Истанбулска конвенција: Најпозната кога никој не ја знае

Истанбулска
Фотографија од протестите во Истанбул Турција, кога земјата чиј најголем град го носи името на Конвенцијата, се повлече од неа во 2021 година. Фото: Википедија

Истанбулската конвенција, реално, ретко кога била тема надвор од експертските кругови. Сега стана. И искрено, мене веќе не ми е важно како — важно е што јавноста повторно слушна за документ што треба да значи заштита од насилство.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Од 2010 до 2017 година работев во канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во Скопје (УНФПА). Во многу комплексни услови, имајќи ги предвид темите и мандатот што ги покриваше УНФПА, сметам дека во тој период, а и подоцна, присуството на канцеларијата придонесе за подобрување на дел од пошироките социјални и општествени структури во нашата земја.

Сепак, моето сеќавање овојпат е насочено кон едно конкретно прашање: „Истанбулската конвенција“.

Во периодот од 2011 до кај 2015/6 буквално ни „изникнуваа рогови од коза“, обидувајќи се да ја промовираме на секој можен начин, со надеж дека Македонија ќе ја ратификува во Собранието. Зборувам за периодот по 2011 година.

Во промоцијата беа вклучени речиси сите канцеларии на ООН во Скопје, граѓански организации, фондации, а имавме и сериозни сојузници внатре во државните институции. Правевме кампањи, трибини, работилници, јавни пораки. Имаше цели тимови луѓе што се трудеа да објаснат што е Конвенцијата, зошто е важна и што значи за државата.

Но, бадијала.

Едноставно не одеше работата. Секој обид завршуваше во ходниците или службите на Собранието и немање политичка воља.

„Истанбулската конвенција“ е договор на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и родово базираното насилство, вклучително и семејното насилство.

Сметам дека важно е да се повтори хронологијата: Конвенцијата е усвоена во 2011 година, а влезе во сила во 2014 година. Целта е едноставна и ќе ја поедноставам до максимум: насилството не е приватен проблем. Државата има обврска да реагира системски на насилство во најширока смисла, вклучувајќи:

  • семејно и партнерско насилство
  • сексуално насилство и силување
  • демнење (stalking)
  • сексуално вознемирување
  • принуден брак
  • женско генитално осакатување
  • принуден абортус и стерилизација
  • насилство „во име на чест“

Но најважниот момент е обврската на државата: превенција, заштита, казнување и политики. Во Македонија, иако ја потпишавме Конвенцијата уште во 2011 година, таа не беше ратификувана сè до 2018 година.

Причината беше идеолошка паника на национално ниво, од онаа категорија сограѓани кои се плашеа дека „децата можеби ќе научат како да станат хомосексуалци“, и затоа што зборот „род“ стана поголем проблем од насилството. А, кога дебатата ќе се сведе на ниво „рамна ли е земјата или е јајце“, тогаш комуникацијата станува банална, а институциите се парализирани.

Тука сакам да додадам уште една специфична иронија: Турција, земјата чиј најголем град го носи името на Конвенцијата, се повлече од неа во 2021 година.

Истанбулската конвенција остана Истанбулска по име — толку.

И конечно, доаѓаме до моментот од минатата недела.

Јавна благодарност до поранешната кандидатка за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која, прашана на кој темел од Истанбулската конвенција би работела во мандатот, реши да зборува за Истанбул — но во историски контекст.

За Ататурк. За секуларизмот. За слободата на изразување. Само не за Конвенцијата.

Но, госпоѓата несвесно предизвика во македонската јавност да се случи неорганизирана национална кампања:

„Гуглај ја Истанбулската конвенција веднаш.“

Или, во помодерна верзија: „Прашај го ChatGPT.“

Истанбулската конвенција, реално, ретко кога била тема надвор од експертските кругови. Сега стана. И искрено, мене веќе не ми е важно како — важно е што јавноста повторно слушна за документ што треба да значи заштита од насилство.

Штета што мораше вака! Или, можеби, не е штета?!?

Зачлени се на нашиот е-билтен