Додека Северна Македонија го проширува бројот на дозволи за странски работници до 10.000 сега, со можност да достигнат и 35.000 според законот, вистинската можност е пред нашите очи: десетици илјади невработени Роми кои се подготвени да работат.
Асиб ЗЕКИР*
Додека Северна Македонија го проширува бројот на дозволи за странски работници до 10.000 сега, со можност да достигнат и 35.000 според законот, вистинската можност е пред нашите очи: десетици илјади невработени Роми кои се подготвени да работат.
Позитивен чекор во оваа насока е донесувањето на Законот за привремено и сезонско ангажирање лица (мај 2025), кој овозможува лица од ранливи категории, вклучително и приматели на социјална помош, студенти и пензионери да работат до 120 дена годишно, без да ги изгубат своите социјални примања, статуси или права. Вработените се опфатени со здравствено и пензиско осигурување, а административната постапка за вклучување е поедноставена.
Овој закон е прв голем чекор кон формализација на сивата економија, особено за луѓето кои не можат да влезат во долгорочни работни односи, но сепак можат и сакаат да бидат активни на пазарот на труд.
Со овој модел се отстранува стравот од губење на социјална помош при вклучување во работен ангажман, се поттикнува постепено економско активирање на невработените, се намалува сиромаштијата преку дополнителен приход и осигурување.
Меѓутоа, за да има реално влијание во ранливите заедници, потребни се и придружни мерки и активности од типот на: јавно информирање – многу граѓани сè уште не се запознаени со законските новини, целни програми за обука и посредување при вработување, особено во секторите што ги опфаќа законот (земјоделство, угостителство, домаќинство), интегрирана соработка со општините и граѓанските организации – тие имаат директен контакт со луѓето, следење на имплементацијата за да се обезбеди дека мерката навистина ги достигнува ранливите.
Ова не е прашање на хуманост. Ова е прашање на економска логика и социјална правда. Државата покажа дека може да создаде флексибилни решенија за вклучување на невработените. Сега е време тие закони да стигнат и до ранливите заедници, каде подготвени луѓе чекаат шанса.
*Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија