Како изгледа совршен јавен настап? Да го прашаме премиерот на Канада, Марк Карни

Карни

Елементот што го издвојува говорот на Карни не е инспирацијата или идеолошката порака кон либералните структури, туку неговата точност.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Пред некој ден, во Давос, Швајцарија, на годишниот Светски економски форум, покрај присуството на над 80% од приватните млазни авиони во светот и другите конформистички потреби на глобалната елита, бевме сведоци на историја од повеќе аспекти. Бидејќи мојот личен интерес веќе подолго време стабилно се оддалечува од безбедносната компонента и загриженоста околу Гренланд и Артикот, од особено значење за мене, како некој кој на дневно ниво работи со комуникации, беше обраќањето и јавниот настап на премиерот на Канада, Марк Карни.

Фактот што лично, интимно и политички се согласувам со сè што кажа, целосно ќе го ставам на страна и ќе се обидам да го декомпонирам неговиот јавен настап, а особено суштината на неговото обраќање. Целосно, како што би се рекло, комуникациски школски.

Ден по обраќањето, во јавноста се појави тврдење дека Марк Карни говорот го напишал сам, лично, од збор до збор. Доколку говорот се чита внимателно, оваа информација не делува како политички маркетинг, туку како логичен заклучок. Не поради „авторски стил“ – искрено, тој не го познавам, ниту имав време да го анализирам – туку поради начинот на кој говорот е структуриран, аргументиран и дисциплиниран.

Како експерт за кризни комуникации, можам да заклучам дека елементот што го издвојува овој говор не е инспирацијата или идеолошката порака кон либералните структури, туку неговата точност.

Премиерот Карни го отвора говорот со директна и аналитичка дијагноза: дека постоечкиот глобален поредок не е во фаза на трансформација, туку во фаза на распаѓање. Тој не користи зборови како „криза“ или „предизвик“, туку зборува за нефункционалноста на системот каков што го познаваме. Ова е важен избор. Наместо да ја остави публиката во состојба на неизвесна загриженост или релативизација, тој веднаш ја префрла во аналитичка рамка. Со тоа ја елиминира потребата од драматизација и го насочува вниманието кон причините и последиците.

Во продолжение, Карни експлицитно наведува дека „правилата повеќе не важат еднакво за сите“, алудирајќи на фактот дека големите сили сè почесто ги користат трговијата, финансиските механизми и синџирите на снабдување како инструменти на притисок. Овој дел е особено илустративен за неговиот стил на пишување. Тој не именува држави, не влегува во директна конфронтација и не обвинува никого.  Наместо тоа, тој го опишува однесувањето на клучните глобални политички актери како системска појава. Со ова ја задржува сериозноста на пораката и избегнува политичка поларизација, што е класично правило во технократската комуникација: проблемот се дефинира, но не се персонализира.

Еден од најцитираните делови од говорот е реченицата дека „земјите кои се middle powers мора да дејствуваат заедно, затоа што ако не сме на масата, ќе бидеме на менито“. Иако ова е една од ретките реторички формулации во говорот, таа е внимателно дозирана и поставена во вистинскиот момент од обраќањето. Таа не служи како метафора, туку како јасно резиме на аргумент кој претходно е рационално изграден. Пред оваа реченица, Карни детално објаснува зошто индивидуалното приспособување на волјата на големите сили не е одржлива стратегија. Така, фразата функционира како логичен заклучок, а не како ефектна досетка.

Одлично влегување во финалето на говорот е јасното дефинирање на конкретни чекори. Карни не нуди големи визии, туку ограничен број мерки кои се директно поврзани со дијагнозата. И тоа точно три: зголемување на одбранбените капацитети, диверзификација на трговските односи и инвестиции во домашната инфраструктура. Токму тука имаме потврда дека, додека го подготвувал обраќањето, Карни го знаел и го почитувал основното правило: без листи на желби и без ветувања кои немаат  финансиска подлога. Толку едноставно правило во политичките говори, а толку малку користено барем кај нас.

Карни избегнува морална супериорност и во однос на сопствената политика и во однос на својата земја. Во еден дел од говорот, тој отворено признава дека и Канада, и пошироко Западот, имаат користено од постоечкиот систем и дека сегашните слабости не се резултат само на „другите“. Токму со ова ја гради кредибилноста на својата порака.

Во говорот нема реторички климакс. Тој не повикува на ентузијазам, туку на трпеливост и координација. Како што самиот вели, враќањето на „стариот ред“ не е реална опција и новиот ќе биде потежок, поскап и побавен. Ова е крај кој, колку што разочара некои, толку ги отрезни другите. Оние што бараа оптимизам се разочараа (добија малку), а оние што очекуваа колапс и апокалипса, видоа рационален и стабилизирачки сигнал (добија нешто).

Не можеме со сигурност да знаеме дали говорот навистина е напишан од самиот Карни. Но, во момент кога глобалната политика често се сведува на декларации без суштина, говор кој е технички коректен, логички изграден и јасно ограничен во своите амбиции, со право се препознава како знак на промена.

Зачлени се на нашиот е-билтен