Ајде мандатите нека траат не повеќе од 6 месеци. Еве двојно, нека се дванаесет месеци. Има да се прилагодат славните „водачи“ уште од првиот час на преземање на државна функција! Приказните дека кратките мандати носат нестабилност се мит.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Поговорката за власт-сласт постои не за да ја прифатиме како нормална вистина, туку за обратното. Таа треба да предизвика протест во нас. Зошто власта би била сласт? Заради привилегиите и парите, нормално. Или, можеби, власта е сласт затоа што секој би требало да е среќен да договара паметни решенија со граѓаните? И да биде среќен да преземе одговорност за нив? Па, ако второво предизвикува смешкање за наивниот идеализам, тогаш вреди да прегледаме некои концепти. Еве, првиот концепт нека биде за мандатите на љубителите на „слаткото“.
Живееме ера на блокчејн технологија, дигитални облаци, масовни бази во огромни сервери и вештачка интелегенција (ВИ). Светот доби односи како во маало. Дневните промени се случуваат како по бурно море наместо како на прецизна вага. Во услови на ваква брзина, не се оправдани мандати од цела вечност – четири-пет години! Има ли логика во овие брзи времиња да обезбедуваме толку долги мандати на луѓе што самите си се кандидираат за моќни функции? Луѓе без посебни квалитети за одговорност и квалификации за управување на институции? Уште и потпросечно совесни отколку „репрезентативен примерок“ од случајни минувачи на случајни улици?! Особено во мала држава од која денес може да се состави база со навистина малку полиња од профили на луѓето. Таква база на податоци и една недовежбана ВИ може да ја анализира за неколку минути и да ги идентификува „гнилите јаболка“. Несоодветните за носење функција, тогаш ќе бидат видливи како божиќна елка во темница.
Приказните дека кратките мандати носат нестабилност се мит
Ајде мандатите нека траат не повеќе од 6 месеци. Еве двојно, нека се дванаесет месеци. Има да се прилагодат славните „водачи“ уште од првиот час на преземање на државна функција! Приказните дека кратките мандати носат нестабилност се мит. Времињата се брзи за сите! Зошто само водачите би живееле на друга планета, во некаква временска изолација? Нема резон зошто би давале некому време да смислува како да ограбува (вклучувајќи ги и кутрите свои поддржувачи). Зошто би му овозможиле некому да губи време со нон-стоп кинење зелени за да се одржува на раководни места? Згора, му останува уште време и да се зеза со легализирање правила (политики) што се на наша, граѓанска штета! Следствено, штети трпат државата и општеството, како простори за реализација на граѓанскиот легитимитет. Оваа идеја за кратки мандати е, суштински, во врска со принципот на санкционирање според заслуги од теоријата за заеднички ресурси. Општествата алармантно ги губат алатките за реализација на овој принцип за санкционирање на своите лидери. А тој е основен, како имуност, како механизам за опстанок.
Овој концепт за кратки мандати е дел од едно пошироко решение за нас, граѓаните. Ние, граѓаните го носиме граѓанскиот легитимитет и мора да имаме функционални алатки за да го реализираме. Граѓаните мора одлично да знаат дека власта не е награда, не е статус и никако – извор на привилегии. Не -да климкаат со главата дека власта е сласт и да кренат раменици! Мора длабоко и сите 100% сигурно да знаат дека власта мора да служи на граѓанинот. Власта е строго условена и постојано проверлива одговорност. Затоа, кога тврдам дека потребата за долги мандати е мит, можам да го одбранам тоа повеќе отколку само со интуицијата за новите, брзи времиња.
Прво, долгите мандати во тековниов анахрон концепт се засновуваат на идејата дека за сериозни политики се бара континуитет заради долгорочни реформи. Но, долгорочните политики не треба да бидат врзани со долгорочни мандати. Треба да се преносливи од еден носител на функција на друг, но поважно, мора да се јавно договорени и институционално засновани.
Второ, во бавниот, анахрон свет се смета дека кратките мандати би предизвикале ситуација на перманентна кампања, скапи чести избори, замор на јавноста и парализа на административниот апарат. Односно, „природно“ се смета дека функционерството мора да носи одредени привилегии и стабилност за да може да се извршува. Критиката на анахроните пропоненти е дека, ако мандатите би биле кратки тогаш носителите на функции не би имале време за сериозни планови. Ако постојано би биле под закана за санкција, тогаш не би имале сигурност за сложени одлуки. Во услови на долги мандати, пак, носителите на власта имаат авторитет и материјална мотивација. Тоа, за анахронистите е механизам за одбрана од хаос и импровизации.
Во суштина, одговорот се наоѓа токму во ставот кон поговорката за власт-сласт: Се согласувате ли со неа кревајќи ги рамењата, или секоја клетка во вас вика „не може!“? Тие што се залагаат за долги мандати всушност ја мешаат функционалната сигурност со привилегираната недопирливост: Континуитетот е својство на институциите и процедурите, а не на поединците! Ако системот не може да функционира без истите луѓе да седат на власт со години, тогаш проблемот е во слабоста на институционалната архитектура, никако во кратките мандати. Историски гледано, најголемите злоупотреби произлегле од предолги, несанкционирани мандати. Тоа се случува затоа што носителите на власт имале време да ја заменат одговорноста со лојалност. Таа замена ја спроведувале мошне практично: Граделе клиентелистички мрежи и го заробувале правосудството. Понатаму заслабнувале и останатите институции, а буџетот лесно станува касичка-прасичка за малкумина.
Јавната функција не смее да биде пазарна награда
Аргументот за материјална мотивација, е уште посомнителен. Јавната функција не смее да биде пазарна награда! Штом некој бара власт заради финансиска удобност, статус или сигурност, автоматски е неподобен за функција. Тоа треба да го сфатиме 100%, вдолж и попреку на нашето битие. Тоа е онаа стомачна реакција која се чувствува при поговорката за „власт-сласт“. Никакво помирување со нечии индивидуални желби за конзумирање бенефиции! Не смееме да се ронкаме самите себеси со илузии што е „реалноста“! Реалноста е она што тивките (или погласни) пеперутки во стомакот ви го кажуваат: Вистинската мотивација за власт е способноста и подготвеноста да се носи одговорност. Транспарентност на јавното трошење пари до последна точкичка! Не може да креваме рамења ако јавните функции стануваат лична сопственост! Не може да мижиме пред маскирањето на неспособноста со моќ!
Ако си легнеме на брашното дека власта е сласт и си кренеме рамења, тогаш ќе се распаднеме како општество, бидејќи гледањето сеир е на нашата сопствена сметка. Односно, не само што губиме време во реализацијата на нашиот граѓански легитимитет со гледањето сеир, туку процесите интересни за тој сеир се на наша, граѓанска сметка! Не смееме да седиме и да се забавуваме со натпреварот за пристап до ресурси, бидејќи тие ресурси се наши, граѓански. Тие ресурси се за решавање проблеми! Не смееме да прифатиме да бидеме публика наместо вистинскиот суверен. Ние, граѓаните сме суверенот, во секој час, не само на избори. Критериумот за успех на еден политичар треба да (о)стане висок: Спроведување на јавно договорените политики. Неспроведувањето е веќе неуспех, а камоли злоупотребата на функцијата. Во овој наш анахрон систем со долги мандати, ниту неуспехот, ниту злоупотребата имаат последица, а камоли итна. Со кратки мандати последицата е итна. При долги мандати, грешките се акумулираат до непоправливост. При кратки мандати може брзо да се насочиме кон подобар правец. Кога мандатите се долги и грешките се бетонирани, јавноста се депримира, со што општеството се атомизира и на „сласта“ ѝ е полесно да ограбува! Можеме да чекаме само следни избори, а знаеме дека и така времето работи против нас. Одговорноста на функционерите се одложува, а со тоа после лесно се поништува.
Честа проверка за помала штета
Цената на честата проверка е далеку помала отколку цената на четиригодишната штета без корекција, а и онака со долги мандати сме во перманентна кампања. Ако помислиме – популизмот во никој случај не може да е резултат од кратки мандати, туку само на отсуство од критериуми и механизми за оценка. Ако успехот во спроведувањето на граѓанскиот легитимитет од страна на функционерот е однапред дефиниран со јавно договорените цели, тогаш краткиот мандат ги елиминира празните ветувања. А со долги мандати, гледаме дека граѓанството губи контрола, а со тоа, парадоксално, губи и интерес како да го реализира сопственото добро.
Значи: Замор не може да има од можноста да ги шутнеме „слатките“ функционери побрзо, обратно е. Надзор, не може да нема, освен ако сите се слепи, но постоечкиот надзор е прогласен за неважечки бидејќи воглавно се одвива на модерниот, безбеден начин – во дигиталниот простор. Забележете дека колку што функционерите се понеуспешни и повалкани, толку повеќе од „неформалните дискусии“ се однесуваат на политиката. Во воздухот се чувствува притисокот меѓу силата на политичката моќ и експанзијата на граѓанскиот надзор.
Всушност, заморно е анахроноста да кажува што е валидно денес. Само на политичарите им одговара граѓанството физички да се изложува во надзорот, за тие, политичарите да санкционираат наместо да бидат санкционирани! Она што треба да претставува благороден однос, политичарите го претвараат во пресметка. Но, граѓанството не бара мегдан за одмерување сили, туку само тоа што природно му следува, односно, тоа што е законски договорено. Очекувано, авторитаризмот процветува од тој граѓански замор. Нема инсистирања за спроведување на граѓанскиот легитимитет, па функционерот комотно ја сече пропишаната врска со граѓанството. Потоа тој се замислува дека е носител на легитимитетот. А не е!
Мора да имаме остри индикатори за политички (не)успех и кратки рокови, за да нема простор за површност и одложувања, а камоли злоупотреби. Со алатките од новото време, честите избори може да станат техничка потврда за добрата насоченост на политичарот и на политиките, а не циркузијада. Законски пропишаниот однос со граѓанството не содржи сладолед, сендвичи, Сваровски и поединечни, „сосем десетти критериуми“ од навистина разумните критериуми. Така, кратките мандати не се радикализам. Краток функционерски мандат е минимален услов за адаптација на новото време.