Канаѓаните му испратија силна и јасна порака на Трамп, ечеше химната на Канада

Канадската химна секогаш се интонира и во Монтреал пред меч на канадската репрезентација или на хокеарскиот тим во NHL. Меѓутоа, за првпат се случи навивачите во овој град да ја пеат канадската химна толку СЛОЖНО, ГЛАСНО и МОЌНО.

Ацо ЛУКАРОСКИ

По првите глупости коишто ги направи Доналд Трамп, напишав дека Канада се обедини како никогаш порано… Една од работите коишто спонтано се случија беше масовен бојкот на американски производи.

Две анкети покажаа дека 81% и 84% од Канаѓаните веќе не купуваат работи произведени во САД.

Најновата анкета којашто беше објавена денеска вели дека дури 93% од Канаѓаните рекле ДА на прашањето дали е за Канада важно да се бојкотираат американски производи.

Во поглед на обединувањето, мене нешто друго ми е многу „појако“.

Не знам дали знаете дека изминатите неколку дена се одржа хокеарскиот турнир “NHL 4 Nations” на којшто учествуваат 4-те најсилни репрезентации во светот: Канада, Финска, САД и Шведска.

Во вечерашното финале во Бостон играа САД и Канада и Канаѓаните славеа откако ги победија Американците.

Но, парадоксот е тоа што победникот на турнирот веќе однапред се знаеше.

Тоа се навивачите во Монтреал коишто „титулата ја освоија“ уште пред неколку дена на меч меѓу Канада и САД.

Канадската химна секогаш се интонира и во Монтреал пред меч на канадската репрезентација или на хокеарскиот тим во NHL. Меѓутоа, за првпат се случи навивачите во овој град да ја пеат канадската химна толку СЛОЖНО, ГЛАСНО и МОЌНО.

Пеачот којшто долу на мразот требаше да ја пее химната, го отпеа само првиот стих и го спушти микрофонот.

Салата ечеше.

Тоа што навивачите ја пееја химната на француски јазик секој може да си го подразбере како сака. Мене ми изгледаше симпатично и прифатливо. Тоа е нивниот јазик. Химната ја пееја заради Канада!

И ако зборуваме за обеднување, Доналд Трамп е на добар пат да го обедини и СВЕТОТ против себе, а не само КАНАДА.

Зачлени се на нашиот е-билтен