Владата го најави новиот Оперативен план за активни мерки за вработување за 2025 година, со буџет од речиси 40 милиони евра и најавен посебен фокус на младите до 29 години. Во таа насока, се предвидува зголемување на грантот за самовработување од 6.000 на 10.000 евра, чекор што недвојбено може да го поттикне младинскиот претприемачки дух. Но, додека фокусот е насочен кон младите, останува отворено прашањето – дали оваа година конечно ќе се направи сериозен пресврт во вклучувањето на ромската заедница во пазарот на труд?
Асиб ЗЕКИР
Според официјалниот Оперативен план за 2024 година, предвидено беше најмалку 5% од вклучените корисници да бидат од ромската заедница, цел која произлегува и од Националната стратегија за Роми 2022–2030. Сепак, досегашните анализи укажуваат дека реалната опфатеност често останува пониска од предвидената квота. Во пракса, ова значи дека иако бројките на хартија изгледаат охрабрувачки, имплементацијата сè уште не ги одразува реалните потреби и потенцијалот на ромската заедница.
Неофицијално, за 2025 година се говори дека повторно ќе се цели кон квота од најмалку 5% – симболично важен чекор, но дали овојпат конечно ќе биде и суштински доволен?
Многу ромски претприемачи, кои често со децении развиваат микро-бизниси во неформални услови, при аплицирање за грант за самовработување и формализирање на нивниот бизнис завршуваат на резервните листи. И тоа не затоа што немаат идеја, визија или претприемачки дух, напротив, тие често демонстрираат исклучителна способност да одржат бизнис без институционална поддршка. Проблемот се крие во бирократските критериуми, генерализираниот пристап на менторите, па дури и во копирани бизнис планови што се делат како шаблон од страна на менторите од институциите.
Новиот Оперативен план за 2025 може, и треба да биде пресвртница. Не преку декларативна инклузија, туку преку реална, системска, транспарентна и прилагодена поддршка за маргинализираните групи. Овој пат не смееме да дозволиме мерките да останат заложници на статистика без суштина.
Граѓанските организации, особено оние кои работат со ромските претприемачи се подготвени за вистинска соработка. Она што го бараат е партнерство, дијалог и признавање на експертизата на терен. Оперативниот план не треба да биде уште еден формален документ, туку инструмент за социјална правда и економска еднаквост.
Ова е можност што не смее да се пропушти. Во 2025 година, ромската заедница не бара привилегии – бара фер шанса.
Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија