Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Инженеринг на масите или мудроста на просветителот?

Достоинството од минатото не го имплицира задолжително достоинството во иднината, но достоинството од иднината задолжително го имплицира достоинството во минатото

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Кога ја чув порано изјавата „Народот е секогаш во право дури и кога греши“ ми изгледаше помпезно заради здодевната директна противречност во неа, а сентиментот го сфатив како и цела останата јавност – како покајание за грешките, додворување отпосле и самоутеха по пораз. Говорникот, Б. Црвенковски (БЦ понатаму) има подлога во математика и компјутерски науки, па како политичар, сигурно мислел нешто слично на таканаречените „гласачки теореми“ (всушност, оригиналниот назив е Jury theorems – за порота) за да изјави вака.

Затоа, верувам дека е дадена во чувство на скромност од еден експерт (инженер и политичар) пред голема маса луѓе од претежно – неексперти, но сепак во неговото очигледно уверување – пристојни луѓе, што е многу важно за намерата – сепак е кажано со почит.

Концептот за „мудрост на масите“

Мора да се признае дека изјавата е скокотлива за умот еднакво како и концептот за „мудрост на масите“ (wisdom of the crowd) на маркизот Кондорсѐ (1743-1794, математичар и филозоф) во неговата гласачка теорема од 1785 г. Но, за разлика од научниот пристап на маркизот во кој се навлегува во условите на концептот низ преиспитувањето на таа „мудрост“ на маса луѓе, во општеството од ова е направена каша и во процесот на симпатизирање, не само гласање. Секако, тоа не може да се должи на БЦ, ниту пак на чудноста на изјавата на начин згоден за клишеизирање, туку на две состојки кои заедно прават „бомба“: Едната е тоа што од содржината гласачката теорема произлегува природен закон колку тоа што може да биде закон и природен за едно општество, а другата е практично некој вид Марфиев закон – ако нешто може погрешно да се пренесе, тогаш така и ќе се случи, а уште повеќе, ако погрешно се сфати, тогаш тежнее да биде најбаксузната варијанта.

Во „режим на работа“ на оптимизам кон пристојноста на денешните гласачи за политички партии, уверувањето дека големата гласачка маса навистина се состои главно од „пристојни“ индивидуи и дека затоа ќе донесе резултат кој е редовно „доволно добар“, е всушност, додавање магични особености на оригиналната поставка на маркизот Кондорсѐ искажана како доволен услов, со цел пристојноста на гласачите да излегува секогаш вистина. Но, таа пристојност не се подразбира, иако Кондорсѐ првобитно моделира за порота, односно зборува за луѓе чие искуство да одлучат точно (внимавајте на овој збор) е баш големко, а и е независно од други „мислења“. Сепак, тврдењето на Кондорсѐ е во два дела, а само првиот ја има за услов „пристојноста“: Ако компетентноста на тие што гласаат е подобра отколку голо нагаѓање со петка-глава (се подразбира дека независно заклучуваат со своја глава од доказите), тогаш, колку повеќе гласачи – толку поточна одлука.

Вториот дел од теоремата, кој е понепријатен, е услов за „непристојност“, односно вели дека ако компетентноста на гласачите е полоша отколку погаѓање со петка-глава на точното, тогаш додавање на повеќе гласачи ја прави работата полоша – одлуката тежнее да е неточната. Вториот дел од теоремата не се подразбира од првиот, но сѐ уште се можни „испеглувања“ до точна одлука, пак зависно од бројот на компетентни гласачи.

„Квака 22“

Затоа, кога се дискутира за неекспертско тело, за БЦ да изјави така (или друг, не е важно), тој би морал да го „вработи“ и неверувањето дека може да постои толкава неисправност на мислата на гласачите, полоша од погаѓање на точното со петка-глава! Ова е „квака 22“, како што ќе видиме, затоа што апсолутно го исклучува вториот дел од теоремата, иако е навидум оптимистично. Последицата на таква состојба би била што природниот закон би ги казнил сите нив затоа што би биле во контрадикција со него. Така, наивно е апсолутното уверување дека „сите опции се горе-долу тука некаде слични, некомпетентните се и онака фини луѓе севкупно, па ќе се испегла што и да изберат – одиме понатаму, не е крај на светот.“  Всушност, дел од Марфиевоста е во тоа неосновано избирање на „поубавиот“ услов за каков е народот. Не дека неоснованоста веднаш го значи спротивното – „неубавиот“ услов, не, туку лишени од податокот за „каквоста“ на народот се спречува работа на зголемување на „поубавиот“ услов со идеја-водилка да не се западне во „неубавиот“.

Имено, во гласачката теорема на Кондорсѐ, објективната вистина – на пример, дали еден обвинет е виновен или не – е базична и постоечка, односно сторувањето/несторувањето на злоделото е конкретен реален факт, а пресудата „виновен“ или „невин“ е само прикачената етикета на фактот (може да излезе и погрешна, не во соодветство со објективната вистина). Според Кондорсѐ, ако секој од поротата си гласа независно според доказите и секој од поротниците има искуство и „добро око“ т.е. со веројатност поголема од половина  да ја погоди објективната вистина (да не биде баш како да фрлал паричка туку подобро), тогаш, дури и да има поединечни грешки, тие би се испеглале колку што повеќе поротници има, односно одлуката од гласањето ќе биде точна, ќе одговара на објективната вистина. Но, од страна на извртувачите – сосем намерни ми се чини, тенденцијата е сосем спротивна – да нема објективна вистина, поточно на исходот му се доделува дека е „објективна вистина“, се заклучува некаква објективност за правилност на изборот, тотално игнорирајќи ги сите Кондорсеови услови – и независноста на поединечната одлука („мислена“ придавка во гласањето на избори!), и компетентноста подобра од фрлање паричка. Тоа е кружно резонирање – дека исправна е таа одлука што народот ја изгласал. Ама не е исправна туку-така, инаку цел свет ќе цветаше оти сите одлуки од мнозинствата така би биле исправни. Да се сетиме дека првото стапнување на слободата, демократијата, либералните вредности низ историјата било низ борби, а првото стапнување на диктатурата е гласано со мнозинство…

Затоа е и вториот дел од теоремата, кој ја адресира некомпетентноста и слепото следење, односно ги дефинира условите за неточна одлука. Кружното тавтологизирање на „што и да е – мудро е, оти многу луѓе бирале“ обезоружува да се инсистира на исполнување на условите од првиот дел на теоремата, барем за независноста на мислењето, прави помирување со можно неточно. Уште повеќе, така намерно може да се овозможуваат условите од вториот дел на теоремата: Компетентноста на многу гласачи да станува полоша од фрлање петка-глава и да се оневозможува самостојноста на мислата. Би требало да има пандан на изразот за „мудрост на масите“, т.е. „глупавост на масите“, бидејќи гласачите во таква ситуација работат на своја штета, но и на штета на оние кои одлучиле да не гласаат.

Масовните медиуми и нелогичките вратоломии

Сигурно ќе се најдат доволно имашни структури за кои ова е посакувано – доволно е само да вложат во масовните медиуми и тие ќе ја заменуваат компетентноста со нелогички вратоломии, ќе ја анатемисаат компетентноста и ќе го хранат егото на некомпетентните за постигнување максимална вкупна неточност (спротивност со објективната вистина). Така се осигурува дека гласачкото тело никако не може да донесе точна одлука. Баксузот е што го имаат вториот дел од теоремата – имаат веројатносен, практично природен закон кој им го обезбедува тоа доколку успеат да постигнат критична маса. После избор на неточното во овие услови, овие структури ќе ги пофалат гласачите дека „мудро“ избрале, односно дека ја оствариле „мудроста на масите“ како од првиот дел на теоремата на Кондорсѐ, додворувајќи им се со „колку многу биле компетентни“, иако одлуката всушност се остварила со вториот дел на теоремата, преку некомпетентност и зависност на мислењето. Не знам како стоиме со замисливоста илјадници луѓе да погаѓаат полошо отколку паричка, но тоа не може да е природно – тоа е јасно, инженеринг. Зголемувањето на зависноста од некои други околности е исто можна, како што беше расипувањето лифтови во Центар, на пример. Сепак, поттикнувањето на зависноста на мислењето е поефтино, тоа е за истите пари како и походот против компетентноста. Таа зависност на мислењето ми има фашо-мирис.

Значи, поради вториот дел на теоремата, не се подразбира како што БЦ има желба, дека „мудроста на масите“ е безусловна. Народот е глупав ако мнозинство го изгласува неточното. Всушност, заради правењето штета сам на себе и на сите други со изгласување на неточното, не може, онака, „по книга“ да си кажуваме дека политичките избори се гласање на „преференца“, „желба“, „волја“ на гласачот, дека симпатизирањето се базира на „чувство“ и „компатибилност на карактерот“ и слични психо-блебетења. Тогаш не зборуваме за демократија и демократски избори, туку за батлерство на тригодишникот што вришти затоа што чоколадото му се скршило накосо или на кретенот што се дере затоа што има многу шлаг во ирското кафе. Таквото разбирање на демократијата е вовед во купишта штетни предрасуди под наметка на поимот за демократија, од кое изворната грешка е во психолошкото ентропирање во „негативното расположение“ (како тригодишникот или гостинот, иако се добро згрижени). А и тоа има фашо-мирис.

Меѓу пропагандата што води кон точното и пропагандата која води кон неточното нема очигледна разлика – мора да се вклучи и резонот и когнитивниот апарат на конзуматорот на пропагандата. Пропаганда и за точното мора да постои во политичките избори бидејќи фактите и нивните меѓусебни релации (пандан на доказите од судницата за поротниците) мора да се прикажат, па медиумите служат за тоа. Токму и затоа постои етичкиот кодекс на новинарите и медиумите, кој очигледно е многу важен заради вмреженоста на медиумите во општеството: Не секоја организација и фирма има моќ да ги поместува распределбите на вредностите лево и десно од нормалноста. (Секое вмрежување прави посложени врски од нормално, па кога се комбинира со нормалноста ја поместува или деформира „ѕвонестата“ нормална крива).

Доаѓаме до проблемот на што е точно и што е неточно и како да дознаеме кое е кое, имајќи предвид дека како гласачи имаме улога на поротници за две опции кои се исклучуваат една со друга. Фактите кои служат како докази ги дознаваме главно од медиумите, па доколку медиумите би биле со критериуми како во судница, на дезинформациите не би им било лесно да се пробијат и да ги заменуваат фактите. Јасно е дека ни поротници изложени на лажни докази може да не одлучат точно, односно се активира вториот дел на теоремата: Се зголемува коефициентот на некомпетентноста затоа што не успеале да најдат контрадикција во лажните докази или, пак, се зголемува зависноста надворешни услови (лагата во доказите). Исто така, некој може да рече и вака: Па не е исто да се погаѓа точност за настан кој веќе се случил (како поротниците) и ваму, гласање за политичка опција која допрва во иднина треба да направи нешто. Е, па, исто е, затоа што и поротниците имаат само посредни податоци и докази за соодветност со објективната вистина за минатото како и гласачите кои резонираат според изложените определби на кандидатите за иднината. Најпосле, кога зборуваме за предвидување на иднината од достапните податоци во сегашноста и од минатото, истото им се случува и на трговците на берзата веќе со децении, што значи нема разлика во резонирањето дали „случката“ е во минатото или во иднината – податоците се секогаш од минатото, а одлуката е за иднината.

Стремеж кон концептот за „мудар народ“

Претпоставката за објективна вистина и „точно“, освен во гласачките теореми е застапена во сите науки, а посветени за нејзино откривање со разни метрики се веројатноста и статистиката, без оглед што степенот на нашето знаење за објективната вистина може да е никаков. Но, во случајов, тоа не е статистиката за „преференците“ на гласачите, туку статистиката со вклучени факти и докази за нашата бинарна понуда (и евентуални откривања на контрадикции меѓу нив), со цел да се исчисти патот за првиот дел на теоремата на Кондорсѐ, односно компетенциите да бидат повисоки одошто петка-глава. И, иако секогаш ќе има некаква зависност на мислата или од неповрзани надворешни услови, општеството треба да се работи на „критична маса“ од луѓе со општа независност на мислата. Да се стремиме кон концептот за „мудар народ“, а не кон „глупав народ“, па можеби апстинентите од гласање тука би помогнале, бидејќи тешко дека имаат полоши компетенции од оние кои редовно гласаат.

За чистење на контрадикциите, еве еден придонес. Во нашиот случај на навидум би-поларизација за ЕУ и против ЕУ и воедно – почитување /непочитување на Копенхагенските критериуми за бугарското мало малцинство, лесно гледаме дека тоа сепак не се четири опции туку две – нашиот избор е бинарен како кај Кондорсѐ. Преправањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се за невозможната комбинација,  проЕУ + непочитување на ЕУ-критериум, е „излудување“ на гласачите преку кршење на најјасниот логички закон на светот – законот за неконтрадикција. Замислете некој сериозно да ви тврди дека овде и сега, ем врне, ем не врне. Ќе го сметате за нетокму. Така и ВМРО-ДПМНЕ шири „неточност“ дека за нив божем важи и Х, и не-Х истовремено, па очекуваат дека од „базенот“ луѓе кои погаѓаат помалку од петка-глава, некој тоа и ќе го прифати. Намерно го побудуваат вториот дел од теоремата на Кондорсѐ.

Проценката на објективната вистина за еден гласач би требало да ги опфати неконтрадикторно аргументите и противаргументите на што е можно посеопфатна рамка за една држава. За среќа, рамката е правопропорционална со големината и/или економската сила на државата, па едни САД, Русија или Кина имаат повеќе за грижење. Принципите на ЕУ за Македонија се најсеопфатната можна рамка во која одат аргументите и противаргументите. Сите аргументи против корупции, криминали, недоволности на ова или она, итн. се земаат предвид со вградување на поглавјата од преговарачката Рамка во функционирањето на државата како и со ЕУ – фондовите. Што се случило со тежнеењето кон објективната вистина тука: Максималната рамка во која аргументите и противаргументите се проценуваат, добиваат метрика, а тоа е проценката на ризици за државата. Ризиците дури и може да се поделат во категории од живеењето како што се насловите на поглавјата од ЕУ-Рамката. Дали, на пример, аргументот за „реципроцитет“ држи вода тогаш? Односно дали ризикот од нереципроцирањето на Бугарија е од ист ранг како ризиците во економијата, стопанството, судството, безбедноста итн.?

Имаше противаргументи во однос на македонскиот јазик и сите се побиени: македонскиот јазик е официјален во ЕУ, отстранети се сите ѕвездички и фусноти во официјалните документи, ЕУ веќе потпишува билатерални документи со Македонија… Бугарија не може да ја асимилира Македонија, не може да се „бугаризираме“ – кој безобразен термин исполнет со лавовска недоверба во себе, особено што историјата не е услов.

Да не си правиме сами Сизифова работа и Пирова победа во едно, од извртување на поимот „достоинство“. Баш тој поим се однесува парадоксално во секоја сегашност: Достоинството од минатото не го имплицира задолжително достоинството во иднината, но достоинството од иднината задолжително го имплицира достоинството во минатото.

Треба да знаете
Moже да ве интересира