Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Не е општа констатација, не е ниту општо место, туку е сосема практично, конкретно и сликовито: денес луѓето се плашат од љубовта, спремни се на сè, само на љубов не. Спремни се за војна, спремни се за да убијат, спремни се дури и за (квази)филозофски расправи во кои се пресметуваат со љубовта како нешто кое е насилно и длабоко вознемирувачко. Денес луѓето сакаат стерилност, лицемерие кое преминува во безболност. Мене, таквото однесување ми личи како да се наоѓам во болничка соба за евтаназија во која добиваш шприц во стомак, во рака или во врат, а потоа чекаш само две минути за да умреш. Безболно.
Од многу мали години разбрав дека на овој свет не постои ништо безболно, а уште и тоа да е вредно. Нема безболна вредност. Светот денес е одвратно место за живеење, тоа е општо познато и тоа сите го знаат. Возможно е да слушнете топол човечки глас во поле на кое лежи човек прекриен со искршени алкохолни флаши: уживај, пријателе, ова најдобриот свет од сите возможни светови. И, ако, ова е најдобриот свет од сите возможни светови, тогаш единствена среќа на овој свет е што останатите светови не се возможни.
Зошто вакви воведни ламенти, некој ќе праша? Затоа што се обидувам да си ги објаснам работите во овие коoрдинати, всушност овие коoрдинати го одредуваат „ритамот на животот“, го одредуваат тој „рам“, го одредуваат „нашиот терен“. Сè што сум правел и сè што правам со мојот „ангажиран активизам“ е свртено кон човекољубието, свртено е кон лево, спротивно од десничарењето, цртица којa ме води кон преиспитување и самопреиспитување.
Имате, да речеме, некаков „Берлински sид“, таквиот sид зборува за човек што сериозно зацапал во теории на заговори, а сопругата му е здравствена работничка, лекарка и докторка. Таа лечи луѓе со лекови кои се направени од науката, а мажот се шприца со теории на заговори. Потоа, да речеме, имате песна на Tindersticks, „My Oblivion“, група/бенд кој создаде сопствен музички свет, љубовна песна за луѓе кои имаат телесно разбирање, ама немаат ништо освен тоа. Седите во некое кафуле, или влегувате во хотелска соба, ги растргнувате завесите, ја отворате терасата низ која се гледа големиот град, не се сеќавате како тука сте се нашле, ама погледот на вашето минато ви делува како поглед на вашата иднина. Приметувате само музика која влегува во вашите уши и зборови за љубовта, огромна количина на меланхолија која се цеди низ просторот и времето.
Не, не се работи ниту за длабокиот глас што нè води кон бес и крик, туку се работи за силна афектација од која се изговара вистински човечки збор. Да слушнете реченица во која звучи така човечки, како да му е последна, тоа е вистинско зборување. Сакам таков глас кој ќе те фати за рака и ќе те поведе во ретро-реалноста која личи на современост, но и современост во која мажите мислат, чувствуваат и зборуваат како луѓе од минатите времиња: како Богард, да речеме. Од првата до последна минута Богард глумеше во филмови за љубовта, токму онака како што пееја, свиреа и поетизираа Tandersticks-и.
„Му Oblivion“ во себе има толкава количина на меланхолија што си мислиш дека цела земја може да ја поклопи со депресија и го запре движењето.
Знаете што, јас сум голем дрдорко, стално нешто ми смета и недостига, и не се работи за тоа дека не ја разбирам современоста. Напротив, ја разбирам, ама ја отфрлам. Посебно кога ќе видам како современоста функционира на децата, чувствувам дека немам алатка за да се изборам со нивниот свет. Не разбирам ниту што љубат, ниту дали е возможно да љубат. Ако старите не им се капацитетни за љубов, што тогаш може да се очекува од тие мали и изгубени деца?
Денес луѓето сакаат стерилност, лицемерие кое преминува во безболност. Мене, таквото однесување ми личи како да се наоѓам во болничка соба за евтаназија, и само чекаш шприц во стомак, во рака или во врат, а потоа за две минути умираш. Безболно.
Бескрајно е тажно кога се гледаат млади луѓе кои, трчајќи по сигурен секс, закачени се на Тиндер, а оваа апликација не е ништо друго освен јавна куќа во која не мораш да платиш. Сè што можеш да платиш со пари безвредно e. Сè што не си платил со крв и солзи, безвредно е. Светот денес е говно, а тука, право да си зборнеме, сме и ние. Не знам дали е ова најдобриот или најлошиот од сите возможни светови, ама знам дека е единствениот што го имаме. И знам дека ваков заслужуваме. Ако ние бевме подобри, сигурно ќе бевме и во подобар свет.
Во својата екстатичност, вознемиреност и лудило, љубовта е најубавата и највистинската работа во оваа депонија на изневерени очекувања, згазени вредности и шанси.
Секој момент што не го поминав во љубов беше момент кој го прокоцкав, и појма немам каде ова сум го прочитал, ама многу вистинито ми звучи.
Извор: Frontline