Доброто, лошото и грдото од уставните промени

Деновиве слушаме многу аргументи, дебати, анализи и логики за и против вметнувањето на Бугарите во Уставот. Некој се многу добри и легитимни, без разлика од кој табор доаѓаат. Многу професори од науката се потрудија и логички и научно да докажат дека Бугарите не смеат да влезат во Уставот. Но сепак, се работи за политичка одлука. Некои логики од науката се научно докажани како нелогични во политиката, и обратно. 

Љуан ИМЕРИ

Лето 2023, високи температури. Метеоролозите предвидуваат жешко лето. Овие температури дополнително ги подгреваат и дискусиите за и против најавените уставни измени. Тие што треба да ги изгласаат овие измени побрзаа да ги стават на дневен ред во собранието, па да си заминат и да се разладат некаде во Грција, Бугарија, Албанија… A тие што се најгласни за или против најавените измени, веќе се вратија од Грција, Бугарија, Албанија… и така освежени, од некоја длабока сенка, ги коментираат овие најави. Останатите, оние што најмногу ќе ги почувствуваат последиците од која било одлука, се тука, ниту си заминаа ниту ќе си заминат на одмор. Тие едноставно не можат да си го дозволат тоа.    

Влезот на Македонија во ЕУ во моментот е условен од уставните измени, односно од тоа дали во Уставот ќе бидат внесени Бугарите. Од досегашните дискусии не ми е доволно јасно кои се тие што повеќе посакуваат македонските Бугари да не влезат во Уставот – дали е тоа политичкиот врв на Бугарија или, според истражувањата, мнозинството етнички Македонци. Првите можеби затоа што единствено така можат да ги оправдаат своите неразумни барања како од минатото така и од сегашноста. За вторите не е сосема јасно дали одбивањето е резултат на стравот од можните последици, или на потребата да демонстрираат дека им е доста да бидат жртви на историјата.

Извесно е дека македонските Бугари ќе се запишат во Уставот, како и сите други делови од народи што живеат во Македонија, но не е извесно кога тоа ќе се случи. Исто како што е извесно дека Косово ќе има некоја форма на заедница на општини со мнозинско српско население, но не е извесно кога. Извесно е само дека сите очекуваат да биде исполнето договореното, а уште поизвесно е дека од ваквите доцнења и манипулации најмногу трпат граѓаните, а профитираат радикалните структури во секоја држава, а нив ги има сѐ повеќе.

Деновиве слушаме многу аргументи, дебати, анализи и логики за и против вметнувањето на Бугарите во Уставот. Некој се многу добри и легитимни, без разлика од кој табор доаѓаат. Многу професори од науката се потрудија и логички и научно да докажат дека Бугарите не смеат да влезат во Уставот. Но сепак, се работи за политичка одлука. Некои логики од науката се научно докажани како нелогични во политиката, и обратно. 

Во поновата историја во неколку наврати ни се случија уставни измени, а читајќи ги коментарите на најгласните противници, тешко е да се заклучи кои уставни измени беа поболни, тие од 2001 година во услови на закана од војна, оние во 2019 година кога се смени името на државата, или сегашните промени кои ќе бидат според бугарски желби, односно сега веќе според барања од ЕУ. Забораваме, сега сепак преговараме со Европската Унија, а не со Бугарија и исполнуваме обврски договорени со ЕУ.  

Лично сметав дека уставните измени требаше да бидат само техничка операција. Но сега откако дозволивме да се политизираат мислам дека има сѐ помалку време за конструктивна дебата за истите и изнаоѓање решение што ќе биде во интерес на добросостојбата на граѓаните. Во сржта на оваа тешка одлука сепак мора да е добросостојбата на граѓаните.

Доброто

Вклучувањето на Бугарите во Уставот гарантира продолжување на преговорите на нашата држава со Европската Унија – процес за кој се проценува дека ќе обезбеди европска иднина на земјата. Формално ќе бидеме чекор поблиску до приклучувањето во ЕУ, а тоа ќе помогне не само да се зајакнуваат правата на заедниците, туку и, што е далеку поважно, подобро да се справиме со домашните предизвици. Членството во ЕУ ќе помогне да се отворат повеќе економски можности, да се креираат нови работни места, да се подобрат образовните можности. Како членка многу подобро и поефикасно ќе се справуваме со корупцијата и криминалот. Ќе ја зачуваме културата, идентитетот и нашето наследство. Од реформите што следат до исполнување на стандардите сепак главните придобивки ќе ги почувствуваат граѓаните.

Лошото

Секако дека не мора да се изгласаат уставните промени. Веројатно потоа ќе ни се блокира продолжувањето на преговорите со ЕУ. Разочарувањето ќе биде големо. Со тоа, се надевам само привремено, ќе ни се одземе европската иднина. Нема да има пристапни фондови, нема европско образование, нема слободно минување граници, нема дружење со другите од Европа. Уште повеќе млади ќе бараат бугарски пасоши а Бугарија веројатно ќе им бара да се откажат од македонскиот идентитет за да ги добијат. Ќе се соочиме со сериозни политички и економски последици и блокади. Блокадата ќе биде проблем, но уште повеќе ме загрижува тоа што оваа владејачката елита, но и секоја идна ќе си обезбедат оправдување за сопствените неуспеси, како што претходно со децении се случуваше додека траеше конфликтот со Грција. Индиректните последици ќе бидат уште поштетни на долг рок. Полека но сигурно земјата ќе биде изолирана, а младите ќе немаат можност ниту да работат, ниту да преживеат.

Грдото

Нè чека уште промена на Устав и сите драми што следуваат со тоа – долги седници, расправи, пребројувања, купување пратеници, ветување директорски и амбасадорски места, закани, протести, блокади… Ќе се продлабочат поделбите. На рекордно ниско ниво е довербата на македонските граѓани во Европската унија. Продлабочен е јазот меѓу етничките Македонци и етничките Албанци во нивото на поддршка за членство во ЕУ. Свесен сум колку грди се некои случувања од минатото, но ќе биде уште погрдо да дозволиме минатото да ни ја уништи иднината.

Чувствителноста  

Ако се остават настрана интересите на дневната политика, борбата за власт меѓу партиите и ако се анализираат сите аспекти и ставови што се за и против уставните измени, мислам  дека мнозинството етнички Македонци се против уставните измени. Мнозинството етнички Албанци се за. Можеби тежнееме, но сеуште сме далеку од граѓанска држава. Затоа сметам дека претставниците Албанци во власта мораат да покажат разбирање и да бидат многу почувствителни за позицијата, потребите и чувствата на етничките Македонци во однос на бугарското прашање. Албанците најдобро знаат какво е тоа чувство кога некој друг (од друга етничка заедница) преговара за прашања што ги засегаат албанските интереси. Да ве потсетам на случајот кога неодамна, Албанец од Албанија, односно кога премиерот на Албанија се обиде да даде свој конструктивен придонес во преговорите помеѓу Косово и Србија. Дури и тој, иако Албанец, од косовската јавност беше обвинет дека не е „доволно чувствителен и дека не ги знае проблемите на Албанците од Косово“. Албанец од Албанија се перципира од дел од јавноста дека не е доволно упатен и не е соодветен за да ги заштити интересите на Албанците од Косово.  Понекогаш и не е важно дали навистина е така, доволно е така да бидеш перципиран и твојот придонес да биде осуден на неуспех. Сите треба да помогнеме, но одлуката за тоа која ќе биде позицијата на Македонија во однос на бугарските барања кои длабоко задираат во идентитетот, треба да биде на етничките Македонци.

Посакуваното

Би сакал повеќе дебатата и сугестиите од експертите да одат во насока на придобивките или што би изгубиле од внесувањето на македонските Бугари во Уставот и какви се последици може да предизвика, а тие што ќе гласаат да бидат свесни дека историјата никогаш не ги простува стратешките грешки. Би сакал да ги прашам и најгласните противници на ЕУ, каде во моментов живеат вашите деца? И вас почитувани професори –  на колку студенти им предавате? Колку студенти имавте запишано во последната академска година? Знаете ли каде одат вашите студенти?

И да, не живее целиот бугарскиот народ во Македонија. Има провокации и говор на омраза од сите страни. Не може да се тврди дека сите Бугари биле фашисти, ниту некој може да каже дека тие се бореле за создавање самостојна и суверена држава Македонија, како што впрочем не може да се тврди дека и баш сите Македонци се бореле за самостојна и суверена држава, а уште помалку за останатите народи кои се веќе наброени во Уставот. Но сега тоа е минато, сега имаме суверена и модерна држава која мора еднакво да ги третира сите свои граѓани.

Уставот на хартија ги обединува и набројува сите народи кои што живеат во нашата земја. Ќе се впишат и тие 3504 граѓани кои се декларирале како Бугари во последниот попис, односно 0,19% од населението, но тоа нема да ја смени реалноста. А реалноста е дека ние не се познаваме, а уште помалку се идентификуваме со граѓанството и се повеќе сме приврзани кон својот етникум. Комуникацијата, емпатијата и довербата се на најниско ниво. На рекордно ниско ниво е довербата на македонските граѓани за Европската унија, а прогресот кон пристапување во ЕУ е незначителен. Цвета корупцијата и криминалот. И на Бугарите како и на останатите народи брзо ќе им стане јасно дека нема гаранции дека ниту Уставот ниту политиките за унапредување на правата на етничките заедници ќе продуцираат и односи на соживот ако не се трудиме да градиме заедничка иднина. Секако дека не може да го негираме минатото, но исто така не може ниту да бидеме негови заложници.

Треба да знаете
Moже да ве интересира