Сосема е јасно дека Гаши е причина, а каубојското однесување на неговиот телохраните е последица. Толку е едноставно и логично. МВР го казни Синани, а министерот Тошковски вели „Гаши не е виновен за инцидентот со косовската претседателка, но полицаецот ќе одговара за заканите“. Тоа не е логично и е спротивно на причинско-последичната врска.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Постапката на Африм Гаши, претседателот на Собранието, односно неговата наредба до шефот на неговото обезбедување да оди на скопскиот аеродром за да се надмине „недоразбирањето“ меѓу аеродромското обезбедување и претседателката на Косово, е причина, а каубојското однесување на неговиот телохраните е последица. Толку е едноставно.
Дека од Гаши тргнал целиот инцидент потврдија два извори. Еден директен и вториот, МВР, врз основа на наодите соопштени на 5 август.
Првиот, собранискиот спикер, во изјава на 2 август вели: „Јас само интервенирав во делот да се смират ситуациите да не се направи дипломатски инцидент“. Под „интервенирав“ тој подразбира му дал наредба на неговиот бодигард да оди на скопскиот аеродром.
МВР, пак, во врска со инцидентот во соопштението од 5 август пишува:
„Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија.
Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.
Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот“.
Значи, МВР точно ја лоцира одговорноста и кривичното делот на шефот на обезбедувањето на Гаши, кој, пак, со наредбата неговото обезедување да оди на аеродромот, предизвикал незаконско постапување, надвор од своите овластувања, бидејќи обезбедувањето на претседателот на Собранието делува во зградата на Собранието, или кога го придружува Гаши кога е тој на должност или кога го обезбедува таму каде што се движи спикерот.
Оттаму, сосема е јасно дека Гаши е причина, а каубојското однесување на неговиот телохраните е последица. Толку е едноставно и логично.
МВР го казни Синани, а министерот Тошковски вели „ не е виновен за инцидентот со косовската претседателка, но полицаецот ќе одговара за заканите“.
Тоа не е логично и е спротивно на причинско-последичната врска.
Јавноста и медиумите реагираа, опозицијата реагираше. СДСМ и Левица побараа од Мицкоски да иницира смена на Гаши за што, му велат, ќе ја има нивната поддршка во Собранието, а од ВМРО-ДПМНЕ го амнестираат претседателот на Собранието, додека за Влен/Вреди интерпелацијата за Гаши е анти-НАТО експеримент.
Апсурдни ставови кои имаат за цел да ја минимизираат борбата против злоупотребата на власта и влијанието од позиција на моќ. Не е логично, ама е политички опортуно.