Постојат патишта што ги газиш со нозе – и патишта што ги минуваш со душа. Мојот пат кон себе започна онаму каде што најмалку очекував: на планината.
Долго време живеев заглавена меѓу очекувањата на другите, меѓу тишините што ги голтав и стравовите што ме влечеа назад. Се трудев да бидам „доволна“ за сите, освен за себе. Се изгубив во туѓи мерила, туѓи планови, туѓи желби. И токму кога најмногу мислев дека стојам во место — планината ме покани да се придвижам.
Тоа движење беше тивко, бавно, а сепак силно: како ново раѓање.
Планината ме научи да ја слушам тишината, а во таа тишина — да се слушам себе. Да ги погледнам внатрешните болки и да не бегам од нив. Да го прифатам заморот, потта, забрзаниот здив како дел од процесот, а не како знак да застанам.
Таму, на стрмнините, разбрав дека ништо не е невозможно. Дека секој чекор е мала победа. Дека стравот најмногу се плаши кога ќе го погледнеш в очи. И дека силата не доаѓа од тоа колку можеш – туку од тоа колку веруваш.
А имав и нешто што не го земам здраво за готово: поддршка што не се наоѓа секој ден.
Мојата Благица – ментор, пријател, сила – беше мојот компас кога јас бев без правец. Таа ме „навлече“ на планината, но вистински – ме навлече на мојот живот. Ми покажа дека можам да бидам повеќе, дека сум повеќе, и дека секое искачување започнува со одлука: да тргнеш.
И тргнав.
Научив дека најголемата слобода е внатрешната. А природата ти ја дарува безусловно – само треба да ја прифатиш. Треба да престанеш да го предавaш сопствениот глас. Да се вратиш кон себе, иако тоа е најтешкиот пат. Тежок, но вистински.
Денес, со секоја патека што ја совладувам, чувствувам дека ја совладувам и некоја стара болка, некој стар страв, некоја лажна верзија од себе што одамна требало да ја пуштам.
И знам: планината ме научи да се сакам.
Да си поставувам нови предизвици.
Да се изберам себе – секој ден, одново и одново.
Ова не е приказна за спорт.
Ова е приказна за слобода.
За враќање дома — во себе.
А таму, конечно, сум на вистинскиот пат.
Денеска е Светски ден на Планината, а планината си ти!