајќи ја за некаков импотентен „национален идентитет“. Точно така, импотентен, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ или не разбира каков квалитет треба еден национален идентитет да пројави, или му го ограничува квалитетот намерно, непријателски, низ тесни ксенофобни дефиниции. Како сила која ја засилува трагедијата на заедничкото, низ искоренување на заедничките ресурси. Еден национален идентитет би требало да има квалитети кои обезбедуваат и опстанок, и напредок на индивидуите, а не да биде киднапиран од уценувач кој го вперува прашањето кон секоја индивидуа: Или опстанок исклучиво со уценувачот, или нема напредок.

Така, ВМРО-ДПМНЕ, како авторитарна структура и одвнатре и нанадвор може да послужи како индуктивен пример во истражувањето на прашањето дали авторитарноста може да формира колектив со нов квалитет како „ум на кошницата“, каков би бил тој и како влијае на поединечниот идентитет. Прво, истражувањата на Гарет Џонс, на Томас Сили, но и на многу други (на пример биолозите М.Трависано, В. Ратклиф во проучувањата на улогата на соработката за формирање на многуклеточноста, Џ. Штрасман и Д. Квелер за индивидуалноста како неодделив дел од колективноста, невронаучникот Џ. Тонони за конгруентноста на специјализираноста со интегрираната соработка – наместо очекуваното спротивно, филозофот Дејвид Чалмерс за потеклото на самосвеста од колективноста, итн.) покажуваат дека новиот колективен квалитет задолжително работи ЗА секоја индивидуа во колективот, односно невозможен е опстанок (и напредок) на колектив со колективен ум кој работи на штета на опстанокот и напредокот на огромно мнозинство на своите индивидуи.

Имено, појава на лош/штетен сигнал на неврон се замолчува за милисекунди, а континуирана низа од замолчувања означува дефект и води кон умртвување на индивидуалната клетка. Премногу такви – и организмот е мртов. Медиумите во „унгарскиот дијаграм“, во заблуда дека формираат колективен автомат кој како перпетуум мобиле ќе работи за мала каста индивидуи, го прават дефектот масивен, бидејќи колективен ум за правење штета на преголем број индивидуи од колективот – не може да опстои, може само да е куга или бомба што го растура колективот. Понатаму, природната соработка како врзно ткиво на општествениот организам не може да се имитира со купената или подјармувачката „соработка“, тоа е само еволутивно далеку поназадна трансакција и нема допирни точки со зголемена колективна интелигенција или појавата на нов позитивен квалитет на колективот. Самиот акт на имитација, пак, прави директна штета на колективната интелигенција, бидејќи индивидуите се излажани дека тоа е вистинската соработка, се навикнуваат на неа и се надеваат на неа – дека, евентуално, би ги довела до општество кое работи во нивен интерес.

Од овие причини не верувам дека баш секој во ВМРО-ДПМНЕ го мисли истото што јавно партијата го прави. Само поединци од ВМРО-ДПМНЕ се спас за самата структура, а воедно и спас за она што постојано партијата се колне дека го спасува (а всушност, постојано ѝ забива нож в грб) – Македонија. Ако некои имале благородна идеја, тогаш време е да ја издејствуваат, бидејќи таа е во согласност со благородната идеја за Македонија во ЕУ, која е и самата благородна идеја. Доста со прејадување маслинки. Единствен траен бенефит им е оној кој ќе им го обезбедат на сите. Одважување да не се биде послушник на автократ кој гарантирано разбира помалку, е смислата на херојството и на личниот интегритет.

На крај, за идентитетот. Истражувачите од информациската теорија на интеграција и на вештачките невронски мрежи немаат работено со вложени свесни структури во организација на нова свест. Но, математиката покажува дека се можни такви суперструктури, при што со сигурност се од бенефит и на најосновните единки од најдолната потструктура. Она што се знае математички (Тонони) е дека кај вообичаените вештачки невронски мрежи, количината на информација интегрирана во индивидуалните неврони се стреми кон нула кога информацијата интегрирана во мрежата ја надминува количината од сите поединечни неврони. Малку изгледа како во круг, но не е: Овој наод покажува дека извесна количина информација во секој поединечен неврон мора да има, но нејзини евентуални повторувања/алтернативи не се пропагираат низ мрежата, колку што повеќе мрежата го пројавува новиот квалитет (неприсутен кај поединечните неврони). Така, со идентитетот би се случило „магичното“ својство на Колмогоров коe обезбедува еден алгоритам (оној кој го генерира нашиот идентитет) да си ја врши својата функција перфектно, а тоа е доведување до статусот на некомпресибилност на информацијата што алгоритмот ја содржи: Нема клонирања, нема „алтернативни“ повторувања во системот, едноставно има 0 дополнителна информација за сопствената „ознака“ што се испраќа низ мрежата од страна на еден неврон. Во превод на општественото значење, кога системот е толку интегриран (низ соработка!), што е спремен да го пројави новиот бенефиторен квалитет за сите индивидуи, тогаш, истовремено и секој посебен идентитет е максимално и недвосмислено дефиниран, и на секоја индивидуа, и на некоја нејзина евентуална група со „добра“ дефиниција. Мислам дека ова може да се потврди во државите со повисока колективна интелигенција. Тие не само што се развиени, туку и немаат идентитетски проблеми и ги почитуваат правата на разни групи.

Приврзаниците на автократскиот систем ја имаат „намирисано“ важноста на идентитетот на единките во колективот и затоа прават манипулации со него. Автократот формира дефекти што се пропагираат низ колективот, како што е на пример дефектот на насила „сместување“ на колективниот квалитет во само една специјализирана каста (специјалните Македонци од ВМРО-ДПМНЕ, на пример) како во тесна кондура. Или пропагирање на повторувања на идентитетската ознака ad nauseam во мрежата, што не останува место за врзивната соработка. Или интервенции во мрежниот консензус со отстранување на опции добри за колективот или интензивно промовирање на опции штетни за колективот. Вакви дефекти, во најдобар случај, придонесуват кон статус кво со ниската колективна интелигенција или влошување. Напикувањето на постоечкиот „ум на кошницата“ во кастата што сака да се замислува за генератор на тој колективен квалитет, е директно анулирање на личниот идентитет, со што генерирање на една благородна мрежа понатаму е невозможна. Тоа значи распаднато општество, наместо нов, развоен квалитет од бенефит на секоја индивидуа.

Зачлени се на нашиот е-билтен