Ако сакаме младите да останат, треба да престанеме да ги гледаме како ресурс што „ќе дојде на ред“. Нивното време е сега. И ако уште еднаш ги потцениме, нема да си заминат само тие, ќе исчезне и секоја шанса за вистинска трансформација на ова општество.
Асиб ЗЕКИР*
Во тивките одлевања на генерации од оваа земја не се крие само желбата за подобар стандард. Се крие уморот од чекање, од бескрајни ветувања и од системска глувост кон оние што имаат визија, енергија и знаење. Заминувањето на младите не е каприц, туку неминовна последица на општествена негрижа и институционална миопија.
Нашата држава денес повеќе наликува на систем што ги споменува младите како украсна фраза во стратегии и говори, декларативно признавајќи ја нивната важност и улога во општеството, но суштински не се зафаќа со решавање на реалните предизвици што ги засегаат младите и што се клучни за нивнoто заминување од татковината.
Секоја генерација се соочува со исти апсурди: отруен воздух во градовите, безидејни институции и несменлива елита. Трагедијата како онаа во Кочани – каде млади изгубија животи и се здобија со трајни последици, не е само несреќен настан. Таа е симбол на држава што не знае да заштити, ниту да понесе одговорност. Колку млади треба да страдаат пред некој да преземе одговорност за нефункционалните системи за безбедност, здравство и урбанизам?
Корупцијата станува норма. Загадувањето – хронична болест. А надежта – луксуз што сè помалку си го дозволуваат младите. Тие што остануваат, честопати се борат со административни лавиринти наместо да добијат поддршка за своите идеи. Еколошки иницијативи, општествени бизниси, проекти – никнуваат од волја, не од систем, никнуваат од граѓански организации, не од државните институции.
Во држава што сè уште зборува за младите како „иднина“, а не ги препознава како сегашност, заминувањето не е бегство – туку самоодбрана. И не, тие не бегаат поради материјалните бенефити, туку поради системската сигурност и животен квалитет.
Ако сакаме младите да останат, треба да престанеме да ги гледаме како ресурс што „ќе дојде на ред“. Нивното време е сега. И ако уште еднаш ги потцениме, нема да си заминат само тие, ќе исчезне и секоја шанса за вистинска трансформација на ова општество.
*Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија