Немаме истражувачка сторија за тоа како е можно сите медиуми да се на страната на опозицијата и тоа не како некаква општа симпатија, туку како агресивни единици против сопствената држава
Пишува: Бранко ТРИЧКОВСКИ
Смислата на битието не е опстојување и безвременско чување на суштината, туку настанот, отворањето на хоризонтот и раѓањето на привремени поредоци.
Фуко, очигледно, не би можел да биде Македонец.
Ние сме борци за зачувување на суштината што одамна сме ја разориле. Од некоја небеска дистанца мора да изгледаме како лудаци кои по рамно се качуваат мислејќи дека тлото е исправено.
Како во онаа реклама за „Сникерс“, мислам дека беше.
Сѐ што ја организираше нашата свест, сѐ што даваше континуитет, сѐ што ѝ ветуваше довршување – пука.
Пука под товарот на целата нација, но чизмата која го прави тој сентандерски расцеп во македонското битие, се вика вмро.
Некои луѓе тоа радо повторно би го закрпиле.
Можеби и јас сум меѓу тие благородни будали.
Но, време е да живееме поинаку.
Така би рекле Фуко и неговиот пријател Морис Клавел.
Ние и живееме поинаку, само што не го прифаќаме новото.
Или себе си се сметаме за недостојни за новото или новото го сметаме за изневерување на нашите надежи, права, верувања и смисла.
А најмногу по тоа што новото воопшто не го разбираме.
Така се родени мислите дека „не заслужуваме држава“ или дека „оваа не е држава“ и дека „не нѐ бива“.
Со алибична интонација дека тоа некој друг, некоја виша сила ни го направила само затоа што сме Македонци, па уште и мали.
Станува крајно возбудливо.
Герман бара народот да влезе во судот, да го растури и да постави свои праведни судии.
Жарко бара судот што ја осуди Сашка и ИРЛ, да се распушти.
Веројатно утре ќе се јави некој со барање да се распушти Собранието.
Или „Зеленто пазарче“ и семафорите кај Градска болница.
Имаме нови конституционалисти.
Без цигли.
Македонија уште не е умрена.
Македонија е во судир меѓу идејата за политичката концептуализација на митот за вмро, значи не за крпење на суштината и реализацијата кои пукаат, ниту пак за отворањето на нови хоризонти и освојувањето на нови привремени поредоци, туку за враќање во трибализмот на масата и единствената артикулација во ликот на вмро, значи сто години назад, и меѓу „обидите да живееме поинаку“ прифаќајќи ги резултатите на транзицијата внатре и критериумите на надворешните интеграции кон кои се стремиме.
Помалку класичен македонизам за сметка на повеќе и подобар и поквалитетен живот.
Без идеализации.
Во првиот случај наебуваме неизбежно.
Се распаѓаме.
Умираме како нација и држава.
Во вториот случај, умираме затоа што самите носители на таа програма знаат да се компромитираат или се немоќни да ги пробијат блокадите на вмро, па прават опортунистички компромиси со злото, во добри намери но, непринципиелно и, второ, затоа што девет и пол десетини од таканаречените медиуми се рентирани да го компромитираат тој пат и тоа преживување на Македонија.
Зошто?
Е па, ето, тоа е убава тема за една истражувачка сторија.
Особено ако се знае дека вмро ја мобилизира простата маса на темата за националните интереси кои ги упропастува, со ослободување и стимулирање на агресијата на простата маса како шанса за успех во животот, со заштита и покровителство на организацијата, во замена за стравот што го шират.
Ботовите кои се јавуваат под моите колумни знаат за мојата резистентност, но тие се тука за да го ослободат македонскиот човек да биде прост, агресивен, насилен, без граници, односно да биде слободен, затоа што вмро ќе го заштити и кога е во опозиција и кога е на власт. Така се шири просташтвото како корнатски пожар на висока сува трева.
А страната на власта нема инструменти за комуникација на своите политики.
Тоа е нашето ново.
Кое помалку, многу помалку го обликува власта, за жал, а многу повеќе опозицијата, односно вмро.
Немаме истражувачка сторија за тоа како е можно сите медиуми да се на страната на опозицијата и тоа не како некаква општа симпатија, туку како агресивни единици против сопствената држава.
Не против сдсм или против дуи, тоа се прави на друг начин.
И е легитимно, се разбира.
И пожелно и потребно.
Во целиот овој процес на распаѓањето, посебна и многу важна улога играат таканаречените медиуми. Тие се бели црви кои го разјадуваат со необичен апетит македонското тело.
Зошто, како?
Можеби еден ден ќе разбереме од некоја истражувачка сторија.
За која јас ќе ги платам сите трошоци вклучително и судските ако Младенчо реши да ја тужи Сашка.
Хахаха!
Немаме истражувачка сторија за тоа како хемофилтрацијата на митовите за ВМРО ги буши гумите на македонскиот воз.
За зградурината, нејзината финансиска втемеленост и внатрешна организираност и функционалност.
Ја замислувам Сашка како го прашува Мицкота: а каде сте вие на големата слика на Тицијан за вмро како фамилија?
Или како етнички ќе се разделиме по разделбата со ЕУ?
Кој ќе остане како Газа?
Да ја осудеа Сашка како пилот на ТЖВ возот на пругата од Орешани до Зелениково за убиството на сто човеци или за кражба на „Линд“ од маркетите на Веро и за возење во автобусите на ЈСП без платена услуга, сите од меделинскиот, пардон, медиумскиот Картел на вмро, ќе се кренеа на задните нозе за да ја одбранат по секоја цена.
Со задните нозе ја покриваат пресудата како комплет, а со предните мафтаат со делови од пресудата што ги нарекуваат скандалозни и прават ветер од кој јавноста може да добие реума.
Нежниот македонски народ да се фати во крстот.
Слушам дека крајно некоректно се однесувале пред судот така што морале да интервенираат од обезбедувањето.
Колективната ономатопеја им е манипулирачка и неподнослива.
Мислам дека е компромитирачка за ИРЛ.
Сакам да кажам дека за таканаречениот еснаф не е битно за што е осуден некој кој е или мисли дека е новинар, дури не е битна ни осудителната пресуда односно, ако новинарите или тие што така се претставуваат, или им е наложено така да се претставуваат, ако се членови на вморонскиот картел, туку е важна шансата да се крене врева која треба да покаже дека судството е катастрофално. Па дури и тоа не е најбитно, најбитно е да се покаже дека власта е катастрофална и дека единствено решение за Македонија, за кое тие не знаат или не сакаат да знаат дека ќе биде брза и релативно безболна медиумски анестезирана смрт на општеството, нацијата и државата, е вмро да се врати на власт, час поскоро.
Не знам дали овие од ИРЛ имаат системски и правни основи да се занимаваат со новинарство.
Тие можат да ја играат и улогата на Марло (Стив Мартин), на Симо (Адријан Броди), дури да бидат и Пинкертони. И да бркаат одметнати каубојци и криминали.
Ловци на глави.
Како што на моменти ми изгледаат.
ИРЛ да го регистрираат како детективско биро.
Тој дел во образложението на пресудата е проблематичен.
И фарма за кокошки или вмро можат да се занимаваат со медиумска активност независно дури и спротивно на Законот, но не незаконски.
Јас би ги пуштил да се занимаваат со таа работа и како новинари, но не знам дали би имал право да барам највисоко ниво на транспарентност за финансиската основа на нивните проекти, демек, кој ги плаќа и со какви очекувања, кога и за таканаречените регуларни новинарски митралески гнезда не се знае ништо во тој поглед.
Ќе прифатат ли од мене милион евра за да го истражат и растурат ЗНМ. И СЕММ. Па и Синдикатот. Кој курац тие инсталации работат, кога не работат за вмро. Сите телевизии, исто така. Или нешто за ВМРО. Блокадите, на пример, како најважна истражувачка тема.
Со најблагородни намери од моја страна.
Прашувам.
Има инстанции на кои ќе се проверува пресудата против ИРЛ.
Најмалку право да дигаат врева околу правото и моралот имаат таканаречените новинари и нивните сервиси.
Затоа што се посмрдливи од дното на кацата со кисела зелка во доцна пролет.
Етичката супстанца на новинарството е потрошена.
Скроз!
Таму нема ниту „е“ од етика и ниту „ч“ од чест.
А Виктор Иванчиќ на времето (2012) пишуваше дека „истражувачкото новинарство“ е речиси без исклучок со криминално потекло.
Не сакам да кажам дека ИРЛ е во таа категорија, но, изборот на темите и на субјектите кои ги истражуваат, заедно со парадите и идејната блискост со криминализираните или проблематични новинарски структури, ме оставаат во сериозни сомнежи.
Во Европската и Светската новинарска организација тоа мора да го знаат. Тука името и статусот новинари се користи за најстрашни злосторства против општеството. Му ги испокинаа сите лигаменти. Ја уништија неговата супстанца. Толку се успешни што јас мислам дека вмро нема да има каде да се врати на власт. (Фронтлајн)