Од ова власт добивме некомпетентни лидери во секоја институција, а жените едноставно ги нема. Но, главното прашање што треба да го поставиме не е зошто нема повеќе жени лидерки, туку зошто толку многу некомпетентни мажи стануваат лидери? Вината за ова е во нас. Доколку сакаме да го подобриме нивото на компетентност на нашите лидери, прво треба да ја подобриме нашата сопствена компетентност за вреднување и избор на лидерите.
Љуан ИМЕРИ
Неодамна почина Исмаил Кадаре. Тој беше најсветлата светлина во најтемните денови на Албанија и за Албанците воопшто. Францускиот весник „Ле Монд“ го спореди овој колос со Џорџ Орвел и Франц Кафка, кој со метафора и иронија ја откри природата на тиранијата на Енвер Хоџа, кој владееше со Албанија од 1946 година до неговата смрт во 1985 година.
По објавата за неговото згаснување, социјалните мрежи експлодираа со неговите цитати и делови од неговите дела. Иронично беше што многу постови беа објавени од луѓе што веројатно никогаш не прочитале ниту една книга, не само од него, туку воопшто. Од луѓе кои и да прочитале нешто, не го разбираат тоа што го прочитале (меѓу другото, доказ дека не разбираме што читаме се и резултатите од меѓународните тестирања).
И самиот Кадаре често беше ироничен и пишуваше за иронијата. Во неговите дела иронијата целосно ја открива отуѓеноста на човекот во тоталитарните системи. Па така поединец на кој му бил испран мозокот или е заслепен изразува големо задоволство затоа што повеќе не може да го види светот. Тој ја нарекува темнината светлина, а очите бескорисен орган што го заматуваат мозокот.. Јас имам впечаток дека и на нас многу ни е заматен мозокот!
Бидејќи сеуште ги средувам впечатоците од првиот училиштен ден од новата учебна година, ќе се фокусирам накратко во образованието.
Денот некаде почна со интонирање на химната, некаде со верско делување (иако е противзаконски, сепак го имаше и никој не се охрабрува да зборува за тоа). Јас како борец за човекови права и мировен активист секако дека реагирав на ова второво, но реакциите од опкружувањето се брутални и секако сум обвинет дека “ми е заматен умот“.
Видов многу незадоволни наставници и огорчени родители.
Го погледнав и првиот учебник што го доби мојата ќерка, историја и општество, на албански јазик. Учебникот има педесетина печатни грешки во првите 15 страници што ги прочитав, има останато зборови на кирилица. Се збунив. Не можев да го разберам тоа што го читав. Реченици што повеќе збунуваат отколку што објаснуваат! Помислив, можеби мене навистина ми е заматен умот?!
Требаше да го прочитам учебникот на македонски за да ја фатам логиката на преводот. Морам да признам дека концептот односно холистичкиот пристап на учебникот ми се допадна. Но, по којзнае кој пат докажуваме дека одлични идеи, концепти, решенија ги осудуваме на пропаст поради начинот на кои ги реализираме истите.
Свесен сум дека во многу сегменти од образованието со години владее беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, непотизам и задоволување (вработување ) на партиските интереси. Образованието се соочува со низа предизвици. Некои од овие предизвици вклучуваат проблеми со инфраструктурата во училиштата, неодговорен наставен кадар, како и потребата за модернизација на наставните програми и методите на предавање. Верскиот екстремизам зима се поголем замав.
Свесен сум дека кога имате ваков злобен проблем, решенијата мора да бидат холистички, флексибилни и соодветни за развој. А ние немаме ништо од ова!
Секоја година резултатите ни се полоши од претходната во секоја област. И не, не зборувам само за формалните тестирања во образованието. Резултатите од тестовите се само еден вид на информации. Се разбира, академските резултати се важни. Сакам нашите деца да научат колку што можат повеќе различни теми. Но жалам за падот на резултатите од тестовите и мислам дека тие се важен податок за тоа во која насока се движиме, но има уште повеќе.
Клучната лекција што требаше да ја научиме е дека училиштето е многу повеќе од само место за учење. Таму учиме и стекнуваме вештини за социјализацијата, критичкото размислување, учиме за заедницата и како да коегзистирате со луѓе кои се различни од вас. Згора на сѐ, низ годините освен со мајчиниот јазик, во мојот случај албански, којшто учениците покажуваат дека не го знаат, или уште полошо, дека не го разбираат кога го читаат, имаме многу сериозен проблем со воспитувањето на нашите деца.
Но, оваа власт ветуваше дека има решенија за сите проблеми. Oчекувањата беа многу големи. Засега, особено во областа образование, најкреативното решение што го понуди оваа власт е „да се вратиме по старо“. Од ова власт добивме некомпетентни лидери во секоја институција. Најголем дел од кадровските решенија се несоодветни. И да, намерно пишувам лидери, а не лидерки. Жените едноставно ги нема (освен кога ќе треба да се обвинат за нешто).
По мене, главното прашање што треба да го поставиме не е зошто нема повеќе жени лидерки, туку зошто толку многу некомпетентни мажи стануваат лидери? Зошто дозволуваме некомпетентните да нѐ водат? Сепак веруваме дека вината за ова е во нас. Доколку сакаме да го подобриме нивото на компетентност на нашите лидери, прво треба да ја подобриме нашата сопствена компетентност за вреднување и избор на лидерите. Ако сакаме подобри резултати во образованието ќе треба да се избориме за тоа. И да, какво образование денес, таква иднина утре!