Хорас Лант, Американецот што ги збесна Бугарите со неговата Граматика на македонскиот јазик во 1952 година

Лант

Автор на првата научна, односно академска граматика на македонскиот јазик е американскиот професор од Харвард Универзитетот, Хорас Греј Лант.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Деновиве се одбележуваат 80 години од објавувањето на првата граматика на македонскиот јазик од Круме Кепески. Наш македонски лингвист, пионер на јазикот, кој има несомнено важно место во историската хронологија на неговото кодифицирање. Неговото дело претставува школска, нормативна граматика, наменета за ученици во основното и средното образование.

Постои еден историски факт кој е познат во академската јавност и во потесната експертска јавност, но убеден сум дека мнозинството наши сограѓани се уверени дека Блаже Конески е автор на првата научна, односно академска граматика на македонскиот јазик на универзитетско ниво.

Искрено, и јас понекогаш по инерција го заборавам тој факт, а некако убаво ми е кога слушам за него и кога се потсетувам.

Автор на првата научна, односно академска граматика на македонскиот јазик е американскиот професор од Харвард Универзитетот, Хорас Греј Лант. Тој ја објавува својата граматика во 1952 година, а во истиот период се појавува и капиталното дело потпишано од великанот Блаже Конески.

Хорас Греј Лант е роден во 1918 година во Соединетите Американски Држави. Тој не потекнува од словенска, балканска или источноевропска средина и нема семејна, јазична или културна поврзаност со нашиот регионот. Неговиот интерес е резултат на академски развој. Студирал на Харвард, а подоцна и на Колумбија, каде што се оформува како славист со посебен интерес за јужнословенските и старословенските јазици.

За време на Втората светска војна, Лант служи во Office of Strategic Services (OSS), претходникот на ЦИА. Во рамки на оваа служба работи како аналитичар и лингвист за Источна Европа и Балканот. Ова искуство му овозможува директен контакт со јазиците и јазичните реалности на регионот.

По војната, Лант ја продолжува својата академска кариера на Харвард Универзитет, каде што станува професор по словенски јазици и книжевности, а подоцна и професор емеритус. Харвард во тој период, а и денеска претставува еден од највлијателните центри на светската академска мисла.

Неговиот прв престој во Македонија се случува на почетокот на 1950-тите години, во период кога македонскиот литературен јазик штотуку е кодифициран и воведен во институционална употреба. Лант доаѓа во Скопје како млад, но веќе оформен научник од Харвард, со јасна цел да го проучи јазикот на терен и да ја анализира неговата реална употреба. Неговиот пристап вклучува директен контакт со луѓе кои го зборуваат и наставници и научници.

За време на престојот, Лант воспоставува соработка со најзначајните македонски лингвисти, особено со Блаже Конески, кој има централна улога во кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Преку оваа соработка добива директен увид во јазичната норма и нејзиниот развој.

Истовремено, Лант е запознаен и со граматиката на Круме Кепески, која веќе се користи во образовниот систем.

Во текот на истражувањето, Лант собира јазичен материјал и врши систематска анализа на фонологијата, морфологијата и синтаксата. Ова истражување претставува основа за неговата книга „A Grammar of the Macedonian Literary Language“, објавена во Скопје во 1952 година. Ова дело претставува првата целосна научна граматика на современиот македонски литературен јазик, напишана според западни лингвистички стандарди и наменета за меѓународната научна јавност.

Граматиката го разгоре гневот на бугарските националисти, кои го сметаа македонскиот јазик за западен дијалект на бугарскиот јазик. Еден бугарски весник, кој ги осудуваше југословенските јазични политики и остро ги критикуваше сите обиди за воспоставување стандарден македонски јазик, изјави дека „несреќните Југословени биле принудени да увезат шпион за да го создадат јазикот за нив. Не ни треба помош од никого од Хорас Лантс!“ „Лантизмот“ бил означен како антибугарска напаст. Лант подоцна се присетил дека „се чувствувал поласкан од моќта што му се припишува и прилично задоволен од идејата за политичка ерес именувана по мене“.

Истата година, Блаже Конески го објавува првиот том од „Граматика на македонскиот литературен јазик“, а вториот том следува во 1954 година. Овие дела претставуваат основа на научното проучување на македонскиот литературен јазик.

Она што го прави придонесот на Лант особено значаен е неговата позиција како професор на Харвард Универзитет, институција со висок меѓународен академски авторитет.

И, како за крај кога зборуваме за лажни митологии што направиле „комунистите“ или „информбирото“ демек чисто да потенцираме дека Харвард Универзитетот отсекогаш се наоѓал во Соединетите Американски Држави.  

Зачлени се на нашиот е-билтен