Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јуриш во прегратките на Ричард трети, а шамар за Офелија

Мицкоски е тука да ја затвори Македонија. Веруваат дека единствената важна вредност за неа е кутрата која е изолирана, сама со себе и „своја на своето“

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Во оваа предизборна кампања се нагледав(ме) сè: тешко дека има подобар збор од (нај)описниот – дезориентација. Добиваш впечаток дека ретко кој личи на самиот себе, барем на оние кои ги паметиш по добро: ги гледаш, ги слушаш и ги читаш извесни истакнати граѓани & граѓанки и убаво не ти влегува во глава дали се тие оние кои ти ги познаваш; почнуваш да се прашуваш да не се работи за „киднапирање на (личниот) идентитет“?

Од друга страна, и оние кои ги паметиме по зло не личат на себе, или барем видливо се трудат да не личат на себе. Додуша, личат на најлошото од себе: или можеби немаат повеќе избор освен да го приграбат Ричард трети, а да ја шутнат во некој ќош Офелија. Се плашам дека се работи за она првото. Ама некако сфаќаш дека најдобро е тоа прашање да не го поставуваш јавно, затоа што на тебе ќе гргнат „довчерашните другари“ од онаа твоја политичка „семка“, сето она клиентелистичко друштвенце кое распоредено по бусиите од покојната „национална“ до онаа ултра-мега-покојна „граѓанска“ Македонија кои, во секоја смисла, „помирени“ се со резултатите дури и во вториот круг од претседателските избори.

Гледате и сами: Максим Димитриевски, скришно и притаено, токму како што им доликува (затоа што и ништо друго не се очекуваше од дезориентирани џуџиња, им недостига уште Снежана, или може ја пронајдоа и неа во ликот и (не)делото на Мицкоски?), пресметувајќи се (математички!) дека треба да ја „гушнат новата власт“ заедно со останатите градинарски џуџиња („принципиелно“! Димитриевски-Мицкоски и некаква албанска опозициона коалиција наречена „Влен“).

На кого не му е гадно, нека се sвери во нив, има на што да се чуди. Јас тоа пасивно го гледам, а богами и добро паметам, затоа што знам дека нема да пројде многу време кога ќе тргнат лигавења од типот: „ма ние бевме во заблуда, па каде баш ние во такво друштво, жими нана, ма каде баш ја…“

Ама драг мој читателе, не знам што ми стана, јас денес сакав да ви пишувам за нешто друго, воопшто не сакав да пишувам за „ЗНАМ“, таа „страшно разочараната фракција“ произлезена од СДСМ; зборував веќе во претходниот текст, и се плашам дека ќе има време и повод да зборуваме уште за тоа недостојно и разгаќено моралисување во постдемократска Македонија.

За денешната приказна многу поинтересни ми се оние кои се наоѓаат на другата страна, поточно оние кои останаа десно. И кои овие денови се многу бесни на Албанците од ДУИ. Досега не беа бесни, ама денеска се многу бесни. Тјах! Оние на кои им се „фуќка“ за Европската унија – за оние неупатените – небаре Македонија е некаква атрактивна мома за мажачка која не ѝ се дава на Европа, а во суштина се работи за својата лична кожа и спасување на остатокот од искилавените реси од земјата, општеството, територијата, економијата…

Па, добро, море, Јовановиќу, зарем не знаеме сè за тие очајни и безвезни кафанско-мародерски патриоти и професионални даватели на туѓа крв кои „не го даваат идентитетот“? И дали тие играчи со нешто друго може да нè изненадат? Па, признавам – да нè изненадат не можат, ама може да нè забавуваат во оној наш јад и чемер. Еве и како…

На верскиот празник „Цветници“, денес, поточно вчера, во 12 часот е осветен огромен крст во Драчево, поставен од Општина Кисела Вода во соработка со некаков „Светски македонски конгрес“. Друга бизарност се случи во Министерството за внатрешни работи: петстотини милицајчиња ја пееја песната „Бисер балкански“ под диригентска палка на техничкиот министер, некаков извесен „Ташковски“ или така некое презиме, ме мрзи да го гуглам. Во суштина, важен ли е неговиот идентитет кога знаеме дека и со тоа министерство раководи еден и единствен? Ма, секако дека не ни е важно, барем што се однесува до мене. ВМРО-ДПМНЕ секако е против Европа. И сите кои се занесуваат дека ќе ги решавале Уставните измени за продолжување на преговорите, гадно се во заблуда.

Мицкоски е тука да ја затвори Македонија. Веруваат дека единствената важна вредност за неа е кутрата која е изолирана, сама со себе и „своја на своето“.

Добро, не е весело, се сложувам. Само има еден весел симптом, значаен, пред сè спаѓа во доменот од симболички бизарности, ама сепак – не треба да се заборави дека ВМРО-ДПМНЕ речиси секаде е на власт, иако формално-правно сè уште ја нема заземено извршната власт. Таа партија е пандемија: нејзините градинарски џуџиња имаат една улога – да ни го испираат мозокот по цели денови, и тоа рачно, а од нас да прават будали; нејзините потенцијални коалициони партнери се одлучуваат за многу подиректен пристап, па од самите себе почнуваат да прават будали.

И ти, братко мил, оди па снајди се тука, пливај недопирајќи се со ниеден од нив, гледај чесно и разумно да преживееш… Или тоа, или убаво признај го поразот па фати се во коло со нив: не е тоа така тешко, боли на почетокот, после ќе се навикнеш, нели!? (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира