Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Низ годините кои изминаа (а богами изминаа околу 15), научив некои работи во политиката за кои ми се чини дека вреди да се нотираат: постојат луѓе на кои не треба да им се верува ниту кога ја зборуваат вистината. Зборуваат вистинито, барем на „прва топка“ така ни се чини, а откако ќе се исклучат камерите, некако добиваш впечаток дека всушност баш им е гајле.
Или можеби знаат дека тоа е вистина, ама некако ич не им е гајле. Од друга страна, сфаќаш, ако дувнат други ветрови, ете ги таквите на другата страна, ќе продолжат да ја говорат лагата исто онака, или уште појако, како што претходниот пат случајно и без особено внимание се заплеткале во вистината.
Со вистината, поточно со вредностите, работите стојат поинаку: веродостојни се оние „вистинољупци“ кои имаат сериозен континуитет во нејзиното изговарање. Со вредностите, имено, без разликата на аплаузите и исвиркувањата, вам ви се важни и ги експлоатирате; ги користите, во нив верувате и во конечноста – вредностите ги живеете.
На пример, во јавност ти можеш да се занесуваш дека си еманципиран, толерантен, космополит, ненационалист, а дома да бидеш лудак: да бидеш насилник, паша, султан. Ох, чекајте, има уште нешто многу, многу важно: Македонија е преполна со луѓе кои изговараат вистини кои во дадениот контекст се курентни, посакувани, статусно исплатливи. Од таквите ми се повраќа, со таквите не сакам да си имам никаква работа. Таквите, што би се рекло, „не би сакал на патот да ги сретнам“.
Како тоа изгледа во нашата реалност? Еве на пример: Мицкоски (солистот!) зборува купишта гадости за СДСМ и Ковачевски. И сите тие зборови некако звучат „автентично“ и „вистинито“, без разлика што и порано сме слушале поголеми и поавтентични гадости. А ако сте ги слушнале – и за некое чудо сте ги заборавиле – тоа е затоа што обично гадостите се заборавливи.
Мене, од друга страна, не ми е дадена привилегијата да заборавам. Мејнстрим медиумите ме приметија некаде 2018 година, откако, нели, дојдоа „моите на власт“. Едно време бев „светец во медиумите“: најкоментирана и најисплукана „персона драматис“ меѓу Македонците и немакедонците. Лудуваше и младо и старо; сите те запираат по улица, сите имаат нешто да ти кажат, да ти префрлат и дофрлат, ама имаше и од онаа сорта на луѓе – оние фини и пристојни – на кои им е драго и мило за работите кои ги кажуваш и начинот на кој тоа го кажуваш.
И кога сега се враќам наназад, и кога сега се присетувам на работите кои сум ги пишувал и зборувал – јасно гледајќи ја перспективата на мојата земја Македонија – ако не продолжиме по Европскиот, демократски пат – оваа земја ќе пропадне и ќе се распадне од антиевропските радикали и сите врсти на останати лудаци, сфаќам дека јас не сум лажел, не сум зборувал она што било курентно и статусно исплатливо во дадениот контекст. Едноставно сум ја зборувал вистината.
Оние другите, кои денес се опасно запенавени за власт, пред неколку години зборуваа дека „не е страшно да бидат Бугарите во Уставот“. Оние другите, нели, кои устите им се запенавени за власт, моќ и пари: на мојата маленкост и признаваа дека за сè сум во право, ама тие немале јајца тоа да го кажат, оти, нели, „нивните ќе се налутат“. Оние другите, кои, нели, устите им се запенавени за власт, моќ и пари: на мојата маленкост и велеа – откако се гасеа камерите – дека сум фер, паметен и пристоен човек, и дека е добро што го бранам Заев и СДСМ, и дека е добро што договорот со Грците е решен затоа што ќе требало тоа да го решат, и тогаш тие ќе биле предавници, а не ние, и така натаму, и на тоа слично, та дрн, та sврц, и знаете веќе како се тоа оди со таа наша и до злабога превртлива опозиција.
На крајот, збор-два и за Габриел Ескобар, управникот на САД за Западен Балкан: Ескобар и САД ја поддржуваат Социјалдемократската партија на Ковачевски, ама тоа, нели, нема да го кажат јавно и отворено – затоа што тоа не е дел од „дипломатскиот јазик“ – оти знаат америте, батице, кој во оваа земја на кои вредности опстојува. И многу добро знаат со кого си имаат работа. Секогаш странците, посебно САД, ќе бидат со оние кои завршуваат работа и кои веруваат во некакви западни вредности на мир, нормалност, толеранција и демократија. И не само што веруваат, туку ги поддржуваат конкретно оние сили кои ги живеат вредностите кои ги заговараат.
Оние, пак, кои ќе ве убедуваат поинаку, да знаете – лудо ве лажат! (Frontline)