Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За лични интереси Државниот испитен центар ги зеде како заложници матурантите

Зоран БОЈАРОВСКИ

Нема друго толкување постапката на Државниот испитен центар освен дека како заложници се земени учениците матуранти и со тоа им го загрозија нивното право, соодветно на законот, да ги завршат своите обврски предвидени со државната матура и во рамките на роковите да се подготват за наредниот чекор за упис на факултетите или да се вклучат вклучат на пазарот на трудот соодветно на нивните желби.

Пред остварувањето на ова нивно право застанаа вработените во Државниот испитен центар кој личните интересите ги ставија пред интересите на неколку илјади матуранти, иако за цело време на нивниот штрајк им беше повторувано дека институциите изразуваат целосно разбирање и дека им даваат поддршка за да се најде заеднички прифатливо решение за надминување на ситуацијата.

Јавноста, матурантите и нивните родители сега со право се прашуваат какво оправдување може да има остварувањето на барањата на ДИЦ, ако тоа треба да се прекрши преку правото на учениците своите матурски обврски да ги завршат согласно датумите кои се дефинирани во Календарот за организација на учебната 2022-2023 година во јавните средни училишта, односно првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, а вториот на 10 јуни, како што тоа го пропишува и законот и Министерството за образование и наука.

Правото на синдикално организирање за остварување на одредени права е неспорно, но сепак, тоа не смее да биде на штета на учениците, кои досега никој не ги праша како со чувствуваат тие кога се соочуваат со оваа неизвеност за нив, или кога никој не ги консултира за било каков нов предлог околу полагањето на државната матура.

Иако Сојузот на средношколци побара да се пронајде решение за проблемот на вработените во ДИЦ, а државната матура да се помести за некој ден, сепак последната одлука на Синдикатот за продолжување на штрајкот ги стави во неизвесност и паника матурантите, особено оние кои планираат своето образование да го продолжат во странство каде датумите за уписи се веќе дефинирани.

За да ги демантира овие ставови на јавноста, на матурантите и на нивните родители, вработените во ДИЦ треба да се одважат, да ги земат во предвид интересите на учениците кои во оваа ситуација се жртви на ситуацијата, и да го продолжат дијалогот со МОН и со Министерството за финансии. Дијалогот помеѓу ДИЦ и Министерството за финансии да продолжи до изнаоѓање на конечно решение, но истовремено, неопходно е да продолжат и процесите кои ги засегаат матрантите.

Да не заборавиме дека одредени понуди се веќе на масата, како што е исплата на регрес за 2022 година и линерно зголемување на платите според методологија за пресметка на платата која ќе биде договорена со општиот колективен договор.

Нека биде тоа неречено прв чекор, и можеби неприфатлив за ДИЦ, но дијалогот не треба да биде прекинат со закани дека ќе престанеле да комуницираат со јавноста.

Па со кого ќе комуницираат ако не со институциите и со јавноста? Таму се одговорите и евентуалните решенија. Нема друга јавност и нема други институции.

Во меѓувреме треба да покажат одговорно однесување и да ги земат предвид и сите други околности во кои се остваруваше образованиот процес како што беше пандемијата со ковид-19 и речиси цели две години онлајн настава или во хибридни услови, а не помалку штета беше нанесена и со дојавите за бомби.

Вработените во ДИЦ да покажат малку емпатија, да не ги ставаат во заложништво матурантите, а своите синдикални и социјални права да ги оставруваат во законски утврдените рамки кои велат дека образовниот процес и утврдените активности утврдени во Календарот за организација образованиот процес да не биде загрозен на штета на учениците.

Зачлени се на нашиот е-билтен