Не заборавајте – за десницата јавноста е ништо друго освен претстава, поза, кокетирање со најсомнителните страсти на луѓето
Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ
Се поставува прашање дали Мицкоски има коалиционен капацитет? Мислам дека прашањето или дилемата е погрешна. Прашањето кое треба да се постави е следно: дали Мицкоски знае да препознае дека нема демократски капацитет во своите партиски јадра, а потоа ќе биде многу лесно да се отвара дебата околу тоа дали ВМР0-ДПМНЕ има во себе коалиционен капацитет.
Во новите и во старите демократии на европскиот континент, екстремната десница (има ли десница која не е екстремна?) е популистичка, авторитарна, ксенофобна, ултра-конзервативна. Таква е нејзината природа, а таа природа не е демократска.
Во некои други и поинакви земји, да речеме Русија, Унгарија на Орбан и слични, таму имаме авторитаризам или „илиберална демократија“; таквиот поредок, имено, знае потполно да го поклопи општеството. Ако тоа го апсолвиравме, тогаш се поставува ново прашање кое вели: што е она кое постои во демократски општества?
Во демократски општества постојат не само партии, туку и граѓански организации и иницијативи, независни медиуми, истакнати поединци чиј главен збор има тежина – најчесто таквите луѓе се и под најголем притисок, практично без нормален простор и регулирани услови за политичка борба.
Со опозиција како ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Мицкоски, Македонија побрзо ќе стане Руска губернија или Орбанова „илиберална“ демократија, отколку пристојна, нормална и модерна Европска држава. Како е сега тоа можно? Па, можно е затоа што историјата си го брка својот опаш и има шанса повторно да „склизнеме“ во исто ако не внимавеме или само за момент се опуштиме. Мицкоски својот „национален интерес“ го гледа во 1) политичката олигархија; 2) окупација на јавните простори; 3) личен заштитник на сите институции во државата; тие се неговите постулати на кои живее и егзистира во политиката. Нема друг образец, нема друга парадигма. Вечно враќање на исто. Целта, во конечноста, се разбира (ако претпоставиме направи влада, во што искрено не верувам и не посакувам!) – да направи марионетска или „украсна“ опозиција, а ако во тоа не успее, опозицијата да ја остави на раб преку секој легитимитет, и уште ќе направи сè јавно да не постои.
За овие околности Мицкоски сонува, на овие околности се надева. Знаејќи го сето ова, Мицкоски уште и на Груевски ќе се обиде да му докаже дека и тој може да биде калиф наместо калифот. На Груевски ќе се обиде да му докаже дека пилчињата се испилкаа и сега ќе ја „папаат“ кокошката, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. Така работат логиките во тој до-злабога досаден, глупав и коњуктурен свет.
И сега некој ќе го постави бесмисленото политичко прашање: имал ли Мицкоски „коалиционен капацитет“? Не, нема, не затоа што не би знаел да се договори, охооо, знае тој да подмачка и тоа како. Коалиции, драги мои, се прават на некакви идеи и вредности, на некои комплементарни програмски определби. Ако тоа го нема, не е далеку денот кога ќе исчезнат коалициите и ќе остане само тој, заедно со неговиот „партиски тотем и табу“.
Сите други, ако тргнеме од претпоставката дека успее и направи влада, ќе бидат „корисни идиоти“ во неговите режирани претстави. Не заборавајте – за десницата јавноста е ништо друго освен претстава, поза, кокетирање со најсомнителните страсти на луѓето. Не случајно по цели денови бројат само лајкови, гледаат кој ги напаѓа, и нормално – прават анкети само со една и единствена цел – мобилизација на своите партиски (во основна клиентелистички!) војски.
Не се работи овде, само за штури и начелни, готово апстрактни размислувања, драги мои. Дилемите за кои говорам се опипливи и секојдневно актуелни. И не се работи ниту за „штура“ идеологија: ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш работела на рабови измеѓу пасивизација и општествено насилство на политичките непријатели, нивно неприфаќање и дискредитирање.
На крајот, но не помалку важно: кога зборуваме за профилот на една политичка организација, треба најпрво да се видат основите на нејзините „програми“ и „понуди“, а потоа треба да се види како општеството ќе се развива кога таквиот програм ќе биде остварен.
Време е да ги научиме старите грешки кои не ни носат ништо добро. Нема политика во синтагмата која ни вели: „не е важно која боја е мачката, важно е дека лови глувци“. Добро, знам, синтагмата е точна, ама само под еден услов – мора веродостојно да знаеме за кои глувци зборуваме. (Фронтлајн)