Кога светските медиуми зборуваат за архитектонски чуда од минатиот век, кога ги спомнуваат визионерските градови изградени по земјотреси, револуции и утопии – таму, некаде во редот стои и Скопје. Не поради „Скопје 2014“, не поради барокните фасади и вештачките споменици, туку поради нешто вистинско – брутализмот.

Една од највлијателните светски медиумски куќи, Financial Times, неодамна го објави текстот на архитектонскиот критичар Едвин Хиткот, кој го нарече Скопје „најлудата бруталистичка метропола на светот“. И навистина, од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на Георги Константиновски, преку поштата на Јанко Константинов, до Националната банка и Музејот на современата уметност – градот е жив музеј на модернистички соништа, изграден врз урнатини, со визија што сакаше да му покаже на светот дека иднината може да се роди од трагедија.
Но, таа иднина никогаш не дојде.
Сè што остана се бетонските споменици на еден минат сон и – тишина.
Додека архитектонски ентузијасти, фотографи и документаристи од целиот свет доаѓаат во Скопје да го документираат тоа чудо на модернизмот, овде никој не гледа, никој не слуша. Министерствoтo за култура и туризам никогаш не ја видоа можноста во оваа приказна – приказна која би можела да стане туристички бренд, национална гордост и уникатен производ за културен туризам.

Нема стратегија, нема визија, нема свест.
Скопскиот брутализам – нешто по што нè препознава светот, кај нас едвај преживува.
По пожарот во Главната пошта, кој ја уништи зградата заедно со дел од уметничките дела, никој не мрдна со прст. Ниту санација, ниту иницијатива. Во 2021 година зградата беше прогласена за еден од седумте најзагрозени споменици во Европа – но тоа беше последниот пат кога некој ја спомна.

И така, додека низ светските архитектонски списанија Скопје се појавува како студија за урбанистички утопии, овде никој не ја користи шансата да го претвори во центар на архитектонски туризам, во учебник за историја на градови што се родиле од пепел, во град што зборува преку своите фасади.
Наместо тоа – фасадите се распаѓаат, приказните исчезнуваат, а визионерите молчат.

И можеби токму затоа, Скопје денес изгледа како град кој светот го разбира подобро од своите жители.
А тоа е најтажната приказна што можеме да ја раскажеме за себе.