Замислете како ретрибуција кон владетелите кои ја уназадуваат народната живеачка да има смртна или насилна казна. Се разбира, многу радикална мерка, која од корен е невозможна зашто никој доброволно не би се нафатил да ја води земјата. Но, некаква законска ретрибуција е праведно да има и во пристојните системи таа е вградена во владеењето на правото.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Според регистарот на ДКСК имаме 8462 функционери, или како што се изразуваат таму, избрани и именувани лица, односно 1 функционер на околу 220 граѓани. Некој познавач на областа би можел да направи паралела со културните земји дали ова е културна бројка. Сите тие избрани и именувани лица земаат функционерски плати за чија висина не одлучува образованието или стручноста, ни придонесот, туку исклучиво позицијата. До февруари годинава тие плати се пресметуваа како „некоја“ основица помножена со бројче („коефициент“) од 2.2 до 4.5, а од февруари, со број од 1.91 до 3.92.
Владите на ВМРО-ДПМНЕ минатава деценија во законот за функционерски плати ставија фиксна основица, различна од просечната плата (која 2011-2017 се врткаше со влечкање блиску околу 350 евра). Во друг член од законот беше пропишано таа основица да биде просечната плата, но тој беше игнориран, сѐ до одлуката на Уставниот суд лани. Просечната плата до тој момент прилично порасна, накај 500 евра, но зголемување на основицата на функционерите – никаде на повидок! Решението било јасно – да „се тужат“ самите себе за неписмениот член (си нашле некој да поднесе иницијатива до Уставниот суд) и да го активираат членот којшто го игнорирале деценија и кусур. Го лансираа во пропагандата бројот 78% како набедување кон власта дека сама на себе си ги покачила платите и таа наседна на тоа, го изгуби образот не запазувајќи ги старите односи меѓу просечната и функционерските плати преку едноставно брзо намалување на коефициентите (за сите функционери, од сите партии). Всушност, ниедна партија во Собранието не предложи намалување на коефициентите за 1/1.78 = 56% (толку беше едноставно, наместо од 2.2 до 4.5 да бидат 1.23 до 2.52). Граѓанството почувствува потреба од ретрибуција иако просечната плата последниве пет години растеше по неколку илјадарки, а не по неколку стотчиња денари годишно како 2011-2017 г. и еве веќе стигна до околу 700 евра. Ретрибуцијата за „Северна“ не профункционира и алтернативата беше лобување на власта со истиот набој за ретрибуција со економска боја.
Бидејќи функционерските плати по одлуката на Уставниот суд се покачија линеарно со просечната (пазарски кажано, сега се скоро 2 до скоро 4 просечни плати), деновиве се објави дека почнувајќи од јануари 2025 г. тие ќе бидат и уште поголеми од сегашните, за сума од 130 до 330 евра, бидејќи просечната плата од 2024 г. (гледана како функционерска основица) ќе излезе за неколку илјади денари поголема од просечната за 2023 г. Тоа значи дека дополнителни скоро 2 милиони евра месечно (24 милиони евра за 2025) ќе се бидат проголтани во црна дупка како дополна на функционерските плати споредбено со денес, овојпат – уставно. Но, од друга страна, тоа се 100 противпожарни возила (на старо) за само една година, на пример, сигурно со подобри перформанси од овие пожарни што ги имаме. Односно, и оваа власт сега има можност за спасување на својот образ, а и сите партии имаат можност да ги освојат граѓаните заради новата околност што генерира нов набој за ретрибуција меѓу граѓанството. Или нема таков набој сега?
Па, секој ќе се праша дали правиме ние тука феудално општество, пештерско можеби, или…? И, драги правници и економисти пратеници кои ги предлагате (или не) пресметките на овие специјални плати, знаете ли друга формула освен линеарна, со еден коефициент? „Клизна скала“ – познато ви е, нешто, во ситуации кога треба да се ограничи сума што се инфлатира до бескрај? На пример, бројот на функционери над пристојната бројка по глава на жител да влезе „клизно“, па и инверзно во коефициентот? Коефициентот со кој ја множат просечната плата да не биде линеарен туку „клизно“ да се намалува со висината на основицата – просечната плата? Значи, не НИЕ, граѓаните да ве чекаме ВАС, функционерите, сами да си ја си ја ограничите или намалите платата во однос на просечната преку коефициентите, нешто кое, ако ја прашуваме министерката за финансии, никогаш, никогаш не смее да се случи (инаку таа ќе „си оди“!), туку да направите да не ви расте линеарно, автоматски и паралелно со просечната, односно малку да „овенува“ самата, по формула, во насока кон просечната, може ли?
Значи, не НИЕ, граѓаните да ве чекаме ВАС, функционерите, сами да си ја си ја ограничите или намалите платата во однос на просечната преку коефициентите, нешто кое, ако ја прашуваме министерката за финансии, никогаш, никогаш не смее да се случи (инаку таа ќе „си оди“!), туку да направите да не ви расте линеарно, автоматски и паралелно со просечната, односно малку да „овенува“ самата, по формула, во насока кон просечната, може ли?
И сега, човек да се запраша: Покрај сите тековни информации што им доаѓаат заради функцијата, во време кога тековната информација самата вреди пари и моќ, (не – илегално искористување на тоа) зошто дополнителна мотивација за функција да биде и платата? Зошто функцијата се третира ем како вработување (и тоа, без оглед на степенот на образование и работното искуство), ем тие „работници“ се „специјална каста“ која може да си интервенира врз својата плата?
Барем да имаме извесен привид на заслуженост, со оглед дека, барем во Скопје, гледаме дека некако не оди работата, оди наназад и тоа многу. „Град Скопје“ не изгледа како да заслужува многу повеќе од просечната плата. Минимална можеби. Всушност, ако земеме само колку јавниот превоз се упропасти би требало да има и некаков облик на казна, можеби не за неисполнети ветувања, туку за уназадување од претходната состојба. Слично, на државно ниво, од последниов месец – колку вреди влошувањето на односите со Грција? Дивергирањето од стратешката поставеност? Непреземањето доволно мерки против пожарите? Преземањето на инспекторатите под министерствата како најпрв закон по брза постапка во два часот по полноќ со смешно еуфемистичко оправдување за таа авторитарност како „ефикасност“? Со удари врз образованието на среде летни одмори? Напуштање на размислувањето, воопшто, во врска со ЕУ?
Сидо (професор Стефан Сидовски, УСО „Р.Ј. Корчагин“) во еден контекст ни кажа интересна, многу радикална теорија за ретрибуција кон владетелите кои ја уназадуваат народната живеачка, ретрибуција која, се разбира, е од корен невозможна, бидејќи со смртна или насилна казна над главата никој доброволно не би се нафатил да ја води земјата. Но, некаква законска ретрибуција е праведно да има и во пристојните системи таа е вградена во владеењето на правото. Всушност, ако некој сака да го користи терминот „реципроцитет“, тој не е за меѓународни или билатерални односи во кои земјата ти е многу слаба страна по сите основи, туку таа смисла, на реципроцитетот, треба да влезе во правниот систем на државата (секогаш посилна страна), кон поединци кои прават штета или, недајбоже – криминал на функцијата, јасно, без да си игра „спонзорства“ (рекет) со нив!
Затоа, како граѓани, укинувањето на фамозниот член од Кривичниот закон за намалување на времетраењето на казните на осудените функционери го доживеавме како промовирање на неправда. Не помогна многу што се определи притоа брза заплена на имот, бидејќи – зошто не и двете? Штом системски имаме специјална каста и сите си признаваме дека си го негуваме тоа нешто, тогаш за да ја заслужи својата специјална плата (којашто нема врска со неговото образование, стручност и придонес), нели би требало за цел мандат да трпи над главата и зголемен ризик од казна за погрешни или барем за недозволени чекори?
Но, фактот дека строго се казнуваат мали криминали („кражба на ќебапи“), а функционерските штеточинења (што осудени, што неспомнати) поминуваат како ветре развигорче, укажува на сиромаштијата на државата, всушност, на владеење на „правото“ за здружување со (или уцена на) богати луѓе. (Ако чесно заработил, пак, тешко него). Степенот на „соработка“ меѓу „специјалните“ и приврзаната олигархија се смета и за мерка за авторитарноста на државата, бидејќи цедењето на услугите, моќта и јасно, парите, минимално завршуваат во интерес на граѓаните, а максимално во касите на двете класи: „доброволните“ (избраните) со некои неизбрани во сенка се двајца пинг-понг играчи со граѓаните. Како да се стремиме кон владеење на подразбирливост на корупцијата, не само на самата корупција, како и владеење на смешноста на ветувањата дека „ќе биде искоренета“. Во такво нешто, кога општеството е во хипноза, во тлеечка фаза на заробување – не смее да се верува, нели. Кој верува, се смета за безнадежно наивен, а тоа никој не сака да биде. И затоа ветувањата против корупцијата се најгласни, за секогаш да излегуваат депласирани во секој контекст. Да нема начин тоа вистински да се вети, па дури и кога би почнало нешто да се помрднува околу тоа, да изгледа како блеф.
Изгледа како токму партиите (недоветната измислица за овозможување плурализам) да овозможуваат и остваруваат паразитирање во телото на државата, бидејќи тие не се органи, а од државата црпат ресурси и управуваат со нив. Партијата како поим е вон организмот на државата. Некако сосила и набрзинка е набутана таа измислица божем за од неа да излезе ниша за извршна и законодавна власт, од тоа семе да се (ре)генерирааат органите во телото на државата (институциите). Но, самата дефиниција на партијата како неорганско тело, кое претендира да располага со буџетот и институциите, во принцип прави окупатор од секоја партија, особено кога не партнерува, или кога има преслаби партнери. На партијата потоа ѝ останува да одлучи дали ќе биде беневолентен управител со ресурсите или, пак, инсталер на својата вештачка партиска псевдо-држава во државата – иако гласањето како демократски чин го овозможило тоа. Самиот чин на гласање на изборите е неповрзан со каква улога ќе преземат партиите, заради немањето систем на ретрибуција на народот кон функционерите. Самото гласање се смета за вентил на ретрибуцијата, што воопшто не е доволно, а како што видовме може и набојот за ретрибуција да се пренасочи со манипулации. Затоа гласањето (изгласувањето) не е доволно за демократија, како што не е ни храна за ретрибуцијата кон претходните функционери. Демократијата е процес, секогаш во смисла на владење на правото, т.е. онака како што ЕУ нѐ насочи во 2021 – прво да се средиме во однос на Поглавје 23. Компромати во системот не сакаат, бидејќи компроматството е по дефиниција тотално, слично на мафија, комбинирано со системско „спонзорирање“. Културните земји успеваат во демократијата, плурализмот, дури и со страните тела во организмот – партиите, токму заради владеењето на правото во кое етички е вградена граѓанската ретрибуција кон функционерите.
Денеска, без оглед дали предлагачите на меѓународен ветинг изведуваат заплашувачки симулакрум кон власта, само блеф „без пиштол“ или, пак, се искрени, навистина меѓународен ветинг на целиот триножец од законодавна, извршна и судска власт, особено судска која по дефиниција мора да е дел од организмот, а не од страните тела (партиите), би ја одглавил државата од пинг-понгарството на паразитските специјални и елитите во сенка. Уште и ако се дополни со предлогот за незастарување на функционерските штеточинења, заедно со ветингот, ќе нема потреба од ретроактивност. Тогаш би можеле и да го отвориме Поглавјето за владеење на правото, воедно знаејќи дека ретрибуцијата е воглавно заситена, после 30 години.
Но, до тогаш, ќе се тегавиме со наведување на бугарското малцинство во Уставот и ќе ја бркаме ЕУ од нас, ќе ја предизвикуваме да крене раце од нас, притоа изгледа сме тргнале САД да го откачиме од грб и да си матиме, „спозорираме“ и формираме дузина милјардери на наша сметка, до мила волја! Медрано е во градот, ние сме кловновите, но тоа шоу не се пропушта!
*Насловната илустрација е на Алваро Бернис, првично објвавена во Економист